Македонија
Штекли дише самостојно, неговиот придружник сè уште на апарати, но во релативно стабилна состојба

По вчерашните операции, двајцата ранети во трговскиот центар „Ист гејт“ се во релативно стабилна состојба, сместени на интензивна нега. Во полоша состојба е придружникот на Раде Трајковски-Штекли. Придружникот вчера беше опериран на Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ и неговата состојба е сè уште животозагрозувачка.
„Пациентот е во релативно стабилна состојба по операциите. Сместен е на интензивна нега и сè уште е на апарати. Беше донесен искрвавен и со сериозни повреди во стомакот, градниот кош, белиот дроб, црниот дроб и по опсежна интервенција, состојбата е стабилизирана, но сè уште е во животна опасност. Се работи за 24-годишно момче кај кое, најверојатно, ќе треба уште една операција“, вели Љубен Арсенков, директор на Клиниката за хируршки болести „Св. наум Охридски“ за „Макфакс“.
Состојбата на Штекли, кој, неофицијално, бил цел на напаѓачот, според директорот на Клиниката за торакална и васкуларна хирургија, Неџати Јакупи, е подобра. И тој закрепнува по вчерашните интервенции на неколку органи.
„Пациентот е стабилен, со спонтано дишење, свесен и контактибилен. Имаше опсежна интервенција на левото белодробно крило, кое е извадено, и третман на прострелна рана на десното рамо. Сместен е на интензивна нега и состојбата постојано му се следи“, изјави директорот Јакупи за „Макфакс“.
Штекли и неговиот придружник беа повредени вчера попладне во „Ист гејт“ во период кога трговскиот е полн со посетители.
МВР објави фотографија од напаѓачот и побара помош од граѓаните за негово пронаоѓање и идентификување. На случајот сè уште се работи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Се излеа Маркова Река кај Батинци

Маркова Река се излеа денес по обилните врнежи од дожд.
Во селото Батинци, водата е надојдена, излевајќи се на неколку места околу речното корито.
Ангажирана е механизација за санирање на штетата, а градоначалник на Студеничани, Азем Садики, објави дека забележана е материјална штета во дворовите од куќите кои се наоѓаат во близина на реката.
Засега, според градоначалникот, нема потреба од евакуација.
Фото: ТВ21/скриншот
Македонија
Тетово повика на јавна дебата за промена на имињата на улиците

Општина Тетово в петок, со почеток во 15:00 часот, организира јавна дебата за предлози за имиња на улиците.
„Ги повикуваме сите граѓани, здруженија, невладини организации и граѓанскиот сектор да учествуваат на оваа јавна дебата за именување на улиците“, велат од општината преку допис.
Додаваат дека секој предлог од граѓаните е важен и помага овој процес да биде инклузивен и успешен за граѓаните и градот Тетово.
Македонија
Тошковски: Припадниците на МВР денеска примија плата зголемена за 10 отсто

Припадниците на МВР денеска примија плата зголемена за 10 отсто, информира министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.
„Изминативе години сосема оправдано имаше критики дека платите во МВР се ниски, а очекувањата и одговорностите големи. Често се укажуваше на разлики во однос на некои сродни служби, а чувството на потценетост беше реално и оправдано. Ова зголемување не е доволно, но е еден од многуте чекори што ќе следат во насока на враќање на достоинството и угледот на полицаецот. Целта е јасна – да изградиме модерна, професионална и силна полиција која ќе биде вистински сервис на граѓаните. Продолжуваме понатаму кон обезбедување на подобри услови, поголема поддршка и вистинско вреднување на трудот што секојдневно се вложува“, напиша Тошковски во објавата на социјалните мрежи.