Македонија
Костадиновска-Стојчевска: Го зацврстуваме македонскиот идентитет преку изучување на македонскиот јазик на Универзитетскиот колеџ во Лондон
Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска денеска ја посети Школата за словенски и источноевропски студии (UCL SSEES) при Универзитетскиот колеџ во Лондон каде што, меѓу другите јазици, се изучува и македонскиот јазик.
Костадиновска-Стојчевска се сретна со директорот на оваа реномирана лондонска образовна установа, Ричард Мул, и изрази задоволство од досегашните односи меѓу Република Северна Македонија и Обединетото Кралство кои се традиционално добри и бележат континуиран развој и во областа на културата.
– Министерството за култура на Северна Македонија вложува сериозни напори за поголема промоција и афирмација на македонското творештво и оттука размената со големите библиотечни институции е од непроценливо значење за нашата држава. Верувам дека наскоро ќе имаме проекти кои ќе значат размена и збогатување на библиотеките од двете држави, како и потпишување меморандум во кој би можеле да бидат преточени и конкретни иницијативи – изјави министерката за култура.
Таа нагласи дека Република Северна Македонија е земја на талентирани автори од сите генерации, кои со своето творештво даваат свој придонес во богатството на европскиот културен мозаик. Во овој контекст, додаде дека од непроценливо значење е творечкиот опус на Горан Стефановски кој со години предаваше драматургија на Универзитетот во Кент.
Покрај печатените изданија, Библиотеката на Школата располага и со голема колекција филмови и документарни филмови. Во тој контекст, на средбата стана збор и за можноста некои од остварувањата на македонската кинематографија да бидат дел и од збирките на Библиотеката на Школата за словенски и источноевропски студии. Разговаравме за можностите македонските дигитализирани филмови и ДВД изданија да станат дел од Библиотеката со што ќе влијаеме во афирмација на македонскиот јазик и култура.
Дополнителен настан кој беше истакнат како начин преку кој филмската уметност влијае во зближувањето и запознавањето на културите, и афирмацијата на македонската уметност, е проекцијата на „Кајмак“ на Милчо Манчевски, следниот месец, на Универзитетскиот колеџ во Лондон, каде преку директен контакт со авторот ќе се придонесе во развој на односите во културата.
Дополнителен настан, кој беше истакнат како начин преку кој филмската уметност влијае врз зближувањето и запознавањето на културите и афирмацијата на македонската уметност, е проекцијата на „Кајмак“ од Милчо Манчевски следниот месец на Универзитетскиот колеџ во Лондон, каде што преку директен контакт со авторот ќе се придонесе за развој на односите во културата.
Во рамките на посетата на Школата за словенски и источнословенски студии, министерката за култура се сретна и со професорката Анета Илиевска-Завршник, која подвлече дека изучувањето на македонскиот јазик на оваа престижна установа е повторно востановено од 2019 година и дека бројката на групите заинтересирани да посетуваат курсеви на македонски јазик од оваа година е зголемена.
Беше разговарано за можностите за натамошна соработка во смисла на неодамнешниот настан во чест на македонскиот јазик одржан овде, во Лондон, на кој лингвисти и експерти дискутираа за местото на македонскиот јазик во семејството на словенските и балканските јазици, на кој посебен придонес дадоа говорниците Виктор Фридман и професорката Анета Дучевска.
Министерката за култура Костадиновска-Стојчевска му подари изданија од македонски автори на директорот на оваа реномирана лондонска образовна установа, Ричард Мул, со кои Библиотеката, која има вредна колекција од печатени и дигитални дела за проучувањето на историјата и културата на Централна, Источна и Југоисточна Европа, се збогатува и со дела на македонски јазик.
За студентите, за сите заинтересирани и за сите љубители на македонскиот јазик, македонската литература и култура отсега стануваат подостапни преку делата на Блаже Конески, Петре М. Андреевски, Горан Стефановски.
Министерството за култура и Амбасадата на Северна Македонија во Лондон ќе продолжат да ја поддржуваат Библиотеката на Школата за словенски и источноевропски студии со донирање македонски книги, а со тоа и во иднина ќе се зголемуваат можностите за студентите да го збогатат своето знаење за нашата земја, култура и традиција.
Со воведувањето на курсот за изучување на македонскиот јазик, Школата за словенски и источноевропски студии (UCL SSEES) дава значаен придонес во промовирањето на наставата на македонски јазик и постепено промовирање на нашата култура пред странските студенти.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ: Општина Кисела Вода не е расчистена, туку е блокирана од снег
Информациите изнесени во соопштението на градоначалничката на Кисела Вода се комплетно неточни. Реалната состојба на терен е сосема поинаква, реагираат од Општина Организација СДСМ Кисела Вода.
„Општина Кисела Вода не е расчистена, туку е блокирана од снег. Голем број улици се непроодни, нерасчистени и небезбедни за сообраќај и пешачење, особено во утринските часови. На терен не се забележува соодветна механизација, ниту пак континуирано фрлање сол на критичните и замрзнати точки, ниту денеска ниту во изминатите денови. Во делови од општината, граѓаните сами се снаоѓаат за да обезбедат пристап до домовите, училиштата и автобуските постојки. Тврдењата дека „сите служби се мобилизирани“ и дека „безбедноста на граѓаните е приоритет“ не кореспондираат со фактичката состојба на терен“, велат од СДСМ.
Од таму додаваат дека улиците се лизгави и опасни, јавниот превоз се одвива со сериозни потешкотии и пристапот до градинки, училишта и другите установи е отежнат.
Македонија
(Видео) Ѓорѓиевски: Скопје чисто и проодно, фрлени се 300 тони сол
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, објави видео од чисти улици и кажа дека се фрлени 300 тони сол.
„Скопје, чисто и проодно! Со навремена и организирана реакција, градските служби од раните утрински часови интервенираа ефикасно на сите клучни булевари и улици под надлежност на Град Скопје. Со употреба на повеќе од 300 тони сол, обезбедивме безбедно и непречено одвивање на сообраќајот. Грижата за безбедноста на граѓаните и функционалноста на градот останува наш приоритет, Скопје мора да функционира, без разлика на временските услови“, напиша Ѓорѓиевски.
Сепак, по социјалните мрежи утрово граѓаните од речиси цело Скопје соделуваа фотографии и видеа од непроодни и неисчистени улици, а многумина од нив задоцнија на работа.
Македонија
Со новиот закон ќе биде забрането пушењето цигари пред игротеки и на места каде што се чека во редица за билети
Со новиот предлог-закон за заштита од пушењето е предвидено регулирање на пушењето на отворени јавни простори каде има присуство или движење на повеќе луѓе. Поконкретно, станува збор за простор околу здравствени, образовни и социјални установи, јавни настани, спортски и културни настани, како и места наменети за деца, млади и семејства.
„Ова е особено важен аспект од законската рамка, имајќи предвид дека кога луѓето се блиску, чадот и аеросолот директно се вдишуваат, а изложеноста е непосредна. На јавни отворени простори граѓаните немаат реален избор да се оддалечат, а особено децата, постарите и хронично болните. Законот интервенира само таму каде што постои неизбежна изложеност на други лица, со цел јавниот простор да биде здрав простор за сите“, потенцира министерот за здравство, Азир Алиу.
Посебен акцент е ставен нa локациите каде луѓето не можат реално да избегнат изложеност на чадот од цигари, како на пример, при чекање во ред, простори на отворено каде се престојува подолго и други јавни собири на отворено. За илустрација, луѓето кои чекаат во редица за да купат билет за влез во установа од областа на културата или за влез на спортски натпревар, реално не можат да избегнат изложеност на чад од цигари. Целта на предлог-законот е да се заштити здравјето на оваа категорија население.
Исто така, во делот на регулирање на пушењето на отворени јавни простори, посебно е ограничено пушењето на места наменети за деца, млади и семејства, како на пример пред детските игротеки, каде најмладите не би можеле да избегнат изложеност на чад од цигарите.
Отворен простор не значи автоматски безбеден простор, доколку истиот е функционално ограничен или кога луѓето се наоѓаат на мало растојание и се директно изложени на чад од цигари. Токму затоа, ова е еден од клучните аспекти на законската рамка за заштита на здравјето на населението, а особено на најмладите, појаснува министерот Алиу.

