Македонија
Времето променливо облачно со повремени врнежи од дожд

Времето ќе биде променливо облачно, претежно во јужните делови со повремени врнежи од дожд, на места поројни и проследени со грмежи. Ќе дува слаб до умерен, а во западните делови повремено засилен ветер од југозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 8 до 15, а максималната ќе достигне од 20 до 26 степени.
Во Скопје променливо облачно со слаб до умерен ветер од југозападен правец. Минималната температура ќе се спушти до 13, а максималната ќе достигне 24 степени.
И в петок времето ќе биде променливо облачно со умерен до засилен јужен ветер, а кон крајот на денот ќе има врнежи од дожд, особено во северозападните делови. Од сабота ќе преовладува сончево и релативно топло време.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Виничанец возел брзо под дејство на алкохол, без дозвола и со нерегистриран автомобил, приведен е

Полицијата на регионалниот пат Виница-Берово го приведе М.А.(55) од Виница. При контрола на патниот сообраќај е констатирано дека управувал патничко возило со брзина од 74 километри на час на место каде што дозволената брзина е 50 километри на час.
„По преземени мерки и извршена контрола, исто така е констатирано дека не поседува возачка дозвола и е под дејство на алкохол, односно дека има 1,53 промили алкохол во крвта, по што веднаш бил исклучен од сообраќај и по наредба на јавен обвинител, задржан во Полициска станица Виница. При контролата е утврдено и дека сообраќајната дозвола на возилото што го управувал е со измината важност повеќе од шест месеци и поради тоа му е одземено“, велат од МВР.
Се додава и дека притоа М.А. агресивно се однесувал кон полициските службеници. Против него ќе биде поднесена кривична пријава.
Македонија
Пуштен во употреба експресниот пат Фариш – Дреново, инвестиција од 45 милиони евра

Денес го пуштаме во употреба експресниот пат Фариш- Дреново, во должина од 10,2 километри, со вредност од речиси 45 милиони евра- проект што е директна инвестиција во развојот, безбедноста и иднината на овој регион, на државата, на секој граѓанин, изјави премиерот, Христијан Мицкоски.
Тој додаде дека овој пат е од витално значење и за Кавадарци, и за Прилеп, и за Битола, и за Ресен, и за сите општини од Пелагонија.
„Овие пари, како во минатото, по принципот како до сега, не завршија во нечии џебови, не исчезнаа во провизии, тендери и фиктивни договори. Туку се тука, пред вас. Во асфалтот. Во оваа делница. Во реални, опипливи дела. Дојде време кога државата не е банкомат за моќници, туку мотор на развојот. Дојде време кога проектите не се рекламираат на хартија, туку се градат на терен. Дојде време кога парите од граѓаните- се враќаат назад кај граѓаните, преку проекти, патишта, училишта, фабрики“, рече Мицкоски.
Додаде дека патот Фариш- Дреново, не е само обичен пат туку тој е и порака.
„Порака дека можеме поинаку. Порака дека ако се сака- се може. И доказ дека Македонија нема да биде вечно во застој ако што беше изминатите седум години, туку цврсто граби на патот кон напредокот. Граѓаните имаат очекувања. И ние тие очекувања нема да ги изневериме“, рече Мицкоски.
Македонија
СДСМ да се огради од Костадинов, а ЈО да го праша како планира да му се освети на Латас, реагира ВМРО-ДПМНЕ

СДСМ молчи и по 15 часа од заканата на струмичкиот градоначалник Костадин Костадинов кон новинарот Драган Павловиќ – Латас, реагира ВМРО-ДПМНЕ.
Пратеникот од редовите на владејачката партија, Бране Петрушевски, рече дека СДСМ и нивниот лидер, Венко Филипче, преку Костадинов имаат за цел трајно да го исплашат новинарот и кај него да внесат постојана несигурност.
„Ги повикуваме СДС јавно да се оградат и да го осудат Костадинов, во спротивно ќе докажат дека нападот врз новинарите е нивна партиска политика. Дополнително ги повикуваме медиумските здруженија да го осудат истиот. А воедно, упатуваме апел до ЈО да го повика Костадинов и да го праша дали и како планира да ја изврши осветата, за која сам пишува дека е од траен карактер, а потоа и да поведе постапка против него“, рече Петрушевски.
Претходно Латас рече дека таткото на Костадинов ја искоцкал куќата, а Костадинов за пет години го вратил тоа, заработувајќи куќа, коли, мотори. По ова се огласи Костадинов на социјалните мрежи, со објава дека татко му е починат, а кај нив кога некој ќе ја чепне честа на мртов човек, правдата не се моли туку се зема. Неговата објава е насловена „Проглас и аманет до сите родени и неродени Костадинови!“, а во продолжение додава: „И кога ќе ми се роди внук, ќе знаеш дека некој Костадинов некаде знае кој си. И кога ќе шеташ по улица, ќе гледаш преку рамо – бидејќи не знаеш од каде ќе ти дојде наплатата. Цела фамилија Костадинови те чека. Не за тужба. Не за медиумски циркус. Туку за суд што ние го држиме. Според наши закони. Наши правила. Наши вредности“, се вели во објавата.
ВМРО-ДПМНЕ ја осуди пораката на Костадинов како повик за убиство и линч врз новинарот и во соопштение до јавноста порача до МВР да го повика градоначалникот на распит.