Македонија
За 8 години министер Спасовски – подземјето стана надземје, се пука во молови, ресторани и улици и досега настрадаа десетици лица, велат од ВМРО-ДПМНЕ
Од партијата ВМРО-ДПМНЕ велат дека Оливер Спасовски од пред 8 години е на функцијата министер за внатрешни работи и тој е најодговорен за мафијашките пресметки што се случуваат среде бел ден, во центарот на Скопје, во трговски центри, пред очите на граѓаните.
„Тој е најодговорен за нарушената безбедност на граѓаните. Тој е најодговорен за тоа што царува криминалот и неказнивоста. Престрелката од пред два дена во трговски центар во која има две тешко ранети лица, не е прва. Оваа престрелка е само една во низата мафијашки препукувања во кои досега настрадаа десетици лица. Се пукаа на улици, на паркинзи, во хотели, барови и каде ли уште не, и тоа цело време во мандатот на Оливер Спасовски“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Како што дополнуваат, очигледно е дека наркокартелите или се чувствуваат доволно заштитени од структури во власта за вака дрско да се однесуваат, или пак не ја есапат полицијата.
„И во едниот и во другиот случај Спасовски е директно одговорен дотолку повеќе што ниеден случај не е расветлен и Спасовски постојано како папагал повторува дека истрагата трае, а всушност инцидентите се зачестуваат и стануваат поопасни. Поради Спасовски, подземјето стана надземје во Скопје и завладеа со улиците, трговските центри, угостителските објекти. Граѓаните не се повеќе безбедни. Животот на секој човек е загрозен. Оливер Спасовски, да имаше доблест, ќе си поднесеше оставка или, пак, Ковачевски, ако беше вистински премиер, ќе го разрешеше“, завршуваат од партијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Претпладне променливо облачно, претежно во западните делови со повремен снег, попладне облачноста ќе се намали
Времето денеска, претпладне променливо облачно, претежно во западните делови со повремен снег. Попладне облачноста ќе се намали. Уште од ноќта ќе дува умерен, долж Повардарието засилен ветер од северен правец (над 70 km/h) и засилен ветер особено долж Повардарието ќе има до крајот на денот. Минималната температура ќе биде во интервал од -5 до 3, а максималната ќе достигне од 2 до 11 степени.
Во Скопје претпладне променливо облачно, од пладне сончево. Ќе дува умерен, во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Утре во претпладневните часови времето ќе биде променливо облачно со повремен снег претежно во западните делови. Уште од преку ноќта ќе дува умерен, а особено долж Повардарието засилен северен ветер (над 70 km/h).
Во деновите потоа времето ќе биде стабилно и тивко со ниски утрински температури и со услови за појава на магла по котлините.
Македонија
(Видео) Прокисна инвестицијата од 350 милиони евра, со кофи се собира дождовница во трговскиот центар„Дајмонд“
Со кофи вечерва се собираше вода дождовница на последниот кат од трговскиот центар „Дајмонд“„
Центарот чија проектна вредност како што беше најавено при неговото отворање достигнува 350 милиони евра и нуди вработувања за над илјада лица од разни сектори попушти по вечерашниот дожд кој во попладневните часови го зафати главниот град.
Одговорните своевремено преку него најавија инвестиција од која ќе живне економијата и ќе се отворат нови работни места.
Македонија
Мицкоски од Србија: Овa е доказ за моќта на соработката, Македонија станува водечки извозник на вино во регионот според бројот на литри по глава на жител
Премиерот Христијан Мицкоски од саемот „Винска визија на Отворен Балкан“ во Србија, истакна дека настанот е доказ за моќта на соработката, визијата и посветеноста што земјите ја имаат кон унапредувањето на економските врски, културната размена и туристичката промоција.
Регионалната иницијатива, според него, создава можности што го поврзуваат регионот со светот и токму оваа платформа е пример како традицијата и иновацијата можат да одат рака под рака.
„Горд сум што денеска, овде во Белград, можеме да ги претставиме достигнувањата на македонската винска индустрија, која без сомнение се вбројува помеѓу најразвиените во регионот. Македонија има повеќе од 28.000 хектари лозови насади, а годишно произведуваме околу 100 милиони литри вино, од кои речиси 70 проценти се извезуваат во над 40 земји низ светот. Нашите лозја, кои се простираат низ региони како Тиквеш, Повардарие и Пелагонија, се меѓу најсончевите во Европа, со над 270 сончеви денови годишно, што придонесува за квалитетот на грозјето. Особено сме горди на нашите автохтони сорти, како што се вранец и станушина, кои стануваат препознатливи брендови на меѓународната сцена. Во споредба со соседните земји, Македонија се издвојува по балансот, меѓу количината и квалитетот на произведеното вино. Според податоците, 50 проценти од произведеното македонско вино е со ознака за географско потекло, што ја истакнува нашата посветеност на врвниот квалитет. Дополнително, секторот за вино придонесува со три проценти од вкупниот БДП на земјата, обезбедувајќи работа за над 20.000 луѓе, од лозарите до винарите и извозниците. Со ова, Македонија станува водечки извозник на вино во регионот според бројот на литри по глава на жител“, нагласи Мицкоски.
Изрази уверување дека настанот нема само да ја зајакне нашата винска индустрија, туку дека ќе отвори нови пазари и можности за сите учесници.
Саемот „Винска визија на Отворен Балкан“ не е само место за изложување и дегустација, туку и форум за дискусија, образование и соработка што ќе донесе долгорочни придобивки. Дозволете ми да се заблагодарам на домаќините и организаторите, кои вложија голем труд за да го направат овој настан успешен и да го промовираат Балканот како регион на квалитет, креативност и потенцијал. Сигурен сум дека заедничкиот успех што ќе го споделиме овде ќе биде само почеток на уште поголеми достигнувања во иднина“, кажа Мицкоски.