Македонија
Двајца македонски државјани вмешани за убиство на жена во Белгија – скопското Обвинителство обезбеди докази

Постапувајќи по барање за меѓународна правна помош, Основното јавно обвинителство Скопје и Министерството за внатрешни работи презедоа повеќе комплексни истражни дејства по барање на белгиските истражни органи вклучувајќи и два претреса во Скопје со цел обезбедување докази за убиство од користољубие извршено во Белгија.
Белгиското Обвинителство води постапка за убиство извршено во Остендe, Белгија, откако на 21 март било пронајдено безживотно тело на жена фрлено во близина на граничниот појас меѓу Белгија и Холандија.
Во досегашната постапка на белгиските истражни органи обезбедени се докази за инволвираност на двајца македонски државјани во овој настан, од кои едниот веќе се наоѓа во притвор во Белгија и очекува судење.
Како дел од истрагата за вклученост на вториот македонски државјанин белгискиот истражен судија побара од Основното јавно обвинителство Скопје да преземе повеќе истражни дејства. Врз основа на обезбедени наредби од Основниот кривичен суд Скопје беа извршени и претреси на две локации во Скопје. Јавен обвинител и истражниот центар на скопското Обвинителство, како и повеќемина припадници на Министерството за внатрешни работи, ги реализираа сите активности во согласност со барањето за меѓународна правна помош.
Од белгиска страна, при спроведувањето на истражните дејства во Скопје, беа присутни истражен судија, јавен обвинител и претставници на белгиската федерална полиција, кои исклучително високо ја оценија соработката со македонските истражни органи.
„Овој предмет е вистински школски пример за совршена меѓународна соработка помеѓу јавните обвинители и полициските службеници од Република Северна Македонија и европските правосудни и полициски органи“, оцени претседателот на Истражниот оддел на Првостепениот суд на Западна Фландрија, истражниот судија Кун Витук, по акцијата во која беа обезбедени докази важни за постапката пред белгискиот суд.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Активен е еден пожар на територијата на Македонија, два се под контрола, извести ЦУК

Во текот на изминатото деноноќие, на територијата на Македонија имало вкупно 27 пожари на отворен простор, од кои еден е активен, два се под контрола, а изгаснати се 24 пожари, соопшти Центарот за управување со кризи.
ЦУК извести дека е активен пожарот во општина Долнени, село Долгаец, каде што гори мешана шума.
Под контрола се два пожари, во општина Македонски Брод: Повеќенаменско подрачје Јасен (мешана шума) и во општина Гевгелија, на планината Кожуф (висока шума).
Како што информираше ЦУК, изгаснати се 24 пожари.
Македонија
„Влен“: Бујар Османи го вети автопатот Скопјe-Блаце, но донесе само лаги

„Поминаа 5 години, 7 месеци и 8 дена од свеченото потпишување на договорот за „првите 2 километри“ на автопатот Скопје – Блаце, а ветувањето на Бујар Османи со кое се фотографираше и политички се фалеше остана нереализирано“, велат од „Влен“.
„ФБ сесии, фотографи, изјави, скапи видеа, но резултати нула. Тоа е Бујар Османи. Ветуваа автопати, оставија само албуми со слики. Ветуваа нови болници, оставија семејни трагедии. Ветуваа водоводи, оставија пустош.
Бујар Османи беше министер во владата на Груевски, вицепремиер за европски прашања и министер за надворешни работи кај Заев и Ковачевски, вкупно повеќе од една деценија на највисоки државни функции. За тоа време немаше резултати за овој проект, ниту за албанските општини за кои најмногу ветуваше. Имаше Фејсбук сесии, снимени видеа и лажни ветувања, а резултати нула.
Доста беше со промотивни настани на лажни големи ветувања. Бујар Османи нема што да покаже како резултат зад себе, нема реализирани проекти, нема изградено ништо, нема помогнато никому.
Бујар Османи е политичар кариерист, без резултати. Неговите ветувања денес за Чаир се исти како ветувањето за автопатот кон Блаце пред пет и половина години. Празни“, се наведува во соопштението на „Влен“.
Македонија
На Табановце за излез од државата се чека околу 30 минути

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози. Интензитетот на сообраќајот на патиштата надвор од градските средини е зголемен, извести АМСМ.
Поради летните одмори, се бележи зголемена фреквенција на возила, на ГП Табановце времето на чекање за излез е околу 30 минути. На останатите гранични премини од македонска страна нема подолги задржувања при влез или излез од државата.