Скопје
Андоновска: Градоначалничката Арсовска не е присутна шест месеци по ред на седници за советнички прашања, да им одговори на граѓаните

Ова е трета седница по ред на советнички прашања како што градоначалничката Арсовска не е присутна. Шест месеци таа не е присутна на советнички прашања, ниту на која било седница на овој Совет на Град Скопје, вели координаторката на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата во Советот на Град Скопје на денешната седница за советнички прашања, на која повторно не е присутна градоначалничката Данела Арсовска.
Андоновска посочи дека има повеќе од 50-ина прашања од граѓани што во овие шест месеци ги собрала од средбите со граѓани, а нема како да ѝ ги постави на градоначалничката, освен на овие седници и на седниците што се предвидени за советнички прашања.
„Тоа не се мои лични прашања, тоа се прашања на граѓаните и таа како градоначалник избрана од граѓаните има одговорност и должност да биде присутна тука за да можеме да ѝ ги поставиме овие прашања и граѓаните да добијат одговор. Ако таа не чувствува одговорност од оние што ја избрале, тогаш како мисли да формира партија и да ги бара гласовите од оние на кои не им одговара со месеци“, истакна Андоновска.
Додаде дека на овие седници исто така се носат одлуки што имаат финансиски импликации, кои се пари на граѓаните, а од друга страна, ниту Советот ниту граѓаните имаат информации каде завршуваат овие народни средства, а градоначалничката никаде ја нема за да даде одговор.
„На овие седници се носат одлуки, тие одлуки имаат финансиски импликации, тие пари што ги предвидуваат одлуките, доколку бидат донесени, треба да се излеат од градската каса. Тие пари не се ниту мои, ниту на Арсовска, ниту ваши, тоа се пари на граѓаните. За ние да ја донесеме таа одлука, мора да дебатираме, мора да ги вкрстиме аргументите и да донесеме најсоодветна и најправилна одлука. Ние како Совет немаме информации каде завршуваат овие средства ниту, пак, можеме да дадеме поддршка од причина што овие пари не се наши лични, туку се пари на граѓаните. Ако истата оваа градоначалничка не го чувствува тоа што јас го зборувам сега како факт, тогаш не знам зошто сè уште седи и ја држи позицијата и го блокира Скопје“, истакна Андоновска.
Андоновска го замоли претседателот на Советот, Трајко Славески, да им одговори дали има услови денеска да се одржи оваа седница и да дојде градоначалничката да им одговори на прашањата на граѓаните.
„Доколку тоа не е така, барам седницата да не се затвори, како што не се затворени претходните две, туку да се одреди друг ден за да продолжи оваа седница, т.е. не оваа, туку онаа пред шест месеци што ја имавме, исто така за советнички прашања, и да почнеме да ги реализираме седниците за советнички прашања онака како што треба, со присуство на градоначалник, со присуство на директорите и да може граѓаните да добијат одговор за сето она што ги засега“, потенцира Андоновска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Фото) Ѓорѓиевски: Првенците од Кисела Вода ќе летуваат бесплатно

Градоначалникот на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски им додели награди на најдобрите ученици, првенци на генерацијата од сите осум основни училишта на територијата на општината.
Вкупно 24 ученици, односно тројцата најуспешни ученици од секое училиште, добија бесплатно летување во летниот едукативно-рекреативен камп SCOUT во Охрид, додека девет од нив, кои според рангирањето имаа најголем број на поени, беа дополнително наградени со висококвалитетни очила за сонце, извести општина Кисела Вода.
„Оваа активност е дел од јасната и доследна заложба на општината да препознае, поддржи и да ги награди трудот и знаењето кај младите, но и да создаде амбиент во кој успехот се вреднува, а учениците се мотивираат да продолжат по патот на учење и личен раст.
Општина Кисела Вода, преку ваквите проекти, ја исполнува својата мисија да гради стимулативна средина во која секое дете ќе има шанса за напредок и афирмација, препознавајќи го образованието како клучна алатка за индивидуален и општествен развој“, соопштува Општината.
„Ние како општина градиме систем кој ги поддржува младите и им дава поттик да се стремат кон повеќе. На овој начин не само што им ги честитаме извонредните достигнувања на овие млади луѓе, туку и испраќаме порака до сите ученици дека трудот, знаењето и истрајноста секогаш ќе бидат препознаени и наградени. Остануваме посветени на креирање услови во кои секое дете ќе има можност да расте, да се развива и да го реализира својот потенцијал. Горди сме што во Кисела Вода растат генерации што ветуваат“, изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Македонија
Герасимовски: Даночната канцеларија во Центар нуди побрза и поедноставна услуга за нашите жители

Општина Центар ги информира сите граѓани кои сѐ уште не добиле Решение за наплата на данок на имот за 2025 година дека можат да ги регулираат своите обврски со директно обраќање во општинската даночна канцеларија.
„Истурената даночна канцеларија значи побрза и поефикасна услуга. Целта ни е граѓаните навремено и лесно да ги завршат своите обврски“, изјави градоначалникот Горан Герасимовски.
Граѓаните преку општинската канцеларија можат да добијат решенија за данок на имот за физички и правни лица, информации за состојбата со платените решенија, можност за промена на податоци во постојни решенија (како адреса, сопственик или имотен лист), пријава на нови обврзници, допријава на имот од легализација, како и корекција на квадратурата според имотниот лист.
Канцеларијата е отворена секој работен ден, од 08:00 до 16:00 часот, во Општина Центар, барака број 5, соба 15.
За повеќе информации можете да се обратите на телефонскиот број 070 316 796, кај одговорното лице Маја Дичева или на е-пошта на следната адреса: [email protected].
Македонија
(Фото) 400 ученици од Гази Баба заминаа на летен камп

Утрово 400 ученици од општинските основни училишта на територија на општина Гази Баба заминаа на училишен летен камп, кој се реализира во организација на Сојузот на училишен спорт на Гази Баба со субвенционирање од општината.
„Во рамките на кампот, учениците ќе бидат дел од спортски, едукативни и забавни активности, а дополнително ќе имаат обука за основна пливачка техника.
Општина Гази Баба со реализација на оваа мерка успеа да донесе радост кај децата, а една од клучните цели која се постигнува е поголема социјализација на учениците“, велат од Општината.
На испраќањето на учениците, покрај родителите присуствуваше и градоначалникот Бобан Стефковски кој им посака среќен пат и добра забава на учениците.
Овој камп се релизира трета година по ред.