Скопје
Станковиќ: Несериозно и недомаќински е СДСМ да гласа 2 милиона евра за ЈСП и Арсовска, без каков било отчет

„Ценев дека за ова прашање треба да се произнесам и да ги кажам моето мислење и мојот став бидејќи некако провејува, за жал, во јавноста дека Советот е тој што ја кочи работата на Јавното сообраќајно претпријатие. Јас имам сосема поинаков впечаток за тоа и затоа сметав дека треба денеска и да се произнесам на повторното враќање на барањето да се одобрат субвенции од страна на Советот на Град Скопје во висина од 110 милиони денари за потребите на Јавното сообраќајно претпријатие – Скопје“, истакна советникот на Советот на Град Скопје, Малиша Станковиќ, на денешната седница за советнички прашања.
Станковиќ потсети дека по добивањето на мандатите како советници една од првите точки што биле на дневниот ред се извештаите за состојбата на јавните претпријатија.
„Ако се сеќавате, на почетокот кога го добивме мандатот како советници заедно со градоначалничката, една од првите точки што ни беа на дневниот ред беа токму извештаите на јавните претпријатија. И таму ја видовме и онака познатата лоша состојба во која се наоѓа Јавното сообраќајно претпријатие, односно ЈСП Скопје. Тогаш донесовме заклучок дека треба најбргу што може да се преземат одредени активности и чекори како би се надминала таа лоша состојба што ја видовме преку доставените извештаи“, појасни советникот.
Тој рече дека советниците констатирале оти извештаите голем дел од работите ги скривале. Нешто слично се случува и во сегашните извештаи пратени од јавните претпријатија. Конкретно, за ЈСП Скопје може да се види дека во првото тромесечје има една форма на извештај, а во второто тромесечје друга форма. И недостигаат ставки за да не може до крај да се види точно каде одат и како се трошат предвидените средства.
„Иако ние како Совет баравме воедначување на пристапот при поднесување извештаи. Но, тоа ќе го зборуваме кога ќе дојдат оние годишни извештаи“, укажа советникот.
„По настаната состојба на промена на директорот, градоначалничката, иако не е присутна, тука го фалеше претходниот директор дека бил многу добар, дека тој ќе ја оправи работата, дека бил чесен и сл. Меѓутоа, за кратко време видовме дека освен закана кон колега советник, веднаш имаше штрајк во претпријатието од страна на вработените бидејќи не земаа плати, тој влезе во конфликт со синдикатот, но набргу дојде и реакцијата од градоначалничката, која баш во тој период и го раскина договорот со тогашните приватни превозници. Во таква една состојба ја дочекавме првата година, каде што и тогаш од советниците беше побарано итно да изгласаат дополнителни субвенции за вработените да може да земат плата“, потсети Станковиќ.
Тој рече дека сака да ја потсети градоначалничката, иако не е тука, дека на 12 декември минатата година Советот донесе одлука да се достави извештај за севкупното работење на ЈСП Скопје. И тогаш како Совет даде рок од седум дена да биде доставен тој извештај. Една година подоцна, односно дали советниците добија извештај – не!
„Не добивам извештај, органот што го има направено јавното претпријатие не добива извештај. Ги добиваме проформа извештаите, кои законски одат тримесечни, шестмесечни, деветмесечни и на крајот – годишни. Меѓутоа, тоа е запазување на законската форма. Законска форма е и органот што го формирал претпријатието да побара вонреден извештај за работата на претпријатието“, нагласи тој.
Советникот рече дека 11 месеци веќе поминаа, а не добија одговор што се случува со претпријатието.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Фото) Презентирано визуелното решение за новата Универзална сала

Денеска, пред македонската јавност беше презентирано визуелното решение за новата Универзална сала – модерен и функционален објект, кој ќе го врати значењето на оваа култна локација и ќе ѝ даде нова енергија на културната сцена во Скопје.
Проектот, кој беше преземен од Град Скопје, е задржан во делот на идејното архитектонско решение, а изработката е дело на проектантот Бујар Муча. Во конструктивниот дел беа направени измени врз основа на насоките од испитувањата што Министерството за култура и туризам ги побара како неопходност што произлезе од пожарот на објектот, извести Министерството за култура.
Она што е особено значајно во решението е дека ќе се задржи постојната форма за почитување на колективната меморија, Универзалната сала ќе располага со капацитет од 1.200 седишта, а ќе има и нова просторна акустика со современи техничко-технолошки системи, како: HVAC, сценска механика, ЛЕД-осветление, аудио-видео и електрични инсталации. Предвидени се и нови современи материјали и во ентериерот и во екстериерот, објектот ќе биде енергетски ефикасен, а е изработено и современо, атрактивно партерно и хортикултурно решение.
Очекувањата се до почетокот на октомври да завршат постапките за избор на изведувач и надзор по што ќе почне изградбата на Универзалната сала по системот клуч на рака. Планирано е изградбата да биде завршена до крајот на 2027 година, а од 2028 година Универзалната сала ќе биде подготвена да биде дел од програмата „Скопје – европска престолнина на културата 2028“. Инвестицијата е проценета на 20 милиони евра, соопшти Министерството за култура.
„Ова не е само објект – ова е инвестиција во културата, идентитетот и во иднината на Скопје. Универзалната сала ќе стане модерен симбол на културна размена, креативност и заедништво, достапна за сите граѓани. Со нејзината изградба создадовме предуслови Скопје да го зачува духот на својата културна традиција, но и да ја зајакне својата улога како европска престолнина на културата за 2028 година“, истакна министерот за култура и туризам, Зоран Љутков.
Македонија
Санкционирани 𝟣𝟢𝟧 непрописно паркирани возила на територијата на општина Центар изминатата недела

ЈП Паркинзи на Општина Центар во соработка со Сообраќајната полиција-Скопје во периодот од 09.09. до 14.09.2025 година, со помош на специјалните возила „Пајак“ отстранија 105 непрописно паркирани возила кои го попречувале нормалното и безбедно одвивање на сообраќајот, извести ПОЦ.
„За трајно решение на сообраќајниот метеж и проблемот со неправилното паркирање неопходна е поголема сообраќајна култура, затоа ЈП ПОЦ и СВР Скопје во наредниот период ќе продолжат со секојдневно отстранување на сите непрописно и несовесно паркирани автомобили во Општина Центар со цел да се подигне сообраќајната свест на повисоко ниво и да се зголеми безбедноста во сообраќајот“, соопшти ПОЦ.
Македонија
Герасимовски: Нови детски игралишта, зеленило и решавање на проблемот со паркирањето на Водно

Градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски во рамки на проектот „Маалски муабети со Горан“, се сретна со жители на населбата Водно.
Жителите се пожалија дека често се случува да пукне некоја водоводна цевка и да тече вода со денови, но никој не реагира.
„И до нас стигаат поплаки во делот на водоводната мрежа која е под ингеренција на Град Скопје и Јавното претпријатие Водовод и канализација.Гледајќи дека нема слух од надлежните, сами ја реконструираме водоводната мрежа и ги отстрануваме аномалиите оставени од страна на Водовод. Наша цел ќе биде да ги подобруваме условите и правиме што повеќе детски и спортски игралишта во овој дел на Центар и секако ќе дадеме се од себе да го збогатуваме зеленилото секаде во општината. Правиме посебни Програми при издавање на дозволи покрај задоволителен број на паркинг места да има и зеленило и дополнителни високо стеблести дрвја во секоја парцела која што ќе има ново градба”, рече градоначалникот Герасимовски.
Голем проблем за здравствените работници и пациентите на Водњанска и околу Клинички центар е паркингот.
„Фрекфенцијата на луѓе и сообраќај на овој дел на Центар е најголема, во самиот ДУП кој што општината го донесе минатата година е предвидена и катна гаража за да ги задоволиме потребите. Во постојана комуникација бевме и сме со министрите за здравство се со цел да најдеме начин како ќе помогнеме.Паркингот за кој што со години се зборува дека ќе се реконструира да се направи монтажна гаража во парцелата на Државна болница. Верувам дека набрзо и тоа решение ќе отпочне да се реализира, се со цел да ги задоволиме потребите и на вработените кој што се во болницата, но и на сите пациенти“, потенцираше Герасимовски.
Предвидени се средства за реконструкција на улицата Востаничка во делот кој припаѓа на општина Центар, но не само со нов асфалт, туку и санирање на водоводната и канализациона мрежа како и поголема безбедност во сообраќајот, велат од Општината.
Герасимоовски се заложи да се задржи традицијата на автомобилски трки на Водно, а најмалку една трка ќе биде финансиски подржана од општина Центар.