Македонија
Герасимовски: Се асфалтираше улицата ,,Столтенбергова” пред Градскиот стадион
Вчера започна асфалтирање на улицата „Столтенбергова” која ги поврзува Градскиот парк, Градскиот стадион и кејот на реката Вардар и која е опфатена во меѓуопштинската соработка со Градот Скопје и Општина Центар.
Асфалтирањето го работи ЈП „Улици и патишта“ и истото се одвива на потегот пред градскиот стадион каде беше вградена камена коцка односно калдрма.
„Вчера започна со асфалтирање на потегот пред Градскиот стадион „Тодор Проески“ кој беше покриен со калдрма која беше навистина многу оштетена. Со асфалтирањето на овој потег практично се изедначува целиот круг околу градскиот стадион со што се доби целина земајќи го фактот што калдрма имаше единствено на овој потег“, вели Герасимовски.
Со меѓуопштинска соработка со Градот Скопје претходно во август месец беше реконструирана и улицата „Славејко Арсов“ на Водно каде беше поставен нов асфалт и нови рабници.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Јаболкото „ајдарет“ ќе се продава по минимална цена од 18 денари
Од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ), преку соопштение, вечерва информираат дека и денеска се разговарало за пласманот на јаболкото од оваа реколта.
Министерот Цветан Трипуновски во писмена изјава по средбата со откупувачи на јаболка во Ресен, наведува дека денеска имале втора средба во рок од 10 дена.
– Откупувачите ги соопштија цените и тие веќе од понеделник треба да бидат истакнати на секое откупно место. И она што јас можам да го ветам према земјоделците, е, дека процесот ќе го следиме преку Земјоделскиот инспекторат, да помине сѐ согласно законите и процедурите и она што сме го договориле, истакнува министерот.
Трипуновски додава дека ќе се следи состојбата и секоја тенденција за зголемување, согласно потребите на пазарот, ќе има и корекција на самата цена.
– Овојпат за првпат како Министерство покажавме како на заедничка маса помеѓу откупувачите и земјоделците можеме да извлечеме некои цени, што, се надевам, дека ќе бидат прифатливи од двете страни, додава тој.
Тој посочува дека во наредниот период, Министерството останува отворено за да се разговара за сите програми и сите поддршки што треба да ги дава, како и за измена на законите и процедурите што ќе значат „дефинирање на одредени слабости што низ годините се случувале во текот на откупот“.
Според еден од откупувачите, како што се додава во соопштението, на денешната средба се дошло до решение да оваа сезона се започне со минимална цена со што јаболкото од прва класа „ајдарет“ да биде до 18 денари со тенденција на пораст. Сортите да бидат со минимални цени од 20 до 22 денари. Но, сепак, се додава во соопштението, сѐ ќе зависи од сортата на јаболка.
– Доколку имаме добри земјоделци, ќе имаме и добри фирми понатака. Откупната цена на индустриското јаболко ќе започнува со цена од 8 денари со тенденција од побарувачката и таа цена да расте кон повисока цена, се цитира откупувач во соопштението на МЗШВ.
Македонија
СДСМ: Мицкоски лаже, во изминатите години ние ја зголемивме просечната плата до над 41.000 денари
„Христијан Мицкоски денеска повторно излажа. После седум години постојан раст на просечната плата, во јули годинава има пад за речиси 1.000 денари, според официјалните податоци од Државниот завод за статистика“, велат од СДСМ.
„Тоа се фактите. Просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во јули годинава изнесувала 40.961 денар и е за 1.000 денари пониска од јуни кога изнесуваше 41.939 според податоците од Државниот завод за статистика. СДСМ во изминатите години ја зголеми просечната плата до над 41.000 денари. Во времето на ДПМНЕ просечната плата беше на половина, едвај 20.000 денари. Во 2015 година, во времето на ВМРО-ДПМНЕ просечната плата изнесуваше 20.853 денари. Платата постојано растеше со СДСМ со години наназад, во 2020 година просечната плата беше 28.294 денари, во 2022 година беше 34.364 денари а во 2024 година достигна над 41.000 денари. Тоа е таа разлика. Дојде ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски и платите почнаа да паѓаат. Платите се намалуваат а цените остануваат високи и растат. Со вакви погрешни економски политики на Мицкоски стандардот на граѓаните само ќе опаѓа“, се вели во соопштението на СДСМ.
Македонија
Николовски: ВМРО-ДПМНЕ манипулира, цените на хотелските соби се во согласност со нашите правилници
Бројките изнесени од пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Бране Петрушевски се неточни и со истите манипулираат, како само еден пример ќе кажам дека цената на хотелското сместување во Вермонт беше препорачано од тамошните власти и не изнесуваше повеќе од 150 долари по вечер, реагира Љупчо Николовски од СДСМ на објавите дека потрошил 16.000 евра за кафеани и ресторани.
„Ние повторно сме сведоци на небулозни и смешни обвинувања од ВМРО-ДПМНЕ, кои во рекордно време успеаја да ги влошат односите со сите соседи и да ги расипат напорите за изградба на соработки во последните седум години. Овие напори резултираа со зголемен извоз на вино и земјоделски производи, учество на врвни саеми и промоција на нашите производи. На пример, за прв пат во историјата, Македонија беше претставена на престижниот саем Белавита во Чикаго, што е причина за гордост. Понатаму, посетата во Вермонт вклучуваше највисоки претставници, меѓу кои и Секретарот за земјоделство на Вермонт, комесарот за шумарство и генералот на војската, кој е голем пријател на Македонија. Посетата на Италија, беше заедно со Претседателот на Република Србија со кои заеднички се претставивме на уште еден престижен саем. Во врска со цените на хотелските соби, сите се во согласност со нашите правилници, а хотелите се препорачани од нашите амбасади и претставништва во странство. Никогаш не сум одлучувал јас дирекно за моето сместување“, се вели во реакцијата на Николовски.