Свет
Сите Американци да го напуштат Либан – итен повик од Стејт департментот
Стејт департментот ги повика американските граѓани во Либан веднаш да ја напуштат земјата, додека се уште се достапни комерцијални летови, поради непредвидливата безбедносна ситуација,
Предупредуваат дека летовите за евакуација со помош на американската војска веројатно нема да бидат можни.
„Треба да имате план за акција за кризни ситуации што не се потпира на помошта на американската влада. Најдобро време за напуштање на земјата е пред криза, ако воопшто е можно”, се вели во соопштението.
„Ретко се случува евакуација на државјани на странски земји со помош на американската војска. Нема гаранција дека американската влада ќе ги евакуира граѓаните на САД и членовите на нивните семејства во кризна ситуација. Во случај да дојде до евакуација со помош на американската војска, нашиот фокус ќе биде да им помогнеме на граѓаните на САД”, кажа Стејт департментот.
Во соопштението пишува дека американската влада генерално не може да обезбеди превоз во земјата за време на криза.
„Нема да можете да носите домашни миленици со себе при каква било евакуација спроведена од страна на американската војска од Либан. Ќе мора да потпишете дека ќе и ги надоместите на американската влада трошоците направени во случај на асистирана евакуација“, се вели во дописот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Путин три часа преговара со пратениците на Трамп за Украина
Разговорот меѓу рускиот претседател Владимир Путин и специјалниот пратеник на американскиот претседател Доналд Трамп, Стивен Виткоф, трае веќе три часа и засега нема најава за негово завршување. На состанокот учествуваат и Јуриј Ушаков и Кирил Дмитријев од руската страна, како и Џаред Кушнер од американската делегација.
Состанокот е дел од интензивна дипломатска активност последниве две недели. Според изворите на Аксиос, Виткоф и Кушнер утре треба да го информираат украинскиот претседател Володимир Зеленски за разговорите во Москва.
Американскиот план за примирје, првично со 28 точки, сега е фокусиран на утврдување де факто граница како дел од можен договор. Путин изјави дека предложениот план може да биде основа за разговори, но Русија не отстапува од клучните барања, вклучувајќи ја и контролата врз целиот Донбас. САД наводно ја повикале Украина да направи територијален отстапок, што е политички тежок потег за Киев.
Зеленски од Даблин порача дека најтешки делови од планот се територијата, користењето замрзнати руски средства и безбедносните гаранции. Тој смета дека постои „најголема шанса досега“ да се стави крај на војната. Потврди дека со САД е усогласен нов мировен договор со 20 точки.
Украина е подготвена за нова средба со Виткоф и Кушнер по нивниот состанок во Москва, а опција е таа да се одржи во Брисел, каде утре заседава НАТО. На состанокот нема да присуствува американскиот државен секретар Марко Рубио.
Регион
Лукас: Половина Србија се дружи со Ориќ, нема да остапам ни милиметар пред Додик
Српскиот пејач, Аца Лукас изјави дека доживеал неравда по објавената фотографија со Насер Ориќ и дека „нема да отстапи ниту милиметар“ пред Милорад Додик, кој му го забранил концертот на Јахорина.
За „Аваз.тв“ кажа дека фотографијата погрешно се толкува и дека прв пат го видел Ориќ. Лукас истакна дека не знае дали концертот во Сараево му бил забранет поради неговата претходна поддршка на Додик, додавајќи дека „половина Србија и Република Српска се дружат со Ориќ“.
Откако Олимпискиот центар Јахорина официјално го откажа неговиот настап, Додик изјави дека Лукас „го изгубил кредибилитетот за секое идно гостување во РС“. Лукас му возврати дека тој не барал поддршка од Додик, туку обратно, и дека повторно ќе настапува на Јахорина.
Пејачот нагласи дека нема намера да се извинува за нешто што, според него, е преголема реакција и пример за двојни аршини.
Тој додаде дека не бил свесен кој седел до него кога е направена фотографијата и дека не сака да прави поделби по национална основа, туку „луѓето ги дели на добри и лоши“.
Лукас оцени дека целата ситуација е политички мотивирана, дека никого не навредил и најави правни чекори поради забраната за настапот.
Свет
Уапсена поранешната шефица на дипломатијата на ЕУ, Федерика Могерини
Поранешната висока претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика и актуелен ректор на Колеџот на Европа, Федерика Могерини, е приведена како дел од истрагата на Европското обвинителство за можна измама во врска со академијата финансирана од ЕУ за млади дипломати, објавуваат белгиските медиуми.
Европското јавно обвинителствопретходно денес објави дека предмет на истрагата е Дипломатската академија на ЕУ, деветмесечна програма за обука на млади дипломати во земјите-членки, која Колеџот на Европа ја доби на тендерот на Европската служба за надворешна акција (ЕЕАС) во 2021 и 2022 година.
Обвинителството истражува дали ЕЕАС ги прекршила правилата за тендер со споделување доверливи информации со Колеџот пред да му биде доделен проектот.
Поранешната шефица за надворешни работи на ЕУ, Могерини, е приведена на сослушување, потврдија судски извори за белгискиот весник „Стандард“.
Меѓу уапсените е и Стефано Санино, генерален директор на одделот на Европската комисија за Блискиот Исток, Северна Африка и земјите од Заливот, кој беше генерален секретар на ЕЕАС за време на мандатот на Могерини, објавува „Белга“.
Белгиската полиција денес ги претресе канцелариите на ЕЕАС во Брисел, просториите на Колеџот на Европа во Бриж, кој добива средства од ЕУ, како и приватни домови во Белгија, вклучувајќи ја и приватната резиденција на Могерини во Бриж.
Могерини ја предводеше ЕЕАС од 2014 до 2019 година. Од 2020 година, таа е ректор на Колеџот на Европа, а беше избрана и за директорка на Дипломатската академија на ЕУ.

