Економија
Трипуновски: Поради лошите политики на владата и Николовски, Македонија стана увозно зависна

Цветан Трипуновски, претседател на комисија на ВМРО-ДПМНЕ за земјоделство, шумарство и водостопанство на денешната дебата насловена „Важно е македонските земјоделци да ја хранат Македонија“ во рамки на кампањата „Важно е! Од тебе зависат промените“ зборуваше за тоа во каква состојба е земјоделството поради негрижата на власта, министерството и министерот.
-Изминативе 7 години со СДСМ на власта практично секоја година почнува со протести на различни категории на земјоделци ширум Република Македонија, тоа е затоа што СДСМ ветуваше живот, а донесе пекол на македонските земјоделци. Нема земјоделска гранка која што не е клекната на колена, македонското земјоделско производство не е десеткувано, односно Македонија стана увозно зависна комплетно речиси на храна. Ова значи дека и сточарите и полјоделците и градинарите и оризарите едноставно секоја гранка во Република Македонија мора спасот да го бара на протести затоа што владата, министерството, министерот-оној кој требаше да биде татко на земјоделците немаат слух за нивните проблеми односно немаат решение како земјоделците да имаат достоен живот, истакна Трипуновски.
Трипуновски во текот на своето обраќање се осврна и на големиот број протести на земјоделците каде посочи дека протестираа и јаболкарите, оризарите како и млекарите во Република Македонија.
-Сведоци сме кога јаболкарите протестираат и блокираат патишта, оризарите блокираат со денови на регионалниот пат Штип-Кочани, сведоци сме кога млекарите го истураат млекото по улиците и сведоци сме на оној протест кој го организираат земјоделците 2019 година кога Оливер Спасовски и министерот Николовски организираа хермелини за да го спречат и уништат тој земјоделски протест. Тоа беше нивната политика која што се однесува на оние земјоделци кои што треба да ја хранат Македонија, рече тој.
Тој истакна дека власта ја интересираат само личниот профит и бизнис интересот во четири очи, а за тоа говори и фактот што Република Македонија стана увозна зависна држава.
-Практично од она кое што го ветуваа не спроведоа ништо. Единствено ги интересира личниот профит и бизнис интересите во четири очи, а за земјоделците оние кои што треба да ја хранат Македонија и да извезуваме земјоделски производи едноставно не спроведоа ништо. За потсетување ако Македонија во минатото била извозно ориентирана и сериозен девизен прилив се слевало во нашиот буџет од извоз на земјоделски производи и нормално Македонија била снабдена со квалитетен здрав македонски производ, денеска гледаме дека Македонија е речиси комплетно увозна зависна. Еве еден податок 2022 година повеќе од 700 милиони евра се одлеале македонски девизи за увоз на храна, она што значи увоз на храна со сомнителен квалитет и увоз на храна која што македонските граѓани ја плаќаат со многу повисоки цени, а македонското производство е десеткувано односно е во исчезнување, вели Трипуновски.
На крај Трупиновски се осврна и на уште ден друг податокот кој покажува дека владата на СДСМ и ДУИ како и министерството водат лошата политика за земјоделството и земјоделците.
-Уште еден податок за лошата политика која ја води министерството односно владата предводена од СДСМ и ДУИ е тоа дека ако во минатото 2013-2014 година во Република Македонија во регистарот имало преку 100.000 регистрирано земјоделци, денеска имаме помалку од 60. 000 тоа е конкретен показател дека во Република Македонија земјоделството и категорија македонски земјоделец се во сериозно исчезнувањ, додаде Трипуновски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Објавен јавен повик за финансиска поддршка за набавка на трактори

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство објави јавен повик за доставување на барања за користење на средства од Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2025 година, наменет за модернизација на земјоделските стопанства преку набавка на трактори.
Максималната поддршка по корисник изнесува 600.000 денари, поддршката се исплаќа на годишно ниво според реализацијата на деловниот план.
Јавниот повик се однесува исклучително за набавка на трактори – приклучната земјоделска механизација не е покриена.
Право на користење на средствата имаат земјоделски стопанства кои се запишани во Единствениот регистар на земјоделски стопанства во Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, согласно Закон за земјоделство и рурален развој.
Земјоделци кои во претходните десет години користеле финансиска поддршка за набавка на трактори преку ИПАРД Програмата или Националните програми за рурален развој, не се прифатливи како корисници на оваа мерка.
Крајниот рок за доставување на барањата е 07.07.2025 година.
Економија
Берзите реагираат бурно на расправијата Трамп-Маск, акциите на „Тесла“ паѓаат

На Вол Стрит, берзанските индекси паднаа, главно поради наглиот пад на цената на акциите на „Тесла“, додека пазарот беше поддржан од веста за разговорот помеѓу американскиот и кинескиот претседател Доналд Трамп и Си Џинпинг. Индексот Дау Џонс падна за 0,25 проценти на 42.319 поени, додека S&P 500 се лизна за 0,53 проценти на 5.939 поени, а индексот Nasdaq падна за 0,83 проценти на 19.298 поени.
Акциите на Тесла паднаа за 14 проценти
Цената на акциите на производителот на електрични автомобили „Тесла“ падна за повеќе од 14 проценти, откако јавната расправија помеѓу извршниот директор Илон Маск и Трамп се интензивираше.
Цената на акциите падна во четири од последните пет трговски дена, откако Трамп и Маск ја започнаа својата вербална војна, за време на која „Тесла“ изгуби околу 150 милијарди долари пазарна вредност.
Маск ги засили критиките кон огромниот закон за даночни стимулации на претседателот во последните денови, додека Трамп тврди дека Маск е вознемирен затоа што законот ги елиминира даночните олеснувања за купување електрични возила.
„Последиците за акциите на ‘Тесла’ се очигледни. Но, не гледам никакви значајни последици за остатокот од пазарот, освен мало влијание врз индексите. Генерално, берзата има многу проблеми, но ‘Тесла’ не е еден од нив“, рече Марк Шпигел, менаџер за портфолио во Stanphyl Capital.
Сепак, пазарот беше поддржан од телефонскиот повик меѓу Трамп и Си. Нема дополнителни информации за разговорите, освен дека тие се поканија еден со друг на официјални посети. И тоа беше оценето како позитивно од пазарот, бидејќи неодамнешниот спор околу клучните минерали се закани да го наруши кревкото трговско примирје меѓу двете најголеми економии во светот.
Економија
АД ЕСМ со најповолна понуда за електрична енергија, соопшти „ЕВН хоме“

ЕВН Хоме како универзален снабдувач на електрична енергија, на тендерот за набавка на електрична енергија за задоволување на потребите на корисниците за периодот јули-декември 2025 доби најповолна понуда од АД ЕСМ со купопродажна цена на електрична енергија од 62 евра за мегаватчас, за покривање на 100% од вкупно планираните количини, соопштија од таму.
Оваа цена, како што појаснуваат, е идентична со претходната која беше добиена на последниот тендер на Универзалниот снабдувач (јануари-јуни 2025), кога АД ЕСМ понуди купопродажна цена од 62 евра за мегаватчас.
„Под комплетен надзор на Регулаторната комисија за енергетика и согласно законските обврски и претходно утврдената методологија, во наредниот период ЕВН Хоме ќе ја пресмета цената на електрична енергија по однапред утврдени влезни параметри.
Како и секогаш, во крајната цена влегуваат: цената по која АД ЕСМ ја продава електричната енергија на ЕВН Хоме, цената на Преносниот систем оператор МЕПСО, цената на Операторот на пазар на електрична енергија МЕМО, како и цената на Дистрибутивниот систем оператор Електродистрибуција“, се истакнува во соопштението.