Македонија
Средба на македонската и косовската Комисија за надворешна политика
Делегација на Комисијата за надворешна политика и дијаспора на Собранието на Рeпублика Косово, предводена од претседателката Арбереше Криезиу-Хисени и членовите, денеска во Собранието на Република Северна Македонија остварија средба со Комисијата за надворешна политика.
Од македонска страна со средбата претседаваше претседателот на Комисијата, Антонијо Милошоски, а беа присутни и членовите: Ане Лашкоска, Драган Ковачки, Иванка Василевска, Халил Снопче, Арта Биљали-Зендели и Мерита Колчи-Коџаџику.
Милошоски изрази благодарност за посетата на косовската делегација и особено задоволство од развојот на односите и соработката меѓу двете земји, кои се одликуваат со висок степен на пријателство и заемна посветеност за градење и зацврстување на добрососедските односи.
Во своето излагање тој се фокусираше на моменталната политичка ситуација, интеграцијата на земјата во Европската Унија, прашањето за уставните измени, одржувањето на претседателските и парламентарни избори следната година, како и предизвикот со кој се соочуваат земјите во Регионот, а тоа е иселувањето.
Претседателката Арбереше Криезиу-Хисени, упати благодарност за оваа прва средба на двете комисии заедно, како и за досегашната поддршка за Косово, двете држави немаат отворени прашања и од 2008 година билатералните односи бележат унапредување и зајакнување.
Криезиу-Хисени е согласна дека имиграцијата останува заеднички предизвик за двете земји и се очекува нејзино зголемување по стапување на визната либерализација за Косово од 1 јануари следната година, затоа е потребно да се донесе заедничка стратегија по оваа прашање за земјите од Западен Балкан и поддржана од ЕУ.
Пратеникот Халил Снопче беше дециден дека албанската заедница во Северна Македонија е на линија со државните интереси и нема друга алтернатива освен зачленување во заедницата на ЕУ, како што сме рамноправна членка на НАТО алијансата.
Овие средби на парламентарно ниво особено ги цениме, бидејќи секогаш учиме едни од други – посочи Арта Биљали-Зендели.
Како две држави имаме слични проблеми и предизвици – рече Даниела Колева, која иницираше дискусија по однос на прашањата за унапредување на жените во политиката и дали Косово ја има имплементирано демократијата, како и други достигнувања на Косово на кои присутните разменија мислење и искуства.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дел од Бутел утре без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека утре поради изведување на водоводен приклучок ф-225мм на Радишанска Лево бб (Бел Камен), општина Бутел, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
(Видео) Се уриваат дискотеките во Градски парк, ќе се гради нов Луна парк
Старите дискотеки во Градскиот парк во Скопје ќе бидат урнати, а на нивно место ќе се изгради нов Луна парк, најави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Уривањето на дискотеките и расчистувањето на просторот веќе е започнато, а нема најава кога ќе почне изградбата на новиот Луна Парк.
Ѓорѓиевски објави видео на кое, како што вели, се отстрануваат старите бесправно изградени дискотеки, со што локацијата се подготвува за реализација на проектот – изградба на Луна паркот во Скопје.
„Ред мора да има! Се расчистува просторот за изградба на луна паркот. Старите бесправно изградени дискотеки во Градскиот парк заминуваат во историјата. Како што ветив, најдоброто за Скопје“, напиша тој.
Македонија
АХВ нема да постапува по анонимно поднесени претставки
Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) ги информира физичките и правните лица дека согласно член 62 став 3 од новиот Закон за инспекциски надзор, кој е во сила од 01.01.2026 година, инспекциските служби на АХВ нема да постапуваат по анонимно поднесени иницијативи за спроведување на инспекциски надзор за прашања од делокруг на работењето на институцијата.
Постапувањето по иницијативите кои се уредно поднесени ќе се реализира согласно Процедурата за постапување по иницијативи за инспекциски надзор на АХВ.
Иницијативата може да се поднесе директно до АХВ преку контакт формата Поднесете претставка објавена на интернет страната на Агенцијата, електронски на [email protected], [email protected], како и лично во секоја подрачна единица на АХВ, на соодветен образец за поднесување иницијативи.
„Иницијативата задолжително треба да содржи назив на инспекцијата до која се поднесува, име, презиме и адреса на подносителот, односно, назив и седиште на правното лице, законски застапник или полномошник доколку го има, краток опис на повредата и назначување на субјектот кај кој се бара вршење на инспекциски надзор.
Доколку поднесената иницијатива е нецелосна или нејасна, таа ќе се врати до подносителот кој треба да ја прецизира/дополни во рок кој не подолг од 7 дена. Доколку подносителот не ја дополни иницијативата во определениот рок ќе се смета дека истата е повлечена“, соопшти Агенцијата за храна и ветеринарство.

