Македонија
Милошоски: Ако не се смени светото тројство МАЛМЕД, веледрогерија Пановски, Министерство за здравство, скандалот со Онкологија ќе ни се повтори
Прашање на месеци и на години е кога ќе ни се повтори скандалот со Онкологија доколку не се смени системот кој го изградиле МАЛМЕД, веледрогеријата Пановски и Министерството за здравство, предупреди денес пратеникот Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ. Тој, на денешната седница на Анкетната комисија за скандалот на Онкологија, ја праша актуелната директорка на Клиниката за радиотерапија и онкологија Виолета Клисаровска дали знаела дека докторката Снежана Смичкоска е во партнерска заедница со сопственикот на веледрогеријата Пановски која набавува најголем дел од лековите за Клиниката.
„Да секако дека знаев меѓутоа професорката работи години наназад. Целиот свој работен век била во Клиниката. Да, тој податок го имам, нема зошто да кријам“, одговори директорката Клисаровска.
По ваквиот нејзин одговор Милошоски рече дека токму Смичкоска била директорка во сенка на Клиниката и акционер на веледрогеријата Пановски.
„Веледрогеријата Пановски има свој акционер во Клиниката. Невенчаната сопруга на сопственикот на веледрогеријата Пановски која што и 2006 година и претходно беше директорка на оваа Клиника и за која што имаше кривична пријава по која што никогаш не се постапи била секогаш акционер на веледрогеријата Пановски внатре во Клиниката за онкологија. И кој е кругот? Почнува со МАЛМЕД. Во МАЛМЕД се утврдува кој има дозволи, кој има лиценци, кој смее да увезува и тука доминира веледрогеријата Пановски. Тука се создава структурата на неговата моќ и доминантност во понудата на лековите. Вториот дел е министерот за здравство. Министерот за здравство Венко Филипче досега бил најуслужливиот министер кон веледрогеријата Пановски пресметано и во бројки со милиони евра профит и добивки секоја година. Клиниката за онкологија и директорите се најмалиот дел и најневлијателниот играч кој мора да игра по правилата на МАЛМЕД и на министерот за здравство и да ја одржат доминацијата на веледрогеријата Пановски. Не може да ја сменат, во спротивно ќе бидат сменети“, рече Милошоски.
Тој смета дека на клиниката имало конфликт на интереси оти Смичкоска, како невенчана сопруга на сопственикот на веледрогеријата Пановски била дел од конзилиумот на Клиниката и од внатре одлучувала за набавките.
Директорката Клисаровска потврди дека Смичкоска била дел од конзилиумот, но извести дека веќе е во пензија.
„Во однос на учеството на професорката Снежана Смичкоска во конзилиумот, додека професорката беше во редовен работен однос во нашата Клиника како раководител на еден од клиничките оддели, беше член на конзилиумот, Тоа беше до 30 септември откога докторката е во пензија и не е повеќе член на онколошкиот конзилиум“, рече директорката Клисаровска.
Таквиот начин на функционирање, според Милошоски треба да се смени за да не се повтори скандалот со Онкологија.
„Моќта е толку голема што ние стануваме заложници на еден систем кој ќе го разрешиме за пет или десет дена 20 дена од денес со одредена политичка одговорност, ќе одговараат поединци со име и презиме, но доколку не се смени системот МАЛМЕД, веледрогерија Пановски, Министерство за здравство, тоа свето тројство кое во моментов заради профит создава канцер во здравството, мислам дека само прашање е на месеци и на години кога ваков скандал ќе ни се повтори“, рече Милошоски.
Директорката Клисаровска, која пред пратениците објаснуваше дека не може да ја смени веледрогеријата, рече дека конкуренција за набавка на лековите би била од директна корист за клиниката оти ќе значи и намалување на цената што за нив ќе значи многу оти секој ден се во трка за наоѓање лек повеќе.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Угинат балкански рис најден на патот Ресен – Охрид, постојат само 50-тина единки од овој вид
Угинат рис денеска е пронајден на патот Ресен – Охрид. Од Македонското еколошко друштво (МЕД) велат дека ваквиот случај не треба да нè остави рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-ина единки на балканскиот рис.
„По дојава од Здружението на ловци „Преспа-Ресен“, денеска на терен констатиравме дека е угинат рис на патот Ресен-Охрид. Во тек е координирана акција со Министерството за животна средина и просторно планирање, Државниот инспекторат за животна средина, Агенцијата за храна и ветеринарство и Македонското еколошко друштво со цел земање примероци за анализа и транспортирање на угинатото животно на Факултетот за ветеринарна медицина при УКИМ – Скопје заради обдукција“, велат од МЕД.
Од таму велат дека за зачувување на загрозените видови потребно е да се изградат зелени мостови.
„Ваквите случаи не нè оставаат рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-на единки на балканскиот рис. Истовремено, се јасен показател дека ако сакаме да ги зачуваме загрозените видови, мора да се планираат и градат зелени мостови преку кои животните ќе можат безбедно да се движат и да ги надминуваат пречките создадени од човекот“, велат од МЕД.
фото/Facebook/Македонско еколошко друштво
Македонија
Ѓорѓиевски на ифтарска вечера: Ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, присуствуваше на ифтарска вечера.

„Таму каде што почитта нè обединува! Вечерва, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, Реис ул-Улема, присуствував на традиционалната ифтарска вечера со нашите браќа и сестри од исламска вероисповед. Во духот на меѓусебната почит, разбирање и искрена човечка блискост, вечерта помина во пријатна и топла атмосфера, испраќајќи силна порака за соживот, толеранција и заедништво. Токму ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство, а почитта, наш заеднички темел“, напиша Ѓорѓиевски.

Додаде дека рамазанските денови се денови на духовна сила, добрина, солидарност и обединување, денови кога се отвораат срцата, кога се помага на ближниот и кога уште повеќе се зацврстуваат врските меѓу луѓето.
„Да продолжиме да се почитуваме, да се поддржуваме и да останеме сплотени, за заедно да ја оствариме нашата мисија – силно и модерно Скопје и просперитетна Македонија“, напиша градоначалникот.
Македонија
Предлогот за минимална плата од 600 евра не помина на Комисија во Собрание
Предлогот минималната плата да се зголеми на 36.960 денари (600 евра) од март, денеска не помина на седницата на собраниската Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика, откако официјално беше поднесен од пратеничката група на СДСМ.
Од опозицијата обвинија дека власта освен предлогот за јавна расправа го одбила и разговорот меѓу синдикатите, работодавачите и Владата.
„Предлогот за изменување и дополнување на Законот за минималната плата, поднесен од пратениците на СДСМ денеска не беше прифатен на собраниската Комисија за економски прашања. За законот дебатираа само пратениците од опозицијата. Власта го одби и предлогот за јавна расправа, одби разговор меѓу синдикатите, работодавачите и Владата. Одбија решение за работниците. Одбија 600 евра минимална плата“, велат од СДСМ.
Според нив, власта има пари за луксузирање, за мебел, чанти, авион ама нема за поголеми плати за раотниците.
„Парите за авионот не е исфрлени, нема реабаланс на Буџетот, затоа што немаат намера да се откажат. Гледаме координирана кампања на 40% од медиумите кои ги држат во сопственост преку Орбан, со наратив дека „потребен е авион“. Не запираат. Има за авион. Има за мебел. Нема за плати. Дефокус не го полни фрижидерот. Со дефокус не можете да ја оттурнете главната тема и да ги оставите работниците без леб. Мислите дека со дефокус ќе се избрише сеќавањето на авионот, часовниците од 65.000 евра, чантите од 30.000 долари?“, прашуваат од СДСМ.

