Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Зошто е блокирана позитивната листа на лекови, кој си игра со комисијата и како се даваат условените буџети на лекови

„И актуелниот министер за здравство, како и претходните, најави дека ќе се воспостави професионален, редовен и транспарентен процес за ажурирање на позитивната листа на лекови што ги плаќа Фондот за здравствено осигурување.
Но, зошто тоа не е направено досега иако сме единствената држава во регионот во која не постои таков процес со кој на сите осигуреници на ФЗО би им овозможувал подеднаква и редовна достапност до повеќе, понови и поевтини лекови, преку аптеките и болниците?
Зошто и укажувањата од Државниот завод за ревизија за тоа дека постојат слабости во планирањето, реализацијата и контролата на доделување средства и исплати од ФЗО, не се важни за раководните структури на ФЗО и Министерството за здравство?
Законот за здравствено осигурување како основни здравствени услуги ги дефинира и лековите што не се на листата на лекови на ФЗО, а кои јавните здравствени установи(ЈЗУ) имаат право да ги набавуваат по претходна согласност од МЗ и ФЗО во која е утврдена поединечната цена на секој лек.
Во 2021 година ФЗО одобрил условен надоместок на 17 ЈЗУ, во вкупен износ од 1.265.265.000 денари (околу 20 милиони евра), од кои 91% или околу 18 милиони евра се однесуваат за набавка на лекови.
Во 2022 година ФЗО одобрил 1.313.000.000 денари (околу 21 милион евра) за иста намена.
Станува збор за зголемување во 2022 во однос на 2021 година за 3,7% или 47.735.000 милиони денари повеќе во споредба со вкупниот износ за договорени надоместоци.
Според податоците објавени со извештаите од ДЗР и од ФЗО, условните буџети од 2017 до 2022 година имаат континуиран раст(фото).
Позитивната листа на лекови официјално не е ажурирана од 2015 година, а скапи лекови се набавувале со условни буџети за ЈЗУ кои се доделуваат по некаков си правилник кој нема конкретни правила и постапка за начинот на избор на таа скапа терапија, со години и не за сите ЈЗУ и не за сите пациенти подеднакво.
Јасно е дека некој арбитрарно и селективно одлучувал кои и колку лекови плус ќе се набават за некоја ЈЗУ, си играл Комисија за позитивна листа, одлучувал преку кои ЈЗУ, од кои веледрогерии и колку пари во милионски износи во евра ФЗО ќе даде од народните пари.
Посебно алармантно е што за „усовршените“ условни буџети за лекови, по аферата објавена во 2023 година „Онкологија“ , на почетокот на октомври 2023 во Службениот весник се објавени повеќе акти (правилници, одлуки) од ФЗО за условните буџети и сл.
Ова е приказ на само еден дел од нефункционалниот здравствен систем кој не им служи на граѓаните туку се креира за да служи на приватниот профит интерес“.
Соопштение на ВМРО-ДПМНЕ
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Уште еден вознемирувачки напад врз бугарски државјанин во Северна Македонија!“, напиша Ковачев

„Сериозно сум загрижен од она што се случи денес со градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска – бугарска државјанка. Ги повикувам Министерството за надворешни работи и бугарската амбасада во Скопјe веднаш да ѝ обезбедат правна, конзуларна и морална заштита“, напиша бугарскиот европратеник Андреј Ковачев на социјалните мрежи.
„Ова е уште еден случај на насилство, малтретирање и јавно линчување врз бугарски државјани кои држат високи јавни функции и стекнале бугарско државјанство врз основа на докажано бугарско потекло – само затоа што се осмелиле да се изјаснат како Бугари.
За жал, притисокот е толку силен што нашите сонародници се принудени да го кријат или негираат својот бугарски идентитет. Сличен случај неодамна беше со министерката за енергетика Сања Божиновска, со неколку пратеници од владејачката ДПМНЕ, како и со луѓе од најблискиот семеен круг на сегашниот, минатиот и претходните премиери на земјата.
Бугарската држава има должност кон своите над 216.000 бугарски државјани во Република Северна Македонија, кои станале такви по своја слободна волја, го докажале своето бугарско потекло со документи и со свој потпис изјавиле дека сега се чувствуваат како етнички Бугари. Бугарија е должна да ги заштити нивните права, безбедност и човеково достоинство“, додаде Ковачев.
Македонија
„Ќе глумиме дека не сме виделе?! Ќе чекаме некој да биде убиен за да се освестиме?!“, праша Јакимовски

Градоначалникот на општина Карпош, Стевчо Јакимовски се огласи на социјалните мрежи, по нападот врз градоначалничката Данела Арсовска.
„Она што ѝ се случи денес на Данела Арсовска не е „инцидент“. Тоа е директен напад врз институцијата, врз една жена, врз јавниот поредок.
Со клоци, со пцуење, со закани за силување и убиство на нејзиното семејство.
И што? Ќе викаме „демократија“?! Ќе глумиме дека не сме виделе?! Ќе чекаме некој да биде убиен за да се освестиме?!“, праша Јакимовски.
Македонија
(Видео) Арсовска објави снимка од нападот: Јас го напаѓам него или тој мене?

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска објави снимка од денешниот напад врз неа, на социјалните мрежи.
Во објавата на социјалните мрежи, Арсовска прашува дали таа напаѓа или е нападната и се брани.