Македонија
Министерството за правда: Идната недела ќе се формира работна група за реформа во Судскиот совет
Министерството за правда известува дека во текот на идната недела ќе биде формирана работна група која ќе има цел да работи на реформа на Судскиот совет.
Во работната група ќе бидат вклучени претставници на Здружението на судиите, претставници од невладиниот сектор, како и претставници на академската заедница и експерти од соодветната област. Воедно, во насока на обезбедување сеопфатност на целиот процес покана за учество во работната група ќе биде доставена и до претставниците на најголемите политички партии во земјата.
Во насока на обезбедување поголема експедитивност и ажурност, работната група ќе почне со работа веднаш по формирањето, а дополнително до неа ќе бидат доставени забелешките и коментарите од извештајот од оценската мисија, која од страна на Европската Унија беше спроведена во земјата. Наводите од овие извештаи работната група ќе ги адресира во конкретните законски одредби заради надминување на лоцираните слабости во однос на законските решенија и нивната примена во практиката.
Министерството за правда сака да го истакне значењето од реформата на Судскиот совет како орган што ќе придонесе за враќање на довербата на граѓаните и целокупната јавност во Судскиот систем, велат од оваа институција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Средба Фетаи–Лоутон: Продлабочување на партнерството меѓу Северна Македонија и САД
Заменик-претседателот на Владата задолжен за добро владеење, Арбен Фетаи, оствари работна средба со Даниел Џ. Лоутон, заменик-помошник државен секретар во Бирото за европски и евроазиски прашања (EUR) при Стејт департментот на Соединетите Американски Држави.
На средбата се разговараше за стратешкото партнерство меѓу Северна Македонија и САД, како и за продлабочување на соработката во областите на владеењето на правото, институционалните реформи, борбата против корупцијата и зајакнувањето на практиките на добро владеење. Заменик-претседателот на Владата Фетаи ја потенцираше посветеноста на Владата за унапредување на демократските стандарди, зголемување на транспарентноста и отчетноста, како и спроведување реформи кои обезбедуваат правично и ефикасно функционирање на јавните институции.
Заменик-помошник државниот секретар Лоутон ја реафирмираше силната поддршка на САД за реформските процеси во земјата, потенцирајќи ја важноста од продолжување на стабилните политики што го поттикнуваат евроатлантското интегрирање, институционалната стабилност и демократскиот развој. Заменик-претседателот на Владата Фетаи и заменик-помошник државниот секретар Лоутон се согласија да продолжат со редовна комуникација и координација за прашања од заеднички интерес, со посебен акцент на зајакнување на доброто владеење и институционалниот интегритет.
Во рамки на посетата, заменик-претседателот на Владата Фетаи оствари работна средба и со Марк Тервакоски, Директор на Канцеларијата за Европа и Азија при Бирото за Меѓународни Наркотични Прашања и Спроведување на Законот.
Македонија
Средба на Гаши со шеикот Махир Муајкали
Претседателот на Собранието, Африм Гаши оствари средба со Имамот на Каба, шеикот д-р Махир Муајкали, кој за првпат е во четири дневна официјална посета на државата.
На средбата беше присутен и Реис ул Улема Шаќир еф. Фетаху, поглавар на Исламска верска заедница (ИВ).
„Во срдечната и конструктивна атмосфера, соговорниците се осврнаа на значењето на неговата посета, како и на важноста од меѓусебното почитување и разбирање. Притоа беше изразена искрена благодарност до државните власти на Кралството Саудиска Арабија за нивната досегашна поддршка и соработка. Во разговорот беше нагласено и значењето на зајакнувањето на врските и вредностите што ги споделуваат двете земји и народи, како и заедничката подготвеност за унапредување на институционалните односи и продлабочување на меѓусебната соработка“, соопшти Собранието.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ утре на 18. Конгрес ќе ја донесе новата „Стратегија за Македонија 2030“
ВМРО-ДПМНЕ утре во Кавадарци ќе го одржи својот 18-ти редовен Конгрес. Од партијата велат дека овој Конгрес претставува ново поглавје во политиката, во која првенствено треба да се обезбеди стабилно, предвидливо и државничко водство.
На Конгресот ќе биде донесена новата Стратегија на партијата: „Ново поглавје – Стратегија Македонија 2030“ (правци за дејствување, развој и државно водство), како и пропратни документи на истата.
„За да опстои и да напредува, македонската држава мора да има јасен стратегиски правец: стабилна државност, функционални институции, модерна економија и цврсто заштитен македонски идентитет. Оваа стратегија ја дефинира улогата на ВМРО-ДПМНЕ токму во таа насока: партија што предвидува, а не следи; партија што гради систем, а не мандат; политичка сила што поставува долгорочна архитектура на државата. Со оваа Стратегија ВМРО-ДПМНЕ се дефинира како водечка европска, демократска и вредносно ориентирана политичка сила во Македонија“, велат од партијата.

