Европа
Познати руски измамници и се јавија на Мелони, таа „падна“ на нивната приказна
Италијанската премиерка Џорџа Мелони „падна“ на лажен телефонски повик од познатите руски измамници, чија цел била поранешната германска канцеларка Ангела Меркел, потврдија денеска од нејзината канцеларија во Рим. Мелони била измамена од повикувач кој се идентификувал како претседател на Источноафриканските комори Азали Асумани, актуелен претседавач со Африканската унија.
Всушност, тоа биле руски измамници познати како Вован и Лексус. Повикот се случил на 18 септември, во пресрет на Генералното собрание на ОН, соопштија од канцеларијата на Мелони. Италијанската влада не ја коментираше содржината на повикот. Сепак, извадоци беа објавени во Русија, меѓу другото и од новинската агенција Риа Новости.
Двајца Руси, со вистински имиња Владимир Кузњецов и Алексеј Столјаров, веќе неколку пати на овој начин измамиле светски лидери и познати личности. Според извадоците, Мелони рече дека руската војна против Украина, која започна во февруари 2022 година, е „голем „притисок“ за сите страни.
„Се ближи моментот кога сите ќе сфатат дека ни треба излез“, рече таа. Таа додаде дека има „некои идеи“ за тоа, но и дека сака да го чека вистинскиот момент. Според руските извештаи, тие разговарале и за миграцијата. Мелони рече: „Европа долго време мислеше дека може да го реши проблемот префрлајќи го на Италија. Проблемот е што другите го немаат“.
Руските измамници, кои важат за блиски до владата на Путин, ги измамиле и поранешниот британски министер за одбрана Бен Валас и поранешната градоначалничка на Берлин, Франциска Гифи. Еден од нив во разговорот со Меркел се претставил како поранешниот украински претседател Петро Порошенко. Во Русија често се пофалени од про-Кремљ медиуми и коментатори за нивните измами.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Макрон: Идеите на екстремната десница се шират во Европа
Францускиот претседател Емануел Макрон предупреди денеска во Дрезден за ширењето на екстремната десница во Европа и повика на дополнителна помош за Украина бидејќи се работи и за безбедноста во Европа.
„Секаде во нашите демократски општества, идеите кои доаѓаат од екстремната десница се шират. Овој корумпиран ветер се шири низ Европа, тоа е реалноста. Конечно мораме да се разбудиме“, рече Макрон во својот говор пред реновираната катедрала во Дрезден, кој беше целосно уништен во сојузничкото бомбардирање.
На вториот ден од неговата тридневна посета на Германија, во својот говор, Макрон се осврна конкретно на Унгарија, каде што „европските пари се добредојдени“, но не се почитува независноста на судството и медиумите.
„Постои фасцинација од авторитарните режими. Само неколку километри од нас. Но, Европа не е себична, туку заедничка база на вредности и култура на индивидуална и политичка слобода“, рече Макрон.
„Она што е загрозено во Украина е безбедноста на Европа. Ниту Франција, ниту Германија не се повеќе безбедни ако во Украина победи владеењето на посилните“, рече Макрон.
Тој рече дека имајќи го предвид големиот скептицизам, особено кај граѓаните на Источна Германија, во однос на помошта за Украина, дека заедничкиот европски однос кон ова прашање е клучен.
„Ние не водиме војна против рускиот народ, но исто така не можеме да дозволиме авторитарен, ревизионистички режим како оној во Москва да и се заканува на Европа“, рече Макрон.
Тој уште еднаш ја истакна потребата да се подигне одбранбената подготвеност на Европа и да се стави крај на силното потпирање на САД. Макрон ја започна својата тридневна државна посета на Германија во неделата со средба со германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер, а во понеделникот продолжи со положување венец на споменикот на Холокаустот и говор во Дрезден.
Посетата завршува утре со средба со германскиот канцелар Олаф Шолц и заедничка средба на германската и француската влада.
Европа
Франција: ученик нападнал професорка со нож на час, се обидел да побегне
Денеска 18-годишен ученик со нож нападнал професорка за време на час по англиски јазик во училиште на западот на Франција, јави телевизијата БФМ.
Средношколецот по нападот се обидел да побегне, но бил приведен.
Професорката се здобила со полесни повреди на лицето, пренесуваат француските медиуми.
Извор близок до истрагата вели дека професорката неколку минути пред нападот разговарала со ученикот за неговото неодамнешно неколкудневно отсуство, пренесува Танјуг.
Европа
Полска го ограничува правото на слободно движење на руските дипломати
Полска ќе воведе ограничувања кога станува збор за движењето на руските дипломати на нејзина територија поради вмешаноста на Москва во хибридната војна против Европската унија, изјави денеска министерот за надворешни работи Радослав Сикорски.
Односите меѓу Полска и Русија се затегнати по избувнувањето на конфликтот во Украина во 2022 година.
Варшава ја обвинува Москва и за шпионски активности и саботажа на територијата на Полска, пренесува Ројтерс.
„Се надеваме дека Руската Федерација ќе го сфати ова како многу сериозно предупредување“, изјави Сикорски за новинарите во Брисел.
Тој додаде дека руската амбасада во Варшава ќе биде известена за оваа одлука и дека ограничувањата за движење важат за целиот персонал во амбасадата и конзулатите, освен за амбасадорот.