Свет
Папата за Израел и Палестина: Потребно е решение што ќе создаде две држави и Ерусалим со посебен статус
Папата Франциско вчера изјави дека, за да се стави крај на војните, како сегашната во Појасот Газа, потребно е решение што ќе создаде две држави за Израел и за Палестина и повика Ерусалим да добие посебен статус.
Во интервјуто за информативниот канал „ТГ1“ на италијанската државна телевизија РАИ, Франциско исто така рече дека се надева оти ќе се избегне регионална ескалација на конфликтот, кој почна кога милитантите на Хамас влегоа во Израел убивајќи речиси 1.400 Израелци, главно цивили, а зедоа приближно 230 заложници. Тој исто така рече дека е загрижен за подемот на антисемитизмот и додаде дека смета оти многу од тоа останува скриено.
„Тоа се два народа што мора да живеат заедно. Со мудро решение во две држави. Во согласност со договорите од Осло, две добро дефинирани држави и Ерусалим со посебен статус“, изјави Франциско во интервју за италијанската РАИ.
Во 1993 година, израелскиот премиер, Јицак Рабин, и водачот на Палестинската ослободителна организација, Јасер Арафат, се ракуваа додека се договорија за Договорот од Осло, со кој се воспостави ограничена палестинска автономија.
Израел го окупира арапскиот источен Ерусалим во 1967 година, а во 1980 година го прогласи целиот град за своја „обединета и вечна престолнина“. Во исто време, Палестинците го гледаат источниот дел на градот како главен град на нивната евентуална идна држава. Израел постојано ги отфрлаше предлозите дека градот, свет за сите монотеистички религии – христијаните, муслиманите и Евреите – може да има посебен или меѓународен статус.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Прекинот на струја во Киев го запре железничкиот сообраќај
Прекинот на електричната енергија во Киев го запре железничкиот и метро сообраќајот и ескалаторите низ целиот град, соопштија градските власти на социјалните мрежи.
Според градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, подземните метро станици сега функционираат како засолништа.
– „Во Киев, како и во многу градови во Украина, имаше итни прекини на електричната енергија. Сообраќајот во метрото беше запрен поради низок напон во електричната мрежа. Подземните метро станици моментално можат да работат само како засолништа, на резервна електрична енергија, соопшти Кличко на Телеграм.
Технички прекини на два далноводи што ги поврзуваат Украина, Молдавија и Романија денеска доведоа до прекин на електричната енергија на украинската мрежа, соопшти украинското Министерство за енергетика и потврди дека во најмалку три региони и главниот град Киев имало итни исклучувања.
Свет
Речиси половина Германци во текот на животот заболуваат од рак
Во текот на животот речиси секој втор граѓанин на Германија заболува од рак, објави денеска државниот имунолошки завод „Роберт Кох“ во Берлин.
– Кај 49 проценти од мажите и 46 проценти од жените во текот на животот се дијагностицира рак, објавено е во редовното издание на Институтот „Роберт Кох“ (РКИ) во пресрет на денот за борба против ракот, 4 февруари.
Според истите податоци, секоја шеста жена и секој седми маж од рак заболуваат пред својата 65-та година.
Според податоците за 2023 година, од околу половина милион дијагностицирани нови случаи на рак, најголемиот број отпаѓа на рак на простата, по што следуваат ракот на дојка, бели дробови и дебело црево.
Истата година од рак починале 230.000 лица.
Истовремено, како што објави РКИ, стапката на смртност на заболените од рак во последните 25 години значително е падната, кај мажите за 30, а кај жените за 20 проценти.
Секоја година во пресрет на Светскиот ден за борба против ракот, РКИ објавува статистики со цел подобра превенција на заболувањата и поттикнување на свеста кај граѓаните.
Свет
(Видео) Извлечени 51 лице заглавени на жичница на планината Улудаг во Турција
Технички дефект на жичницата на планината Улудаг, во близина на северозападниот турски град Бурса, предизвика блокирање на 51 лице кои во тој момент се превезувале, јави државната телевизија ТРТ Хабер.
Инцидентот се случил околу 11 часот по локално време во областа Османгази, каде што се наоѓаат голем број хотели и капацитети за зимски туризам. Поради дефектот, десетици луѓе останаа заглавени во кабините на неколку метри над земјата.
Веднаш по добивањето на сигналот на бројот за итни случаи 112, на терен биле испратени 96 спасувачи од жандармеријата, медицински екипи, пожарникари и претставници на Дирекцијата за управување со катастрофи и вонредни состојби (АФАД). Како поддршка беа ангажирани и тимови од соседниот округ Сакарија.
Uludağ’da arızalanan telesiyejdeki 51 kişi kurtarıldı. https://t.co/WE42RAdUjO pic.twitter.com/ivqJba0cg0
— TRT HABER (@trthaber) January 31, 2026
По координирана акција, сите 51 патник се безбедно евакуирани. Министерот за внатрешни работи на Турција, Али Јерликаја, упати честитки до спасувачките тимови за нивната пожртвуваност.
Надлежните органи веќе започнаа истрага за причините за инцидентот. Жичницата во Бурса, отворена во 1963 година и целосно обновена во 2015 година, со своите девет километри е една од најдолгите во светот и е исклучително популарна за еднодневен туризам во текот на целата година.

