Скопје
Општина Аеродром поднесе кривична пријава до ОЈО Скопје за согорување отпад на отворен простор, надвор од границите на општината
Општина Аеродром во текот на вчерашниот ден до Основното јавно обвинителство од Скопје достави кривична пријава против непознат сторител. Кривичната пријава се однесува за согорување отпад на отворен простор на територија надвор од границите на општината. Таа е поднесена во согласност со член 70 од Законот за амбиенталниот воздух по претходен надзор од страна на инспекциските служби и по претходна пријава од страна на граѓаните за непријатен мирис, кој се чувствува на територијата на општината.
„Законот за амбиенталниот воздух предвидува обврска за инспекциските служби да поднесат кривична пријава до надлежните судови за поведување кривична, односно прекршочна постапка, доколку при вршењето надзор се утврди основа за тоа.
Со оглед на фактот дека станува збор за кривично дело свесно сторено од страна на непознат сторител и на територија на друга општина, Општина Аеродром смета дека целосно се исполнети условите за кривичен прогон за конкретното кривично дело, а притоа очекуваме Министерството за внатрешни работи и Основното јавно обвинителство во согласност со своите законски надлежности да постапат по доставената кривична пријава и во најкраток рок да ја процесираат до надлежните судски органи.
Грижата за здравјето на граѓаните, како и одржувањето здрава и чиста животна средина, останува приоритет на Општина Аеродром. Апелираме за почитување на законите и одговорност кон околината, а нашите служби и во иднина ќе преземаат активности што се во согласност со законот“, соопштува Општината.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дел од Центар денеска без вода
Од ЈП Водовод и канализација – Скопје, известуваат дека денеска:
· поради уличен дефект ф-80 мм на улицата Св. Кирил и Методиј бр. 48, од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од дел од истата улица и дел од улицата Димитрие Чуповски, вклучително и ЈЗУ Здравствен дом Железничар, општина Центар.
Македонија
(Видео) Ѓорѓиевски: Нема вработувања во Град Скопје – нема да дозволам ниту еден денар од буџетот на скопјани да биде злоупотребен
„Нема вработувања во Град Скопје – нема да дозволам ниту еден денар од буџетот на скопјани да биде злоупотребен!“, порача градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
„Јавно побарав од сите советници да гласаат против одлуката од минатото за вработување на 21 лице, одлука што директно би го чинела градот 1,4 милиони евра. Тоа се пари на граѓаните, средства со кои можеме да изградиме кружни текови, да обезбедиме нови автобуси и да реализираме проекти што носат реална корист за Скопје. На градскиот буџет гледам како на сопствениот.
Кога го презедовме градот во финансиски колапс, со одговорно и домаќинско работење успеавме повторно да го исправиме на нозе. И затоа, партиските апетити немаат место во Град Скопје. Се бориме за Скопје какво што го сакаме – функционално, чесно и во служба на граѓаните“, кажа Ѓорѓиевски.
Македонија
Без струја денеска делови од Аеродром, Карпош и Илинден
Од ЕВН Македонија известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во период од 08:30 до 13:30 часот дел од корисниците на улиците 8 и 11 Белимбегово, општина Илинден;
– во период од 09:00 до 11:00 часот дел од потрошувачите од улицата Струма, општина Карпош;
– во период од 09:00 до 11:00 часот дел од корисниците на булевар Јане Сандански бр. 30, општина Аеродром.

