Македонија
Грковска – Флоридис: Независни и самостојни институции се клучни за владеење на правото
Заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, оствари работна средба со министерот за правда на Република Грција, Јоргос Флоридис.
Вицепремиерката Грковска информира дека Европската Унија во рамките на билатералниот скрининг веќе го објави извештајот за првиот Кластер, „Фундаментални вредности“, каде што се дефинирани реформите што нашата држава треба да ги преземе во наредниот период, а кои се однесуваат на владеењето на правото, реформите во правосудството, борбата против корупцијата и организираниот криминал, зајакнување на функционирањето на демократските институции и реформата во јавната администрација.
Таа додаде дека клучна цел на Република Северна Македонија, од аспект на доброто владеење е зајакнување на транспарентноста, јакнење на независноста на институциите, интегритетот и мерит-системот во правосудниот сектор. Вицепремиерката Грковска информира дека нејзиниот Кабинет ја води координацијата на институциите надлежни за спречување на корупцијата водејќи особено внимание во ниту еден момент е да не се наруши нивната независност.
Двајцата соговорници се осврнаа и на прашањето на долгите судски процеси за што министерот Флоридис информира дека токму за ова прашање веќе во Грција презеле конкретни чекори и мерки со цел да се намали бројот на пресуди пред Европскиот суд за човекови права. Тој истакна дека во моментот во Грција се одвива реформа на правосудниот систем во насока да се намали рокот за процесирање на предметите. Целта е да се постигне оптимален временски рок од 500 дена, кој е среден рок на земјите членки на Европската Унија, од пријава до правосилна пресуда.
Вицепремиерката Грковска и министерот Флоридис разменија искуства и за начинот на избор на судии и јавни обвинители, како и за механизмите, кои овозможуваат на овие позиции да се изберат лица со интегритет, кои нема да подлегнат под никакви влијанија. Тие се осврнаа и на значењето на меѓусебната соработка и искуство во делот на правосудниот систем бидејќи, како што нагласија, тоа не е само национално, туку и регионално прашање. Оттука, беа истакнати заемни заложби за понатамошно продлабочување на соработката.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во наредните десет дена изменет сообраќаен режим на автопатската делница во изградба од селото Требеништа до селото Мешеишта
СВР Охрид информира дека од денеска во наредните десет дена, на сила ќе бидат измените на сообраќајниот режим на автопатската делница во изградба од селото Требеништа до селото Мешеишта, општина Дебрца.
„На овој патен потег, сообраќајот ќе се одвива наизменично по левата сообраќајна лента гледано во правец од Охрид кон Кичево поради што, апелираме до возачите, крајно внимателно и со прилагодена брзина да ги управуваат своите патнички и други моторни возила и во согласност со поставената хоризонтална и вертикална сообраќајна сигнализација“, соопштуваат од СВР Охрид.
Македонија
СДСМ: „Тефтерчињата“ во судството од времето на Никола Груевски се вратија
„Го сменија јавниот обвинител за да постават обвинител под своја контрола. Сопруга на градоначалник од ДПМНЕ назначија за член на Судскиот совет, поставија партиски човек во Советот за јавни обвинители. ‘Тефтерчињата’ во судството од времето на Никола Груевски се вратија“, велат од СДСМ.
„Сите знаат, следува целосно погребување на правдата. Со неуставна Резолуција во Собранието ДПМНЕ-ЗНАМ ја гушат демократијата, слободата на говор и се обидува да ја замолчи опозицијата да не зборува за договорот мигранти за пари.
Дури и Катица Јанева ја пуштија од затвор. Три години порано ја пуштија надвор од затвор за 3 месеци да тера кампања. Copy-paste сценарија како методите на Никола Груевски и Вучиќ. Режим 2.0.
Затоа е потребен широк фронт за правда на сите слободоумни граѓани, опозициски партии, прогресивни сили, здруженија. Заедно ќе ја одбраниме демократијата, заедно ќе ја одбраниме Македонија!“, се наведува во соопштението на СДСМ.
Македонија
Гаши се сретна со амбасадорката на Монголија: 30 години дипломатски и пријателски односи
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, заедно со Пратеничката група за соработка со Парламентот на Монголија, оствари средба со нерезидентната амбасадорка на Монголија, Сајана Лкхагвасурин.
Претседателот Гаши изрази задоволство од средбата во време кога се навршуваат 30 години дипломатски односи меѓу двете земји и надеж дека овој јубилеј ќе отвори едно ново поглавје на заедничка соработка. Иако нашата земја е кандидат за членство во ЕУ, сепак е отворена за соработка со сите држави во светот.
Исто така, Гаши искажа почит кон Монголија од историски аспект – преку Џингис-хан и од современ аспект – како силен мост меѓу Истокот и Западот.

Како претседател на законодавниот дом, ќе се заложи за продлабочување на односите на парламентарно, но и државно ниво. Преку заемни посети и размена на искуства, да се изградат мостови на соработка.
Амбасадорката изрази задоволство од одбележувањето на 30-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи и најави низа свечени настани во таа чест. Таа информира за формирањето на парламентарна група за соработка со Македонското собрание, која е во тек во Монголскиот парламент, што ќе доведе до зајакнати парламентарните релации. Во насока на приближување на народите, беше посочено и што поскоро воведување на безвизен режим, како бенефит за двете земји.

Претседателката на Пратеничката група за соработка, Мерита Колчи-Коџаџику, ја искористи можноста да се заблагодари и на почесниот конзул на Монголија во нашата земја, Литов Намдагжанчивин, за неговиот труд и посветеност на зближување на двете земји. Во годината што претстои, најави интензивирана соработка, посебно на културно и туристичко поле. Во овој контекст се надоврзаа и пратениците Тони Јаревски и Драган Недељковиќ, кои упатија заложби за зголемена културна размена и преточување на иницијативите во конкретен документ за соработка.

