Економија
Бектеши: Конкурентна градежна индустрија е двигател на економскиот раст на државата

Иако Министерството за транспорт и врски е надлежна институција за градежништвото, Министерството за економија има една многу значајна улога во делот на градежните производи кои се клучен елемент на градежништвото и во делот на енергетска ефикасност на зградите за кој дел сите сме сведоци дека е приоритет на ЕУ политиките. Ефикасен и силен механизам за контрола на квалитетот на градежните материјали кои се нудат на пазарот е еден од најзначајните предуслови што треба да обезбедат дополнителни гаранции за сигурноста на градбите и одржлив раст на домашната градежна индустрија. Градежната индустрија е значаен двигател на економскиот развој на земјата. Поради ваквото нејзино значење, добро е што оваа гранка од индустријата се потпира врз силни компании кои имаат капацитет, знаење и големо искуство и кои континуирано вложуваат во производство на квалитетни градежни материјали, кажа министерот за економија Крешник Бектеши на Првата конференција за патна инфраструктура која се одржува во Охрид.
Бектеши кој беше говорник на панел дискусијата насловена „Улогата на градежништвото во економскиот развој на државата“ кажа дека Министерството за економија во 2021 година го донесе новиот Закон за градежни производи кој е целосно усогласен со Регулативата 305/2011 од Евроспка Унија и придонесува за поедноставување на административните постапки , скратување на времето за добивање и именување на тела и е во функција на зголемување на ефикасноста за контроли и сузбивање на сите технички и трговски бариери во оваа област.
Министерот во својето обраќање се осврна на времето кога македонските градежни компании беа најголеми градежници на инфраструктура во земјите од регионот и пошироко.
„Нас ни е потребна стратегија која ќе покаже дали навистина сакаме да градиме одржлива инфраструктура. Нашите компании сега помалку работат на странските пазари, а тоа е пораз и за државата. Затоа мора сите да работиме заеднички здружено, а и градежните компании да работат здружено за да бидат конкурентни“ кажа министерот.
Министерот потенцираше дека секторот градежништво е важен за економијата и учествува со 5% во Бруто домашниот производ (БДП)
„Потребна е поголема конкурентност и континуиран развој согласно новите технолошките трендови и барања поврзани со Зелената агенда вклучувајќи зелена трансформација, енергетска ефикасност, циркуларна економија и искориствање на градежниот отпад, како и поттикнување на дигиталната трансформација во градежништвото, вложување во истражување и развој и вештини, за развој на одржливи материјали како солидна основа за одржливи и паметни решенија во градежништвото и градежните материјали“ кажа министерот Бектеши.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Премиерот Мицкоски го посети логистичкиот центар на Лидл – инвестиција од 115 милиони евра

Премиерот Христијан Мицкоски денеска го посети Регионалниот дистрибутивен центар на Лидл Северна Македонија во Речица, Куманово, кој е во завршна фаза на изградба и се очекува да отпочне со работа во пролет 2026 година.
Инвестицијата е вредна 115 милиони евра, ќе овозможи отворање на 230 нови работни места, а во изградбата Лидл соработува со над 75 македонски компании.
Покрај премиерот Мицкоски на настанот присуствуваа и вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, министерот за економија и труд Бесар Дурмиши и заменик министерот Марјан Ристески, директорот на Царинската управа Бобан Николовски, директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Оливер Миланов и градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски.
Милена Драгијска, извршна претставничка на Лидл, изрази благодарност за соработката со Владата, во кои, како што рече гледаат големи партнери.
„Овој логистички центар подразбира свежи производи за македонските потрошувачи во секоја продавница, секој ден. Ова е можност и за македонските производители да ги намалат трошоците, односно да ги складираат своите производи овде како централна локација, а дополнително ние располагаме со механизми за контрола на квалитет, бидејќи гарантираме за свежината и за квалитетот на производите“, изјави Драгијска.
Со површина од 170 000 м2 и оперативна површина од 63 000 м2, ова е најголемиот логистички центар во Северна Македонија. Преку иновативната технологија, стандардите на градба, енергетската ефикасност и начин на работа, со логистичкиот центар се поставуваат нови стандарди за логистичка инфраструктура во Северна Македонија.
Лидл е дел од групацијата „Шварц“, со седиште во Некарзулм, Германија, и е еден од водечките трговци на мало со храна во Германија и Европа. Лидл моментално управува со околу 12.600 продавници и повеќе од 230 дистрибутивни и логистички центри во 31 земја и вработува над 382.400 луѓе.
ПР
Економија
Мицкоски: Трговијата во индустријата е зголемена за 13-14 отсто во јули, споредено со истиот месец лани

Премиерот Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа дека економијата се опоравува и какви се макроекономските показатели во индустријата, изјави:
„Државниот завод за статистика објави параметар вчера, во којшто вели дека трговијата во индустријата е зголемена за 13-14% во јули, споредено со истиот месец претходната година. И тоа е тренд кој што нѐ следи цела година, но она кое што за мене е забележливо, е фактот што таа трговија во индустријата, во делот на размена со странство е дури и повеќе зголемена, отколку трговијата во индустријата дома.
Кога зборувам повеќе надвор, зборувам за повеќе од 15% и тоа е единствен резултат во Европа каде што имаме толку силна, зголемена трговија во индустријата. И тоа е добар показател, бидејќи јули е првиот месец од третиот квартал. Во првиот квартал имавме 3,2% раст на БДП, во вториот квартал 3,4 иако номиналниот е 7,8. Очекувам во третиот и четвртиот квартал тој раст да продолжи до крајот на годината. Така што ова се сѐ индикатори коишто ние со години наназад, не сме биле ни блиску да ги постигнеме, а камо ли пак да ги коментираме.“
Економија
Дурмиши на „Бизнис Лидер“: Владата и стопанството се партнери во градење на модерна и одржлива економија

Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, денеска се обрати како почесен гостин на најголемата бизнис конференција во земјава – „Бизнис Лидер“, која ги обединува најуспешните претприемачи, визионери и компании што ја движат македонската економија напред.
Во своето обраќање, министерот истакна дека оваа конференција претставува симбол на волјата, капацитетот и одговорноста за зајакнување на темелите на економијата и за создавање подобра иднина за граѓаните.
„Нашата визија е јасна – Македонија да стане зелена, дигитална и иновативна економија, со силно претприемништво и со култура на иновации во секоја компанија. Само преку партнерство помеѓу јавниот и приватниот сектор можеме да обезбедиме стабилен раст, нови работни места и подобар животен стандард за сите граѓани“, рече Дурмиши.