Свет
Медведев ја предупредува Полска: Ризикувате да ја изгубите државноста
Најголемиот сојузник на претседателот Владимир Путин во четвртокот ја предупреди Полска дека земјата-членка на НАТО сега се смета за „опасен непријател“ на Русија и дека на крајот може да ја изгуби својата државност доколку продолжи по сегашниот курс, пишува Ројтерс.
Поранешниот руски претседател Дмитриј Медведев, сега заменик-претседател на Советот за безбедност на Русија, ги даде коментарите во авторски текст за руско-полските односи, велејќи дека Москва сега има „опасен непријател“ во Полска.
„Ќе ја третираме Полска токму како историски непријател. Ако нема надеж за помирување со непријателот, Русија треба да има само еден и многу груб однос кон својата судбина“, рече Медведев.
„Историјата многу пати досега има изречено безмилосна пресуда за дрските Полјаци: колку и да се амбициозни реваншистичките планови, нивниот колапс може да доведе до смрт на полската државност како целина“, додаде тој.
Немаше итен одговор од Полска на неговите коментари.
Војната во Украина доведе до нови падови во и онака затегнатите односи меѓу Варшава и Москва, пренесува медиумот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Загинаа две лица, а пет се водат како исчезнати по судар на чамец и крузер во Дунав кај Будимпешта
Две лица го загубија животот доцна синоќа, а пет се водат за исчезнати во судар на мал моторен чамец и крузер на реката Дунав северно од Будимпешта, соопшти денеска унгарската полиција.
Телата на возрасен маж и жена се пронајдени северно од главниот град, а властите се уште трагаат по пет исчезнати лица.
Сома Чечи, портпарол на полицијата во Будимпешта, на прес-конференција рече дека, според досегашните сознанија, во чамецот имало вкупно осум возрасни лица и потврди дека две лица загинале, а пет се водат како исчезнати. Тројца мажи и две жени моментално се бараат со глисери и дронови, јавуваат унгарските медиуми.
Полицијата соопшти и дека во градот Комаром бил запрен поголем брод, а од увидот било откриено дека му е оштетен страничниот дел. Се врши увид и во тек е истрага за опасноста по водениот пат и смртта на неколку лица.
Регион
По обидот за атентат словачкиот премиер Фицо е надвор од животна опасност
Словачкиот премиер Роберт Фицо е надвор од животна опасност по обидот за атентат, изјави денеска министерот за одбрана и вицепремиер Роберт Калинак за словачката новинска агенција ТАСР.
Состојбата на Фицо се подобрува, а лекарската комисија утре треба да одлучи дали тој ќе биде префрлен. Фицо моментално се опоравува во универзитетската болница во Банска Бистрица.
Фицо беше тешко повреден на 15 мај, по седницата на Владата во градот Хандлова, кога 71-годишниот писател Јурај Цинтула, од непосредна близина неколку пати пукаше со пиштол во него. Специјалниот кривичен суд во словачкиот град Пезинок, со силно полициско обезбедување вчера му одреди притвор на Цинтула.
Свет
Девојка од Чикаго на 17 години стана доктор на науки
Дороти Џин Тилман од Чикаго стана најмладата личност, на 17 години, што успеа да се здобие со докторска диплома за интегрирано бихевиорално здравје во Аризона.
„Ова е прекрасна прослава и се надеваме дека Дороти Џин ќе инспирира повеќе студенти. Но, ова е нешто многу ретко и уникатно“, вели вонредниот професор Лесли Менсон.
Кога повеќето ученици се обидуваат да се адаптираат во средно училиште, Дороти веќе беше запишана на колеџот во Лејк Каунти во северен Илиноис, каде што дипломира психологија.
Во 2018 година таа дипломира на отсекот хуманитарни науки на колеџот „Екселсиор“ во Њујорк. Две години подоцна, магистрира на колеџот „Јунити“ во Мејн пред да биде примена на Програмата за бихевиорално управување.
Поголемиот дел од нејзиното образование го реализира на далечина, преку онлајн настава.
Како што вели таа, најголема заслуга за целото нејзино образование има нејзината баба, како и нејзината мајка, на која е благодарна за помошта и насочувањето. Секако, целиот образовен процес не бил без жртва.
„Немав секојдневна училишна работа, немав училишно фотографирање или работи кои создаваат единство меѓу врсниците “, вели таа.