Македонија
Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ во 2021 од позиција на опозиција извојува огромна победа, сега да ја зокружиме и потврдиме со победа на претседателските и парламентарните избори со 61 пратеник
Целта на оваа кампања, пред официјалната е преку комуникација со граѓаните да препознаеме и да видиме што им е важно на граѓаните, а тоа што им е ним важно ни е и нам, и тоа ќе биде дел од програмата затоа што таа програма на Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе биде програма на идната влада, бидејќи коалицијата сигурно победува и тоа е добрата вест што сакам да ја кажам, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за време на посетата на Прилеп која е во рамки на кампањата „Важно е! Од тебе зависат промените“.
Мицкоски укажа дека е важно на следните избори да има историска победа на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата предводена од партијата и како што рече „затоа што со идните потенцијални партнери, нема да разговарам на ниво на политика и концепти, затоа што за жал најголем дел од нив се темелат на лични амбиции“.
„Нам ни треба сериозна реформа, затоа што Македонија е клекната на колена, опустошена, опљачкана. Затоа потребно е Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ да има 61 пратеник. Ние се бориме за 61 пратеник, победата е сигурна“, посочи Мицкоски.
Мицкоски посочи дека со народот ВМРО-ДПМНЕ во 2021 почна да ја пишува историјата откако партијата помина внатрешна катарза и го испиша оној резултат со огромна победа.
„ВМРО-ДПМНЕ успеа од позиција на опозиција да освои мноизнство градоначалници и тука почнавме да ја пишуваме истријата, но тоа не е доволно треба да ја зокружиме и потврдиме со победа на претседателските избори и победа на парламентраните со 61 пратеник“, кажа Мицкоски.
Претседателот повика на обединување и упати апел до сите незадоволни од СДСМ и ДУИ да застанат со ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи како што рече трета опција нема.
„Сигурен сум дека секакви политичари ќе ви се доближуваат и ќе ви ветуваат се, ве молам бидете внимателни затоа што ќе нема нова шанса. Следните избори се референдум за тоа каква Македонија сакаме и во каква Македонија сакаме да живееме. Не се сите исти ќе се обидуваат да ве убедат дека сите се исти, дека не зависи од вас. Тоа не е точно никој не победил народ“, порача Мицкоски.
Мицкоски додаде дека секој кој мисли дека политичките маргиналци може да се алтернатива им помага на Али Ахмети, Артан Груби, Бујар Османи, Димитар Ковачевски, Оливер Спасовски, Бојан Маричиќ и слични.
„Оваа борба ќе ја добиеме со стратегија и памет, пред нас се само месеци додека ја заокружиме историската победа и тоа двојна победа на пармалентарните со 61 пратеник и на претседателските избори. А потоа доаѓа потешкиот дел, сериозно да се фатиме за работа, да го вратиме достинството, она што е опљачкано, а тоа може само ако има одговорност. Затоа ни се потребни тие 61 пратеници за да ги спроведеме сите реформи“, кажа Мицкоски.
Мицкоски на крајот порача укажувајќи им на граѓаните „ве молам обединете се еден со друг, застанете еден до друг, поддржете го ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата.
„Оваа порака ја испраќам и сакам да стиге до секој дом. Затоа што има разлика ние носевме инвестиции тие крадат, ние вработувавме тие отпуштаат, ние обезбедивме бесплатни учебници а денес децата немаат учебници, ние носевме опрема во болнци денес заработуваат од маката на граѓаните, тоа го прават оние од канцер мафијата, ние градевме, а тие не можат ни да искречат тоа што ние сме изградиле“, заклучи Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Голем број документи, а сè повеќе кршења на човековите права
По повод Меѓународниот ден на човековите права, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на Свечената седница на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје.
Таа укажа дека 10 декември е симбол на современата култура на човекови права, без чие почитување нема правна држава, ниту демократија.
За неа, парадоксален е расчекорот меѓу огромниот број правни документи и институции, од една страна, и алармантниот пораст на конфликти, бегалци и нови форми на прекршување на правата како дигитално надгледување и алгоритамска дискриминација до климатски неправди што директно го засегаат правото на живот, здравје и достоинство, од друга.
Според неа, климатската криза и современите војни ја разголуваат ранливоста и неефикасноста на меѓународниот правен систем и поредок.
Таа истакна дека Меѓународниот ден на човековите права не треба да биде само ден за комеморација, туку момент на соочување со тешките прашања како:
‒ Дали нашите институции гарантираат правичност, еднаквост и достоинство или само ги опишуваат и набројуваат?
‒ Дали нашето судство има сила да каже „не“ кога политиката вели „да“?
‒ Дали медиумите имаат простор да истражуваат корупција без страв?
‒ Дали ранливите групи се видливи во нашите политики?
„Човековите права се секогаш резултат на постојана и секојдневна борба, на институционална храброст и на граѓанска свест и совест. Секоја генерација мора одново да ги освојува, брани и толкува низ призма на современите предизвици“, заклучи таа.
На Свечената седница се обратија и проф. д-р Сашо Георгиевски, декан на Правниот факултет и Олег Солдатов, раководител на програмската канцеларија на Советот на Европа во Скопје.
Македонија
Градот Скопје обезбедува сопствен стан, шелтер центар за заштита на жртвите од родово базирано насилство
На денешната седница на Советот на град Скопје беше донесена одлука со која се отвора можност еден стан во сопственост на градот да се користи како безбеден, заштитен и привремен дом за жртвите на семејно и родово базирано насилство.
Овој простор ќе овозможи итен смештај, стручна поддршка, советување и целосна грижа сè до стабилизација на ситуацијата и изнаоѓање трајно решение.
„Ова е силна и јасна порака дека ниту една жена и ниту едно дете не смеат да останат сами во моментите кога им е најтешко. Градот Скопје создава безбедно место кое ќе биде подадена рака, засолниште и нов почеток“, изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Со воспоставувањето на првиот градски шелтер-центар, Скопје практично ги реализира приоритетните политики за заштита, поддршка и превенција од насилство. Оваа мерка претставува важен чекор напред во градењето на систем кој обезбедува сигурност, институционална грижа и достоинствено опоравување на жртвите.
„Градот мора да биде засолниште за сите свои граѓани, особено за најранливите. Затоа ова е само почеток. Ќе продолжиме да инвестираме во силни, функционални и хумани услуги, затоа што секоја спасена жена и секое заштитено дете е наша заедничка победа“, додаде градоначалникот Ѓорѓиевски.
Градот веќе ги подготви сите неопходни услови за објава на јавниот повик, кој ќе биде наменет за организација со докажано искуство и специјализирани услуги во областа на социјалната заштита и поддршка.
Со ова започнуваме нова фаза на одговорно, транспарентно и човечно работење, со цел изградба на град во кој насилството нема место, а поддршката е достапна за секој што ја бара.
Македонија
Тошковски во Брисел: Македонија ја потврдува посветеноста во борбата против криумчарењето мигранти
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска во Брисел учествуваше на Втората меѓународна конференција на Глобалната алијанса за борба против криумчарењето мигранти – значаен светски форум кој ги обединува партнерите во справувањето со еден од најсериозните транснационални безбедносни предизвици.
Во име на Македонија, министерот Тошковски ја поддржа Заедничката декларација на Алијансата, со што државата уште еднаш ја потврдува својата цврста посветеност на засилената превенција и поефикасен институционален одговор на криумчарењето мигранти. Ова претставува важна потврда за улогата на Македонија како активен и доверлив партнер во глобалните напори за борба против организираниот криминал.
Во рамки на конференцијата, министерот Тошковски оствари билатерална средба со Европскиот комесар за внатрешни работи и миграција, Магнус Брунер. Разговорите беа фокусирани на процесот на европска интеграција на Македонија, како и на важноста од координирани европски политики во делот на управувањето со границите.
На маргините на конференцијата министерот Тошковски се сретна и со Сузане Раб, новоизбраната генерален директор на Меѓународниот центар за развој на миграциска политика (ICMPD), со која разговараше за актуелните миграциски предизвици и можностите за продлабочување на идната соработка.
Министерот оствари и средба со министерот за внатрешни работи и контрола на наркотици на Пакистан, Мохсин Раза Накви. На средбата беше разговарано за зајакнување на билатералната безбедносна соработка, која во наредниот период треба да се формализира преку потпишување на Меморандум за разбирање помеѓу двете министерства.
Учеството на Македонија во работата на Глобалната алијанса за борба против криумчарењето мигранти уште еднаш ја нагласува улогата на државата како активен и кредибилен партнер кој придонесува кон европската и глобалната безбедност.

