Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Канцер-мафијата е заштитена од власта, два месеца по обелоденувањето на случајот, нема одговорност за никого
Канцер мафијата е заштитена од власт, 2 месеци откако се обелодени случајот, нема одговорност за никого, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Според нив, ЈО со непостапувањето и незаинтересираноста со која пристапува кон случајот овозможува канцер мафијата да продолжи со нерегуларностите.
„Според документите кои пристигнаа до нас има сериозни индиции дека криминалот на Онкологија не запрел. Власта си поигрува со човечки животи, а една веледрогерија блиска до власта печали. Имено според Извештајот за работата на Онкологија, набавките кои се вршени се менувани без согласност од Клиниката. Во Извештајот е нотирано – Нарачките се подготвуваат секој понеделник врз основа на тековна залиха, се одобруваат со потпис од директорите, но не постои писмен допис кој ги одобрува измените на лековите и количините за нарачка“, се истакнува во соопштението од оваа партија.
Додаваат дека иако се менувани нарачки без писмена согласност, никој од Клиниката, ниту од Министерството за здравство не презел мерки против омилената веледеогерија на власта.
„Сето ова немаше да се случи, ако власта го користеше КАТО системот кој во целост ја елеминираше можноста за злоупотреби на терапиите за болните од рак. Власта свесно не го користеше КАТО системот, иако знаеше за неговото постоење. Одговорност мора да има“, се потенцира во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во прекин сообраќајот на граничниот премин Богородица, на Меџитлија прекинот е само за моторни возила
Сообраќајот на ГП Евзони (ГП Богородица) е во прекин и според најава се очекува да остане затворен за секаков вид на сообраќај до 19:00 часот.
Сообраќајот на ГП Меџитлија (НИКИ) е во прекин само за товарни возила.
Додека сообраќајот на ГП Дојран се одвива нормално.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година. Повеќе информации може да прочитате на овој линк.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Град Скопје започна со обновување на јавните површини во центарот
Градот Скопје соопшти дека продолжува со интензивни активности за обновување на јавните површини и подобрување на урбаниот амбиент, со фокус на централното градско подрачје. Од Градот наведуваат дека се работи на локации кои со години биле занемарени и без основно одржување, со цел да им се врати функционалноста, безбедноста и достоинствениот изглед.
Според соопштението, градските служби координирано интервенираат на простори што секојдневно ги користат илјадници граѓани и посетители.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, во објава на социјалните мрежи, информира дека „деновиве интензивно се работи на сите страни низ градот“. Тој наведе дека на плоштадот „Македонија“ се заменуваат скршените и пропаднати плочки, фонтаните што подолго време не функционираа повторно се враќаат во употреба, а пристапните патеки ќе добијат уреден изглед.
„Скопје мора да биде достоинствен, уреден и убав град, токму таков како што го паметиме и каков што сакаме да го оставиме за идните генерации“, напиша Ѓорѓиевски.
Тој додаде дека активностите се спроведуваат „за нас, но и за сите гости кои секојдневно доаѓаат да го запознаат нашиот главен град“.
Македонија
Кисела Вода и Агенцијата за катастар на недвижности: Засилена соработка за поефикасна услуга
Денес во општина Кисела Вода се одржа средба меѓу градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска и директорот на Агенцијата за катастар на недвижности на Република Македонија, Иван Живковски.
Како што известуваат од Општината, разговорот бил насочен кон зајакнување на соработката меѓу двете институции, со фокус на подобрување на услугите кон граѓаните, поголема достапност до податоци и унапредување на дигиталните процеси. На средбата беше договорено дополнително зајакнување на оваа соработка, особено во делот на дигиталните сервиси, со што граѓаните ќе добијат побрзи административни постапки и намалени трошоци, без потреба од непотребни чекори и обраќања кон повеќе институции, велат од Општината.

Беше констатирано дека модерното и транспарентно управување со податоци е неопходно за развој на општината, подобро планирање и подигнување на квалитетот на услугите. Посебен акцент беше ставен на можностите за интеграција на дел од дигиталните системи и олеснет пристап на општината до катастарските податоци, што ќе придонесе за побрзо постапување по барањата на жителите и поголема ефикасност при издавање документи и спроведување урбанистички процеси, информираат од Општината.

„Како општина која силно инвестира во дигитализација, наш приоритет е граѓаните да добиваат услуга брзо, ефикасно и без непотребни административни бариери. Со Агенцијата за катастар на недвижности имаме заедничка цел, да обезбедиме поголема достапност на услугите и унапредено управување со податоците. Денешната средба со директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, Иван Живковски ја гледам како значаен чекор напред, бидејќи интегрирањето на системите и размената на информации ќе овозможи побрзо решавање на имотно-правните и урбанистичките постапки. Сето ова е дел од нашата заедничка стратегија да ја направиме Општина Кисела Вода модерна, ефикасна и лесно достапна за сите жители, каде граѓаните ќе можат брзо и безбедно да ги завршуваат своите административни обврски“, изјави градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска.

