Култура
Десет музички ѕвезди за главната вечер на јубилејниот 25-ти „Таксират“

„Таксират“, македонскиот најпосетен алтернативен музички фестивал, годинава прославува јубилејно 25-то издание. Овој голем јубилеј, најголемиот зимски урбан музички фестивал во Југоисточна Европа, го одбележува со многубројни концерти и настани, а денеска ја најавува и програмата за финалната вечер, со која на 7 декември ќе биде заокружена прославата четврт век „Таксират“ во Скопје.
Главната вечер годинава ги собира „Таксират“-резидентите, имињата потпишани зад најмасовните концерти, артистите што дефинираа жанрови, но и станаа белег на „Таксират“ или уште поважно, екипата што на моменти одигра значајна улога во опстојувањето на фестивалот. На 3 сцени, кои ќе бидат поставени во скопската арена „Борис Трајковски“ со настапи на 10 музички ѕвезди, на главната вечер збирно место ќе има и новата генерација, актуелниот бунтовен звук, но и светската алтернативна, транскултурна електронска сцена.
А таа на „Таксират“ годинава пристигнува од Франција со психоделично-ориенталниот електронски звук на ACID ARAB („Ејсид Араб“), парискиот музички колектив познат како транскултурен еклектичен спој на музичките стилови од целиот свет. Покрај нив, жанровската фузија во единствен уникатен звук ќе ни ја претстави и извонредниот DUB FX („Даб еф-икс“), австралискиот музичар, визионер, уличен уметник и општествен активист, кој на „Таксират“ ќе го промовира новиот долгоочекуван албум Infinite Reflection и, како што самиот нагласува, ќе ја претстави новата димензија на своите концертни настапи.
Главната вечер на „Таксират“ е резервирана и за едни од најпочитуваните балкански изведувачи со убедливо најуспешни интернационални кариери, соработници и големи пријатели на организаторот „Пасворд продукција“ и музички уметници, кои се заслужни за најмасовните и за најенергичните настапи кај нас. Тука спаѓа еден од најдобрите бендови од регионот, „Дубиоза колектив“, секогаш импресивната екипа, која ги освои најголемите светски фестивали и повеќе од 20 години соборува рекорди со огромен број меѓународни концерти преку кои ја имаат освоено публиката од секој дел на планетата. Од македонската сцена, пак, тоа е маестралниот Кирил Џајковски, зачетникот на глобалниот феномен познат како Балкан бит, кој со своето повеќе од 20-годишно творештво се запиша на самиот врв на најценетите музички уметници од Југоисточна Европа.
Покрај Кирил Џајковски, домашната сцена ќе ја претставуваат уште две легендарни имиња, кои се гордост на македонската музичка алтернатива, SMUT („Смат“), основоположниците на метал-кор музиката во Македонија и регионот, како и СТРАЈК, неприкосновеното рап-име од скопската андерграунд-школа.
Од регионот, покрај „Дубиоза колектив“ и претходно најавените „ЛЕТ 3“ од Хрватска, на главната вечер ќе настапат и С.А.Р.С., алтернативната рок-група, која со иновативниот музички израз си го заслужи своето место како еден од најатрактивните изведувачи на регионалната музичката сцена, како и Смоке Мардељано, неприкосновен претставник на бунтовната генерација од белградскиот хипхоп, но и Мими Мерцедес, една од првите и најистакнати раперки од српската музичка сцена.
Првото издание на „Таксират“ се одржа во далечната 1999 година. Приказната на скопските „таксиратлии“ почна од Младинскиот културен центар и преку изминатите изданија ги надживеа и ги обележа со култни концерти, „Сајмиште“, „Метрополис арената“ и дополнителните хали, низа концертни простори насекаде во Скопје и „Таксират“ сè уште е тука!
Годинава, јубилејното 25-то издание се одржува со програма која вкупно брои повеќе од 60 концерти и настапи на разни локации во Скопје, а која ќе биде заокружена со финалната прослава и настапите на овие 10 музички ѕвезди во една главна вечер, на 7 декември, во арената „Борис Трајковски“.
Билетите за главната вечер на „Таксират“ се веќе пуштени во продажба со најповолната супер промотивна цена од 700 денари, резервирана за најбрзите 1.000 купувачи во продажната мрежа на „МК тикетс“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
МОБ: Почеток на сезоната со „Реквием“ од Моцарт на 3 октомври

Остануваат уште неколку дена до свеченото отворање на сезоната 2025/2026 во Македонската опера и балет со едно од најмоќните и најемотивни ремек-дела во историјата на класичната музика – „Реквием“ од Волфганг Амадеус Моцарт, најавија од Националната опера и балет.
„Ова монументално остварување повеќе од два века ја фасцинира и инспирира публиката ширум светот и се смета за едно од најзначајните и најизведувани дела во светската музичка литература. Секоја нота од „Реквием“ го носи печатот на Моцарт и ја потврдува неговата вечна музичка величина“, истакна организаторот.
Големата сцена на Македонската опера и балет, на 3 октомври, во 20 часот ќе оживее со енергијата на маестро Џанлука Мартиненги и магијата на солистите Биљана Јосифов, Николина Јаневска, Јане Дунимаглоски и Владимир Саздовски, придружени од хорот и оркестарот при МОБ.
Култура
Почнува фестивалот на европска литература „Букстар“

Фестивалот за европска литература „Букстар“ (BookStar) почетокот на своето единаесетто издание ќе го означи в понеделник на 29 септември во Културно информативниот центар во Скопје со почеток во 19.30 часот, а ќе трае до 2 октомври. Главните настани ќе се одвиваат во Културно информативниот центар во Скопје, меѓутоа дел од програмата ќе се одвива и на други локации.
Годинашниот фестивалски слоган гласи „За писателцките работи“, а својот корен го има во делото на Крсте Мисирков (1874 – 1926), во пресрет на јубилејот сто години од неговата смрт (2026).
– „BookStar“ во фокусот на својот интерес годинава ја става токму домашната литература и предизвиците со кои таа се соочува. Слоганот е непосредно инспириран од делoто на Мисирков, а индиректно од неговите ставови и начинот како ги претставува и елаборира. Тој не само што поставува основи на македонскиот јазик и современата македонска книжевност, како и на културната и националната самосвест, туку и прикажува интелектуален и пишувачки габарит каков што ретко сме виделе во нашата средина. „За писателцките работи“ е повик кон разговор за суштината на пишувањето, за одговорноста и слободата на авторот, но и за интимната, често невидлива, работа која стои зад секое напишано дело и која понекогаш носи судбински промени за писателот и за средината во која создава. Слоганот е мост меѓу традицијата и современоста, меѓу македонскиот Дон Кихот и денешната европска книжевна сцена како „melting pot“, создавајќи контекст во кој читателите ќе можат да ја доживеат литературата во еден жив, актуелен, моќен и ангажиран чин – велат организаторите од издавачката куќа „Антолог“.
Годинава во фокусот се голем број македонски имиња, па публиката ќе има можност да чуе бројни разговори со Калина Малеска, Блаже Миневски, Александар Прокопиев, Ермис Лафазановски, Владимир Мартиновски, Оливера Ќорвезироска, Жарко Кујунџиски, Михајло Свидерски, Дијана Петрова, Иван Шопов, Сања Михајловиќ-Костадиновска, Иван Антоновски…
И годинава на овој фестивал доаѓаат светски имиња од светот на книжевноста, па македонската публика ќе има можност да ги види Петра Клабоухова (Чешка), Серај Шахинер (Турција), Шоле Резазаде (Холандија/Иран), Онджеј Штиндл (Чешка), Мајнхард Раухенштајнер (Австрија) и Ахмет Умит (Турција).
Ахмет Умит (1960) е еден од најпознатите турски автори на детективскиот роман. Неговиот прв роман „Магла и ноќ“ (1996) се смета за ремек-дело на детективската книжевност. Умит е автор и на графички романи со инспекторот Невзат. Филмот „Збогум, моја убава татковино“ е направен според негово сценарио. Делата му се преведени на триесет и седум различни јазици и достигнале огромна меѓународна читателска публика. Многу од книгите му се адаптирани во филмови и телевизиски серии, а некои од нив и како театарски претстави.
Мајнхард Раухенштајнер (1970) е австриски писател, кој публикувал во дневни весници и во периодични списанија. Седум години предавал на Универзитетот за применета уметност во Виена, на отсекот за фотографија. Повеќе од дваесет и пет години работи во Претседателскиот кабинет, а во моментов е раководител на Одделот за наука, уметност и култура на претседателот на Австрија. Од филмската продукција, познат е по кратките филмови „Есен“ (UA Diagonale 2016), „Папа Рома“ (UA Diagonale 2020) и „Антифашистичка зоолошка градина“ (UA Diagonale 2022).
Онджеј Штиндл (1966) е чешки писател, новинар, филмски и музички критичар, сценарист и ди-џеј, познат по неговиот придонес кон современата чешка литература и медиуми.
Штиндл е автор на повеќе романи. Во 2020 година ја добил престижната награда „Фердинанд Пероутка“ за неговиот новинарски труд, која ја признава неговата голема улога во чешките медиуми и култура.
Петра Клабоухова (1980) е чешка писателка и новинарка. Работела како музички менаџер за независни рок-артисти во Европа и САД, каде што организирала концерти во живо. Таа ги претставувала рок-бендовите „Hollywood Vampires“ (основан од Алис Купер, Џони Деп и Џо Пери), „SEX Department“ и „Rock N Roll Army“ на нивните турнеи низ Европа, САД и Јапонија, и учествувала во продукцијата на нивните музички албуми.
Серај Шахинер (1984) е турска писателка. Работела како новинарка за култура и уметност во неколку весници. Пишува проза и публицистика. Добитничка е на неколку награди за расказите и за романите, а дел од нив се поставени и како театарски претстави. Делата на Шахинер се насочени кон класните прашања и напишани се со хумористичен стил, со жени во центарот на вниманието.
Шоле Резазаде (1989) се преселила во Холандија од Иран во 2015 година. Три години по нејзината преселба, потпишала договор за првиот роман „Небото секогаш е виолетово“ за кој ја добила Наградата за дебитанти на Друштвото за холандска книжевност и Наградата на публиката „Бронзена був“. Нејзиниот втор роман „Знам планина што ме чека“ доби Специјално признание од Наградата за литература на Европската Унија (2024) и беше номиниран за Наградата за книжевност „Амарте“ и за Наградата за книга за природа. Таа е ценета рецитаторка и јавна говорничка.
За време на фестивалски денови ќе се одржат бројни настани, поткасти, разговори, средби со млади читатели, потпишување книги.
Екслузивен настан годинава ќе биде „На кафе со Ахмет Умит“, кој ќе се одржи на 2 октомври во „Рамстор мол“. Влезот на сите книжевни настани е бесплатен.
Во рамки на фестивалот ќе биде доделена и наградата „Драги“ за најдобар превод на македонски јазик.
Тричлената комисија за доделувањето на наградата „Драги“ ја сочинуваат д-р Анастасија Ѓурчинова (претседател), д-р Јана Михајловска, и Иван Шопов (членови). Петте финалисти за 2025 година се Ермис Лафазановски за преводот од романски јазик на „Летото во кое мама имаше зелени очи“ од Татјана Цибуљак, издание на „Три“, 2024 година; Јасминка Марковска за преводот од норвешки јазик на „Утро и вечер“ од Јун Фосе, издание на „Артконект“, 2024 година; Калина Малеска за
преводот од англиски јазик на „Слобода: созревање на крајот на историјата“ од Леа Ипи, издание на „Или-или“, 2024 година; Лидија Танушевска за преводот од полски јазик на „Емпусион“ од Олга Токарчук, издание на „Антолог“, 2025 година и Милан Дамјановски за преводот од англиски јазик на „Десет раскази“ од О. Хенри, издание на „Светла комора“, 2024 година.
Дизајнот на плакатот е дело на Гордана Вренцоска.
Досега на „Букстар“ учествувале најголемите писателски имиња на денешнината: Славенка Дракулиќ, Наџат ел Хачми, Стефан Хертманс, Игор Штикс, Сјон, Миљенко Јерговиќ, Илја Леонард Фајфер, Јела Кречич Жижек, Михал Вивег, Слободан Шнајдер, Николо Аманити, Светлана Алексиевич, Саша Станишиќ, Евгениј Водолазкин, Ирса Сигурдардотир, Јуси Адлер-Олсен, Хокан Несер и многу други автори од речиси сите европски држави, како и неколку десетици македонски писатели.
Фестивалот „BookStar“ 2025 се одржува под слоганот „За писателцките работи“ и е поддржан од Министерството за култура и туризам, Комерцијална банка и издавачката куќа „Антолог“, а одделни настани и гостувања се реализирани и со поддршка на Наградата за литература на Европската Унија, Амбасадите на Кралството Холандија и на Република Чешка, како и на Чешкиот литературен центар. Официјален фестивалски пијалак е „Скопско“. Дизајнот на плакатот е дело на Гордана Вренцоска. Медиумски покровител на настанот е Македонската радио телевизија.
Култура
“Инхерентно инертни“ – мултимедијална изложба на Христина Крстеска

Во Културно-информативниот центар – Скопје на 2 октомври во 20 часот ќе се отвори мултимедијалната изложба од ликовниот уметник Христина Крстеска насловена „Инхерентно инертни“
„Колку се стари планините? Колку брзо се движат гребените? Колку длабоко продираат карпите?
Зборот колку навестува нешто мерливо, како што е времето, брзината или длабочината. Но, она по што Христина Крстеска трага во својата уметничка пракса можеби поточно би го опишале со прашалниот збор како.
Во својата пракса, Христина успева да разоткрие и документира дел од јазикот и постапките со кои луѓето се служат обидувајќи се да се соочат со својата немоќ. Сепак, се чини дека во длабоката потрага по возвишеност и значење, луѓето погледнуваат кон карпите и, во нивната величенственост, го наоѓаат во себе токму тоа на што Христина инсистира – нашата способност да ја согледаме вродената оживеаност на целиот свет“, вели Клелија Живковиќ.
Христина Крстеска (1995) е визуелен уметник и истражувач. Има завршено дипломски и магистерски студии на Факултетот за Ликовни Уметности во Скопје, област сликарство но нејзината уметност се базира на мултимедијални практики. Во полето на уметноста таа работи со интердисциплинарен пристап, учејќи за геологијата, со фокус кон истражување на карпести пејзажи кои на било каков начин биле под влијание на човечки активности и разгледувајќи ги геоморфолошките промени кои се случуваат поради антропогени процеси. Во декември 2023 ја издаде својата прва уметничко – истражувачка книга Raw Breathing – Traveling through rockscapes поддржана од студиото Private Print во Скопје. Има реализирано неколку изложби и соработувано со повеќе уметници од македонската сцена. Христина има учествувано и во многу групни изложби, проекти и работилници од партиципативен карактер, социјално ангажирани уметнички практики, неформални уметнички предавања, како и проекти за подигнување на свеста за заштита на животната средина.
Изложбата ќе биде отворена до 14.10.2025 година.