Економија
Над 4.800 нови работни места во ТИРЗ за три години, во октомври рекордно 17.769 вработени граѓани

Бројот на вработени во ТИРЗ продолжува да расте. Заклучно со октомври во компаниите во ТИРЗ бројот на вработени се искачи на 17.769 што е за 10% повеќе од истиот период лани. Најновата анализата на Дирекцијата покажува дека споредено со истиот период во 2021 година имаме раст од 28%, а споредено со 2020 година, има пораст од над 32%. Според анализата, за три години, споредено со просечниот број на вработени во 2020 до сега над 4.800 наши сограѓани добиле нови работни места во Зоните, известува владината прес-служба.
Дополнително, извозот во октомври ја надмина границата од 3 милијарди и 100 милиони евра, што е на исто ниво споредено со минатата година, но за 25% повеќе споредено со првите десет месеци од 2021, односно за 50% повеќе споредено со истиот период во 2020 година. Само во октомври компаниите во ТИРЗ достигнале извоз од речиси 300 милиони евра.
Компаниите во ТИРЗ од почетокот на годинава до сега оствариле увоз од над 2 милијарди и 500 евра. Тоа е на речиси исто ниво, споредено со истиот период лани, односно за 5% повеќе во однос на 2021, и за 50% во однос на 2020.
Поради ваквите економски движења, нето извозот заклучно со октомври е во позитива и изнесува 21%, што е за 10% споредено со истиот период лани, велат од Владата.
Се очекува ваквиот позитивен тренд на раст да продолжи до крајот на годинава поради зголемениот обем на склучени договори за инвестиции. Само годинава се склучени договори во вредност од 350 милиони евра каде веќе се реализираат дел од планираните 6.000 нови работни места.
За Владата, ова е уште една потврда дека нудиме стабилен деловен амбиент, и пред сѐ предвидлив за компаниите да може да ги реализираат своите долгогодишни планови. Сѐ ова е резултат на новиот концепт на Владата и ТИРЗ за привлекување на странски инвестиции за што секој потенцијален инвеститор задолжително доставува 10 годишен инвестициски план врз база на кој се проценува капацитетот на компанијата и инвестицијата и се подготвува индивидуализиран пакет за учество на државата во инвестицијата, се додава во соопштението на Владата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
9.000 тони македонска пченица ќе се откупат за потребите на стоковите државни резерви, вели ВМРО-ДПМНЕ

„Стоковите резерви на пченица се полнат со македонска пченица, откупена директно од македонските земјоделци. Државните резерви, со своите вредни и неуморни раце, ги полнат македонските земјоделци“, вели ВМРО-ДПМНЕ.
„Со одлука на Владата, 9.000 тони македонска пченица ќе се откупат за потребите на стоковите државни резерви.
Тоа ја покажува и потврдува вистинската грижа и посветеноста на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ за интересот на државата и земјоделците.
Наместо да се купува увозна, која како држава скапо ја преплаќавме, како што беше случај во време на власт на СДС и министер Љупчо Николовски, сега државните стокови резерви ги полни пченицата од македонските земјоделци.
За време на владеење на СДС, стоковите резерви се полнеа со пченица купена од странство за 25% поскапа од берзанска, односно 27 денари по килограм, што беше за шест денари поскапо.
А профитот, односно ќарот 100% од ваквите зделки, завршуваше кај посредниците, а сега целата добивка завршува директно кај македонскиот земјоделец.
Тоа време заврши. Сега никој не заработува на грбот на другите, посебно на трудот на земјоделецот и на штета на државата“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Економија
Трипуновски: Над 280.000 тони домашна пченица ќе се откупат за стоковните резерви

Зголемување од 2 проценти годинава во однос на минатата има кај површините кои беа засеани со пченица.
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство пренесува изјава на министерот Цветан Трипуновски кој посочува дека согласно првичните податоци од науката и теренските сондажи, се бележи „сериозен раст во делот на просекот кој ќе биде на државно ниво – тој ќе се движи оваа година над 4 тони по хектар.
-Овие 70.000 хектари кои ги имаме во евиденцијата како Министерство, засеани со пченица, ќе дадат просек кој е многу поголем од минатите години. Ќе добиеме производство од 280 до 300.000 тони пченица, со што ќе се задоволат домашните потреби, наведува Трипуновски.
Во минатото, како што вели, главната забелешка беше што државата дозволуваше стоковните резерви да се полнат со увозна пченица, наместо да се полнат од домашното производство.
-На владина седница донесовме одлука каде што преку Агенцијата за стоковни резерви од индивидуалните земјоделци ќе се врши откуп на 9.000 тони пченица за потребите на стоковните резерви, појасни министерот Трипуновски.
Додаде дека стоковните резерви ќе бидат полнети во повеќе региони низ Македонија: во битолскиот и во прилепскиот регион, дел во Овчеполието и во западна Македонија.
Економија
Инвертер-клими за ранливите семејства – Министерството за енергетика објави оглас

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини објави мерка која ги таргетира ранливите категории население.
Преку јавен оглас, што стапи во сила, Министерството, како што информираат од таму, почнува со распределба на енергетски ефикасни инвертер клима-уреди за 2025 година, со што ќе се подобри квалитетот на живеење и ќе се намалат трошоците за енергија во илјадници македонски домови.
„Мерката се реализира во согласност со Програмата за изменување и дополнување на Програмата за заштита на ранливите потрошувачи на енергија за 2025 година (‘Службен весник на РСМ’ бр. 161/25). Во согласност со јавниот оглас за поддршка на домаќинства што спаѓаат во категоријата ранливи потрошувачи на енергија, со цел унапредување на енергетската ефикасност и подобрување на квалитетот на живеење, домаќинствата што ги исполнуваат условите ќе стекнат право на купен и вграден инвертер клима-уред со моќност од 3,5 kW и енергетска класа од најмалку А+. Овие уреди не само што штедат електрична енергија туку обезбедуваат и висока ефикасност за греење и ладење – токму онаму каде што е најпотребно“.
Како што појаснуваат, рокот за пријавување е 60 дена од денот на објавувањето на огласот во дневен весник.
Повеќе информации, како и потребните обрасци за пријавување, се објавени на веб-страницата на Министерството: www.energy.gov.mk.