Култура
Ферид Мухиќ – прв добитник на наградата „Константин Филозоф“ за животно дело

Филозофското друштво на Македонија годинава ги утврди наградите „Константин Филозоф“ во три категории: за животно дело, за филозофска книга на годината и за млад филозофски истражувач.
Конкурсот за наградите „Константин Филозоф“ беше распишан на 24 март, а пријавувањето на кандидатите траеше до 1 октомври. Комисијата за доделување на наградата за животно дело, во состав: Мирко Ѓошевски (претседател), Денко Скаловски и Сузана Симоновска (членови) донесе едногласна одлука прв добитник на оваа награда да биде академик Ферид Мухиќ.
Во своето образложение комисијата подетаљно ги артикулира трите клучни аспекти за оваа награда пропишани во конкурсот: (1) вкупниот опус на филозофот во филозофското творештво, (2) филозофското образование и (3) афирмација на филозофијата во земјата и странство. Понатаму, комисијата дава поширок увид: „… Што се однесува до квалитативните аспекти на овој грандиозен опус, комисијата може да се повика на многуте признанија што академик – професор д-р Ферид Мухиќ ги има добиено во Македонија и странство. За него и неговите дела досега е пишувано, се пишува и ќе се пишува од автори со авторитет и перо. А треба да се има на ум дека квалитативната анализа на опусот на Ферид Мухиќ не е ни малку лесен и едноставен потфат. Станува збор за автор, кој е филозоф научник, филозоф поет и писател, филозоф учител и утешител…“
Ферид Мухиќ (1943) е еден од доајените на македонската филозофска мисла. Магистрира и докторира на Универзитетот во Белград, а целиот свој својот работен век го поминува на Катедрата/Институтот за филозофија при Филозофскиот факултет во Скопје, каде што предава голем број предмети. Под негово менторство се одбранети десетици дипломски, магистерски и докторски трудови од областа на филозофијата. Бил визитинг-професор на повеќе универзитети во светот, како што се Државниот универзитет на Флорида, Универзитетот „Сиракуза“ во Њујорк, Универзитетот „Сорбона“ во Париз, Меѓународниот институт за исламска мисла и цивилизација од Куала Лумпур итн. Член е на две академии: Бошњачката академија на науките и уметностите (БАНУ), на која и е прв претседател, како и на Европската академија на науките и уметностите. Има објавено импозантен број трудови од сферата на филозофијата и книжевноста, а најзначајните филозофски дела му се од областа на историјата на филозофијата, особено современата филозофија. Застапен е во голем број филозофски и книжевни антологии во САД, Велика Британија, Франција, Германија, Италија, Малезија итн. Преведуван е на англиски, арапски, германски, турски, албански, италијански и други јазици.
Наградата ќе му биде свечено врачена на 20. одбележување на Светскиот ден на филозофијата, 16 Ноември, во свечената сала на Филозофскиот факултет.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Драмски театар Скопје утре гостува на фестивалот РУТА во Тиват

Драмски театар со претставата „Хеда Габлер“ гостува во Тиват, Црна Цора. Од 7 до 12 април во организација на Центарот за култура Тиват се одржува црногорското издание на регионалниот театарски фестивал РУТА.
Премиерата на „Хеда Габлер“ беше на 20 април 2024. Гостувањето во Тиват ќе биде 12 изведба на претставата и второ гостување вон матичната сцена. Драмски театар со оваа претстава гостуваше на РУТА во Сараево во мај 2024 година и на фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп во јуни 2024г.
„Хеда Габлер“ е работена по текст на авторот Хенрик Ибзен. Режисер на претставата е Васил Христов, адаптацијата е на Викторија Рангелова Петровска и Васил Христов. Сценограф на претставата е Васил Христов и костимите се на костимографката Розе Трајчевска – Ристоска.
Улогите ги играат актерите на Драмски театар Скопје: Хеда Габлер Тесман – Сања Арсовска, Судијата Брак – Зоран Љутков, Јерген Тесман – Владимир Петровиќ, Ејлерт Левборг – Дениз Абдула и ликот на Теа Тесман го игра актерката Сара Климоска.
Режисерот Васил Христов во програмската белешка за претставата го истакнува следното: „Во 1890 година Хенрик Ибзен ја скандализира театарската јавност и воопшто естаблишментот, создавајки уште еден женски лик кој отстапува од востановените општествени норми. Хеда Габлер како една од најпознатите (анти)хериоини во драмската литература одигрува значајна улога во подигнување на свеста за женските прашања. Ибзен создава женски лик кој одбива да живее и да им служи на конвенциите на патријархалното општество. Нејзината борба за автономност и потрага по совршенство како и нејзината амбиција да поседува „машка моќ“ да може да влијае како врз сопствената така и врз судбината на другите, резултира со убиство на самото совршенство. Нејзиниот чин остава трага кој ја симболизира борбата за родови права и еднаквост“.
Режисерот Христов посочува дека драмскиот текст „Хеда Габлер“, низ годините, многупати е поинаку режисерски толкуван и читан, драматуршки адаптиран, структурно видоизменуван, користен како мотив од автори вљубеници во неговото дело. Драмскиот материјал отвора можности внатре во него да се интервенира во согласност со современите театарски концепти, читања, толкувања условени и од општествените промени кои неминовно се случуваат. Денес кога менталното здравје, кризата на идентитет и морално – етичките норми се во фокус на интерес, драмата и Хеда Габлер како (анти)хероина стануваат дополнително актуелни и ги рефлектираат проблематизираните состојби во современото општество.
Претставата е на редовен репертоар во Драмски и наредната изведба ќе биде на 24 април 2025 година.
Култура
50-та јубилејна изведба на претставта „Разведи ме“ во МКЦ на 9 април

Во среда на 09. април, со почеток од 20:00, во МКЦ- Скопје, ќе биде одиграна 50-тата, јубилејна изведба на претставта РАЗВЕДИ МЕ, во режија на Роберт Ристов. Оваа комедија, во последните неколку години, со право можеме да кажеме дека го освои регионот а беше и наградена со ГРАНД ПРИ на Меѓународниот фестивал на дуодрама во Топола, Р. Србија. Претставата освен тоа што е изведувана, скоро низ сите градови низ Македонија, гостуваше и во: Трелеборг (Шведска), Белград, Нови Сад, Шабац, Рума, Шид, Врање, Сараево; Бања Лука, Вараждин…
Во претставата играат актерите Мирјана Ристов и Роберт Ристов, а во видеата, кои се дел од дејствието учество земаа: Зорица Панчиќ, Благоја Чоревски – Чоре и Љубомир Свановиќ (гостин од Бања Лука).
Не пропуштајте ја можноста да уживате во јубилејната 50-та изведба на урнебесната комедија „Разведи ме“, која експлицитно и без цензури ги отвара темите за неверството и разводот, ставајќи ве во ситуација да ги преиспитате воспоставените општествено -морални вредности.
Оваа 50 -та изведба е уште една потврда за достигнувањата на „Театар Провокација“, кој веќе 6-та година, успешно ја испишува својата приказна, како независен театар, чија мисија е да провоцира и биде совеста на општеството во кое живееме.
ПР
Култура
Музичко-поетска вечер со Марко Виденовиќ и триото „Мевлем“

Овој четврток, со почеток во 20 часот, во Камерната сала на Филхармонија ќе се одржи музичко –поетска вечер со Марко Виденовиќ и триото „Мевлем“.
Проектот „Мевлем“ е уникатна симбиоза на музика и поезија, создадена од композиторот и поет Марко Виденовиќ, кој преку своите дела создава извонредна уметничка комуникација помеѓу звуците и зборовите. Проектот вклучува премиерни изведби на композиции кои се специјално создадени за оваа прилика, што го прави овој циклус клучен за промовирање на домашното музичко творештво, со фокус на македонскиот културен идентитет. Во фокусот на „Мевлем“ е музичката содржина, која е внимателно дизајнирана за да го рефлектира духовното и естетското наследство на македонската култура.
Музичкиот состав кој учествува во „Мевлем“ е составен од врвни музичари: Памела Велкова (виолина), Верица Ајтовска (виола), Енис Аљи (виолончело) и самиот автор Марко Виденовиќ (пијано и глас). Овие уметници, со својата професионалност и посветеност, ќе ја пренесат креативната визија на проектот преку изведба на композиции и поетски рецитации, создавајќи уникатна уметничка атмосфера. Специјално за овој проект, Виденовиќ има компонирано 15 оригинални композиции кои совршено ја надополнуваат неговата поезија, што ја прави програмата богата и полна со емоционални и уметнички детали.
Виденовиќ, чија работа веќе има доживеано успех низ претходни концерти и поетски изданија, го гледа „Мевлем“ како начин за продлабочување на својата врска со публиката, која го следи неговото творештво преку социјалните мрежи и издадени книги. Проектот е плод на долгогодишна работа, со намера да се претстават културните и естетските вредности пред поширок аудиториум.
Со „Мевлем“, уметноста се претставува како составен дел од животот, нудејќи духовни, морални и емоционални вредности, а проектот овозможува уникатен простор за културна промоција на камерното музицирање во Македонија.