Култура
Во Скопје се одржа филмски викенд за младата публика
Агенцијата за филм е долгогодишна членка и партнер во иницијативите на Европската филмска академија фокусирани на развој на младата публика и содржини за неформално образование и годинава учествува во организација на настанот „Филмски викенд на млада публика и Европскиот филмски клуб“, кој има цел на младите и на децата да им понуди не само разонода преку уметност и култура туку и поврзување со врсници од други европски држави, да поттикне креативно размислување за филмот како алатка за активизам и промени како и да ја стимулира љубовта на младите кон европскиот филм.
Така, оваа година во периодот од 3 до 5 ноември се одржа Young Audience Film Weekend или филмски викенд за млада публика, на кој учествуваа средношколци од град Скопје. На настанот беше презентиран целокупниот концепт на европските филмски клубови и се најави официјалниот почеток на функционирање на филмските клубови.
80 средношколци, љубители на европскиот филм, имаа можност да проследат филм за млада публика EVERYTHING WILL CHANGE, во режија на Marten Persiel по што следуваше дискусија со модератор и онлајн-сесија на Q&A и со режисерот.
На самиот крај беа објавени и номинациите за филмовите што се во трката за најдобар европски филм за млада публикам кој ќе се прогласи во Берлин на 9 декември за време на Европските филмски награди:
· „Longing for the world“ – во режија на Јена Хасе (Швајцарија)
· „One I a million“ – во режија на Јоја Томе (Германија)
· „Scrapper“- во режија на Шарлот Реган (Велика Британија)
Од сите земји учесници ќе бидат избрани 99 млади, кои ќе бидат во улога на младо европско жири и ќе ја имаат честа во период од 10 до 30 ноември да ги проследат трите номинирани филма и да го дадат својот глас за најдобриот филм.
Двајца од овие членови на жирито од сите земји по случаен избор ќе бидат избрани да присуствуваат на церемонијата на доделување на Европските филмски награди (European Film Awards), која ќе се одржи во Берлин на 9 декември и да му ја врачат наградата на филмот што е избран за најдобар европски филм за млада публика.
Настанот во Скопје беше во организација на Агенцијата за филм во соработка со Кинотеката на Македонија
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Денес е Ден на македонскиот јазик
Петти мај е прогласен за „Ден на македонскиот јазик“. На овој ден во 1945 година, со решение на Народната влада на Федерална Македонија е усвоена азбуката на македонскиот јазик врз принципот еден глас – една буква, а набргу потоа, на 7 јуни 1945, е усвоен и Правописот на македонскиот јазик.
Кодификацијата на современиот македонски стандарден јазик се заокружува со делата на Блаже Конески – Граматиката на македонскиот литературен јазик, Речникот на македонскиот јазик и Историјата на македонскиот јазик.
Култура
Инспиративен настап на SIN PUSTINJE во Битола за Меѓународниот ден на џезот 2024
МКЦ-Битола по јубилеен 10-ти пат го одбележа Меѓународниот ден на џезот во Битола 2024. Во прекрасниот амбиент на кафе барот Порта Џез, Ахмед Буриќ, Дамир Имамовиќ, Тони Китановски и Иван Михајловиќ приредија несекојдневно музичко поетско доживување.
Во проектот станува збор за искуството и интерпретацијата на музиката и поезијата која ги сумира различните интереси и вештини на уметниците кои досега ги познававме од другите жанрови. На концертот Буриќ, Имамовиќ, Китановски и Михајловиќ изведоа дванаесеттина песни од нивниот прв албум, како и некои други делови кои на изведбата во живо му дадоа комплетна форма и магична атмосфера.
Овој концерт по десетти пат ја стави Битола на глобалната мапа на градови кои го одбележуваат Меѓународниот ден на џезот и ги слават вредностите кои тој ги промовира. Битола ја ставаме на иста линија со светските метрополи кои имаат почит кон уметноста како начин на живот и извор на енергија не само за уметниците туку и за обичните граѓани.
Концертот се организира со финансиска поддршка на Министерството за култура и Општина Битола.
Култура
Вердиевата спектакуларна опера „Трубадур“ на 11 мај на „Мајските оперски вечери“
На 11 мај со почеток во 20.00 часот ќе се изведе спектакуларната опера „Трубадур“ од Џузепе Верди, во рамките на 52. издание на меѓународниот фестивал „Мајски оперски вечери“. Билетите за премиерната изведба на „Трубадур“ на 9 мај се распродадени.
Диригент е Иван Еминовиќ, режијата е на реномираниот македонски режисер, Иван Поповски кој живее и работи во Москва повеќе од две децении и за своите врвни уметнички достигнувања е добитник на највисоки признанија во Русија и низ светот и за првпат поставува опера на македонската сцена. Сценографијата е на Миодраг Табачки од Србија, костимографијата е на Марија Пупучевска, а кореографијата на Саша Евтимова.
Во улогата на Манрико ќе настапи гостинот од Чиле, Филипе Рохас, тенор кој настапувал на повеќе светски сцени, во улогата на Гроф Луна ќе настапи нашиот баритон Ристе Велков, во улогата на Леонора ќе настапи гостинката од Канада Криста де Силва, драмски сопран препознатлива по нејзините темни мистични бои. Во улогата на Ацучена ќе настапи, Сања Анастасиа, мецосопран, првенка на операта во Народниот театар во Белград. Во улогата на Ферандо ќе настапи нашиот бас, Владимир Саздовски кој е чест гостин на светските оперски сцени. Во останатите улоги ќе настапат: Јане Дунимаглоски, Ана Ројдева, Тихомир Јакимовски и Дејан Стоев во придружба на хорот и оркестарот на Националната опера и балет.
Романтична љубов, смртна љубомора и oдмазда се движечките драмски елементи на операта „Трубадур“ од италијанскиот музички мајстор Џузепе Верди. Операта се одликува со прекрасна музика и спектакуларно предводени вокални делови кои пренесуваат силни емоции, додека исклучително сложената приказна изобилува со огнена страст.