Свет
„Њујорк тајмс“: Бајден го губи влијанието врз војните во Израел и Украина

Администрацијата на Бајден веќе 10 дена го повикува премиерот Бенјамин Нетанјаху да направи хуманитарна пауза по нападот на Газа. Во исто време, Белата куќа се надева дека годишната воена помош од 3,8 милијарди долари ѝ дава доволно тежина да влијае на тактиката на израелскиот лидер.
Сепак, се покажа дека тоа не е така, анализира медиумот. Во телефонскиот разговор во понеделникот Нетанјаху ги отфрли повиците на Бајден да стори повеќе за да спречи цивилни жртви. Тој ја продолжува кампањата на силна одмазда за нападот на 7 октомври користејќи моќни бомби за да ги уништи тунелите на Хамас додека уништува станбени области во Газа.
Во Украина врховниот командант на украинските вооружени сили, Валериј Залужни, минатата недела изговори збор што американските власти по секоја цена го избегнуваат поголемиот дел од годината: ќор-сокак, се наведува во написите.
Многу од соработниците на Бајден се согласуваат дека Украина и Русија се добро вградени во своите позиции и не може значително да ја поместат линијата на фронтот.
Во секој случај, пишува медиумот, способноста на Бајден да влијае на тоа како неговите сојузници ги водат своите битки изгледа поограничена отколку што може да се очекува со оглед на тоа што Америка е нивниот главен снабдувач на оружје и разузнавачки информации.
„Њујорк тајмс“ пренесува дека Соединетите Американски Држави се тесно поврзани со двата конфликта бидејќи се најмоќниот сојузник на Израел и најдобрата надеж на Украинците за зачувување на слободата и независноста на земјата. Затоа иднината на претседателот е тесно поврзана со тоа како ќе дејствуваат овие земји и како ќе завршат нивните вооружени конфликти.
„Одамна американските претседатели сфатија колку мало влијание имаат врз Израел – многу помалку отколку што мислеа“, рече претставникот Сет Молтон, демократ од Масачусетс.
Според него, истото тоа може да се каже и за Украина.
„Прво, ова е нивна борба, дури и ако имаме голем облог за исходот на конфликтот“, додаде Молтон.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Трамп ги укина царините за мобилните телефони и компјутерите од Кина

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп ги ослободи паметните телефони, компјутерите и другите електронски уреди од новиот пакет тарифи, вклучително и давачките од 145 отсто за кинескиот увоз.
Во известувањето објавено денеска од Царината и граничната заштита на САД се наведува дека ослободувањето ќе важи и за стоките што влегле во земјата или излегле од складиште по 5 април.
Администрацијата на Трамп вели дека електрониката нема да се оданочува ниту според глобалната тарифна стапка од 10 отсто, ниту според повисоката стапка што се однесува исклучиво на кинеските производи.
Одлуката е донесена по бројните предупредувања од американските технолошки компании дека новите царински правила би можеле драстично да ги зголемат цените на уредите, со оглед на тоа што повеќето од нив се произведени во Кина.
Бројни други електронски делови, вклучително и полупроводници, мемориски картички и соларни ќелии, исто така се изземени, во обид на администрацијата на Трамп да се заштити од негативното влијание врз домашната индустрија.
80 отсто од iPhone телефоните наменети за американскиот пазар се произведуваат во Кина, а останатите 20 отсто во Индија. Поради зголемената царинска несигурност, Apple и другите производители, како што е Samsung, со години се обидуваат да ги диверзифицираат производствените синџири со преместување на дел од нивниот капацитет во Индија и Виетнам.
Свет
Израел најави проширување на офанзивата на најголемиот дел од Појасот Газа

Израелската армија ќе ја прошири офанзивата на најголемиот дел од Појасот Газа, најави денеска израелскиот министер за одбрана Израел Кац.
„Наскоро операциите на израелските одбранбени сили ќе се интензивираат и ќе се прошират во други зони во поголемиот дел на Газа, а вие треба да ги евакуирате борбените зони“, рече Кац во пораката до палестинското население.
Кац денеска објави дека израелската армија ја завршила контролата врз „клучната оска Мораг“ меѓу градовите Рафах и Кан Јунис во јужниот дел на Појасот Газа.
Свет
Во Оман започнаа посредничките преговори меѓу Иран и САД

Иран и САД, кои немаат дипломатски односи од 1980 година, денеска започнаа ретки „индиректни“ преговори во Оман, изјави портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи.
Разговорите меѓу министерот за надворешни работи на Иран Абас Рагши и претставникот на американскиот претседател Стив Виткоф „почнаа благодарение на посредништвото на министерот за надворешни работи на Оман Бадр ал-Бусаиди“, изјави Есмаил Багаи на социјалната мрежа Х.
Портпаролот рече дека преговорите ќе се одржат на местото што го планира оманскиот домаќин, дека претставниците на Иран и САД ќе седнат во салите и ќе си ги пренесат своите ставови преку министерот за надворешни работи на Оман.
Иранскиот министер за надворешни работи Арагши им рече на иранските новинари дека „ако има доволно волја од двете страни, ќе одлучиме за календарот, но се уште е рано да се зборува за тоа“.
„Сега е јасно дека преговорите се индиректни и според нас само за прашањето за иранската нуклеарна програма и ќе се водат со желба да се постигне договор кој е еднаков и води кон обезбедување на националните интереси на иранскиот народ“, рече Арагши.
Американскиот претседател Доналд Трамп и амбасадорот Виткоф овие преговори ги нарекоа „директни“.
Не се очекува веднаш да има генерален договор, но влогот е многу голем за двете земји кои се непријателски речиси половина век, пишува агенцијата АП.
Трамп постојано предупредуваше дека би можел да нареди бомбардирање на нуклеарни постројки во Иран доколку не се постигне договор, а иранските власти предупредија дека може да започне со изградба на нуклеарно оружје од залихите на ураниум.