Македонија
(Видео) Има злоупотреба на европското знаменце, нема напредок во борбата против корупцијата и владеењето на правото, извештајот е правичен, оценува Гир

Иако ЕК потенцира одредени области во кои е постигнат напредок, таа е многу искрена за оние области во кои не е постигнат напредок, особено за оние области што ние ги сметаме за толку важни и ги опишуваме како дел од основите во пристапните преговори, истакна евроамбасадорот Дејвид Гир за извештајот за напредокот на државата објавен од старана на Европската комисија.
Укажа на областите во кои Македонија нема постигнато напредок, а тоа, како што рече, е, пред сè, со владеењето на правото, борбата против корупцијата, реформите во јавната администрација и основните човекови права. Извештајот, како што рече, е искрен, но правичен.
„Сакаме да ги охрабриме властите, како и сите политички актери, да направат многу повеќе за да ги унапредат реформите. Сите сфаќаме дека проширувањето е во наш заемен интерес.
Северна Македонија продолжи да ги засилува своите напори за да ја зацврсти демократијата додека се соочува со значителни предизвици во владеењето на правото. Во извештајот се искажува загриженост за политичката поларизација, што влијаеше врз работата на Собранието, со што се одолжуваат потребните реформи. Процесот за пристапување кон ЕУ бара консензус меѓу политичките партии токму за клучните реформи. Извештајот забележува прекумерна и некогаш несоодветна употреба на забрзаните процедури. Повикуваме на тоа дека ЕУ-знаменцето треба да се користи кога е директно поврзано со усвојување на закони чија главна цел е да се усогласат со ЕУ-нормите, а не да се скрати дебатата за важни прашања. Има злоупотреба на знаменцето во случајот на измените на кривичните закони и законите поврзани со патните коридори 8 и 10 д, договорот со „Бехтел и Енка“, потенцира Гир.
Истакна дека напредок не е постигнат и во областа на владеењето на правото и борбата против корупцијата.
„Корупцијата останува присутна во многу области и останува прашање на загриженост. Имаме случаи на корупција на високо ниво, кои се зголемуваат. Тоа резултира и со застареност на случаите и тоа е нотирано како прашање на сериозна загриженост за тоа што измените на Кривичниот закон ги намалија максималните казни за некои случаи.
Во јавната администрација има ограничен напредок“, рече тој.
Додаде дека условите во затворите и натаму се лоши и не се следат препораките од Европскиот комитет за превенција од тортура.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Пронајдени двете девојки од Португалија кои се изгубија во реонот на Водно – Матка

Денес околу 17.00 часот од страна на Центарот за управување со кризи бевме известени за две изгубени туристки во реонот од врвот на Водно кон Матка, извести директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов.
Како што информираше Ангелов, Дирекцијата за заштита и спасување итно извршила мобилизација на тимот за спасување на планина од Тетово и истиот веднаш бил упатен во пребарување на теренот.
Во 18.40 двете девојки од Португалија беа пронајдени и однесени до ресторанот Матка каде ги пречека Конзулот на Република Португалија, додава Ангелов.
Македонија
Дел од Ѓорче Петров утре без струја

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека утре без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 15.00 часот, корисниците од улиците Веле Марков, Ибе Паликуќа, Воин Драшковиќ, Рафаел Батино. (општина Ѓорче Петров)
Македонија
Меџити прими жители од Страчинце: Анализите на експертите јасно покажаа дека отворањето на каменоломот ќе има сериозни последици врз животната средина

Првиот заменик-претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, денес ги прими во својот кабинет жителите од селото Страчинце, со кои одржа отворен состанок за одлуката за одбивање на барањето за отворање на каменолом во оваа скопско село.
Министерот Меџити ги информираше жителите за професионалните и институционалните причини што доведоа до оваа одлука. Анализите на експертите јасно покажаа дека отворањето на каменоломот ќе има сериозни последици врз животната средина, ризик од поплави и негативно влијание врз јавното здравје, велат од Министерството.
На состанокот беше истакнато дека приоритет е заштитата на животот и благосостојбата на граѓаните над секој економски интерес.
Меџити истакна дека следниот чекор е конечно поништување на концесијата во Влада, со што ова прашање ќе добие трајно решение.
Жителите на Страчинце се заблагодарија за одлуката и за приемот што го оствари министерот Меџити, нагласувајќи дека овој состанок е пример за владеење со отворен дијалог и чесна соработка со граѓаните.