Македонија
Опасен отпад од оловни акумулатори на Орман, санкции за четири правни и две физички лица

Од Државниот инспекторат за животна средина на прес-конференција соопштија дека опасен отпад е фрлен на локација во селото Орман. Санкции за четири правни и две физички лица, најави инспекторатот.
„По добивање на овластеното известување на инспектор од Животната средина, направен е вонреден инспекциски надзор на 24 октомври. Утврдивме дека на плац на две физички лица оставена е одредена количина отпад, кој потекнува од рецикал ‘Еко старт’ – Скопје, со А-еколошка дозвола, лоциран на територијата на општина Чучер Сандево. Отпадот е од оловни акумулатори“, рекоа оттаму.
Од Инспекторатот соопштија дека иако постои меѓусебен договор меѓу рецикалот „Еко старт“ и сопствениците на парцелите на локација на приватен имот, несоодветно е транспортиран и складиран отпад на локација што не е наменета за складирање.
„За ваков отпад нема добиено дозвола од Министерството за животна средина, што е казниво во согласност со легислативата. Во следниот период ќе следуваат понатамошни акти во инспекциската постапка, односно решенија со наредба за безбедно враќање на отпадот во кругот на рецикалот ‘Еко старт’ во рок од 60 дена и забрана за работа во време од 90 дена“, дополнија од Инспекторатот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Британската амбасада по договорот: Почнува нова ера во односите со Северна Македонија

Почнува нова ера во односите меѓу Обединетото Кралство и Северна Македонија по потпишувањето на договорот „влада со влада“, велат од британската амбасада во Скопје.
Во соопштението се вели дека партнерството ќе го зајакне трговијата и ќе поттикне економски раст. Ова партнерство ја поддржува реализацијата на клучни инфраструктурни проекти во различни сектори, вклучувајќи транспорт, здравство, енергија и технологија. Ќе има пристап до широка поддршка, вклучувајќи техничка помош и до 5 милијарди фунти поддршка од „УК Експорт Финанс“ за проекти во Северна Македонија.
„Партнерството ја нагласува заложбата на двете нации за соработка на клучни инфраструктурни проекти кои носат социјални, економски и еколошки придобивки. Со искористување на експертизата и иновациите на двете земји, ова партнерство ќе овозможи развој на отпорна инфраструктура што поттикнува раст и благосостојба“, велат од амбасадата.
Формалната церемонија на потпишување се одржа вчера, 22 мај, во Лондон во присуство на британскиот министер за извоз, Герет Томас, и вицепремиерот Александар Николоски.
Министерот за извоз, Герет Томас, ја изрази својата возбуда:
„Ова партнерство отвора ново поглавје во нашите билатерални односи со Северна Македонија. Обединетото Кралство има огромно искуство во испорака на висококвалитетна инфраструктура ширум светот и ми е драго што го започнуваме ова ново партнерство што ќе помогне повеќе британски бизниси да извезуваат во Северна Македонија.“
Британскиот амбасадор во Северна Македонија, Метју Лосон, изјави:
„Остваривме значаен чекор во односите меѓу Обединетото Кралство и Северна Македонија со потпишувањето на договорот „Влада со влада“. Г2Г ќе ги зајакне веќе одличните трговски врски меѓу нашите земји и ќе ја поддржи реализацијата на клучни инфраструктурни проекти во сектори како транспорт, здравство, енергија и технологија. Како британски амбасадор, горд сум што нашите влади го постигнаа ова историско партнерство кое ќе им користи на граѓаните на двете земји. Стоиме заедно силни и обединети.“
Неодамна, британскиот премиер Кир Стармер и македонскиот премиер Христијан Мицкоски го поздравија новото Стратешко Партнерство на Самитот на Европската политичка заедница во Тирана, на 16 мај 2025 година. Ова G2G претставува почеток на проширена трговска и инфраструктурна соработка.
Партнерствата влада со влада (Г2Г) се формални договори со кои се овозможува пристап до јавна и приватна британска експертиза за конкретни проекти или програми со комерцијални придобивки.
Вкупната трговска размена (извоз и увоз) меѓу Обединетото Кралство и Северна Македонија изнесувала 1,7 милијарди фунти во четирите квартали заклучно со третиот квартал од 2024 година.
Обединетото Кралство е втор најголем трговски партнер на Северна Македонија во истиот период.
Македонија
Промоција на новите паркинг карти на ЈП ПОЦ

Јавното претпријатие за јавни паркиралишта „Паркинзи на Општина Центар“- Скопје, вчера успешно реализираше информативна акција за промоција на новите паркинг карти во Дебар Маало, соопштија од таму.
Во рамки на акцијата, како што информираат, на граѓаните им беа дистрибуирани флаери со информации за новите типови на паркинг-карти достапни во Општина Центар.
„Станува збор за: Мулти-неделна паркинг-карта, со цена од 2000 денари, која важи 7 дена и овозможува паркирање на сите комерцијални паркиралишта во зона 1 и зона 2.
Гостински паркинг-карти, наменети исклучиво за жители со склучен кориснички договор, и тоа:
– Дневна гостинска карта – по цена од 300 денари
– Неделна гостинска карта – по цена од 1200 денари.
Овие гостински карти, според соопштеното, можат да се користат само на отворени типови паркиралишта (комерцијални и резидентни) во секторот каде што жителот има пријавено живеалиште.
На настанот учестуваа градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски и директорот на ЈП ПОЦ, Душко Коцевски кои на лице место остварија средби со граѓаните и ги информираа за придобивките од новите паркинг карти. Тие ја истакнаа важноста на модернизацијата на паркинг системот и овозможувањето на полесен и поефикасен пристап за сите корисници.
„Со оваа активност, продолжуваме со транспарентна комуникација со жителите на општината и креирање практични решенија за секојдневните потреби на граѓаните. Новите паркинг карти се дизајнирани за поголема флексибилност и ефикасност при користење на паркинзите во Центар, и истите можат да се купат на веб страната www.poc.mk“, се истакнува во соопштението .
Македонија
Муцунски ја пречека Каја Калас: Ќе разговараме за недвосмислената европска перспектива

Министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски и’ посака добредојде на високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Kaja Калас, во Скопје.
„Пред нас е исполнета агенда со повеќе средби, на кои очекувам конструктивна и отворена дискусија. Во фокусот на разговорите ќе биде недвосмислената европска перспектива на нашата држава, целосната усогласеност со заедничката надворешна и безбедносна политика на унијата, потребата од забрзување на процесот на пристапување, како и континуираната посветеност на спроведувањето на реформите“, напиша Муцунски на социјалните мрежи.
Во рамки на посетата ќе се одржи и Првиот дијалог за безбедност и одбрана со Европската Унија, во контекст на Партнерството за безбедност и одбрана, потпишано во ноември 2024 година, што претставува значаен во продлабочувањето на соработката со Европската Унија во областа на надворешната и безбедносната политика.