Македонија
Ковачевски во УНЕСКО: Северна Македонија е мултикултурна реткост и придонесува во ефикасен мултилатерализам
Премиерот Димитар Ковачевски, во рамките на официјалната посета на УНЕСКО, се обрати на маргините на 42. генерална конференција на Организацијата, што се одржува во седиштето на УНЕСКО во Париз.
„Сакам да му се заблагодарам на УНЕСКО за поддршката на многубројни проекти, активности и ресурси важни за нашето мултикултурно општество, за нашето природно и културно наследство, за македонскиот јазик и за другите јазици што се зборуваат во Северна Македонија. Затоа што мојата земја е „срцето на балканскиот јазичен контакт. Би сакал да истакнам дека нашата соработка со УНЕСКО датира од 1979 и 1980 година кога нашиот бисер, Охридскиот Регион, влезе под закрилата на УНЕСКО. И денес со гордост го вбројуваме меѓу едно од вкупно 39-те културни и природни наследства во светот.
Наш императив, вели тој, е да ги одржиме интегритетот и автентичноста на Охридскиот Регион во соработка со Центарот за светско наследство на УНЕСКО.
„Заедно со Република Албанија да бидеме пример за добрососедска соработка и во заштитата на ова и заедничко и универзално добро. Од нашата натамошна засилена соработка ќе зависи имплементацијата на посочените мерки за рехабилитација на регионот. Темелите за неутрализирање на утврдените и потенцијалните закани се поставени, но потребите за заштита на ова добро бараат голема мобилизација за да ја зачува својата исклучителна универзална вредност, како и имплементација на итни мерки, кои ќе ги зближат сите засегнати страни и ќе се преземат веднаш. Од оваа говорница повикувам на сплотеност и одговорност во дејствувањето на секоја власт“, вели Ковачевски.
Според него, демократскиот систем на вредности е под сериозна закана.
„Ниту една држава, колку и да е моќна и силна, не може сама да се справи со глобалните предизвици на денешнината. Светот е поделен по разни основи. И, затоа, демократиите мора да ја зајакнат својата сплотеност и отпорност независно од географските, демографските, политичките, економските или културолошките разлики меѓу државите. Во интерес на мирот и стабилноста, неопходно е да се најде најмал заеднички именител. Тоа е единствено можно преку инструментите на ефективниот мултилатеризам“, вели Ковачевски.
Принципите на кои Северна Македонија ја води својата надворешна политика, според Ковачевски, се израз на внатрешната политика на земјата за градење и одржување мултикултурна демократија и постојана инклузивност на различностите во демократските процеси, заштита и унапредување на човековите права и правата на разните етнички заедници и ранливите групи. Културата на дијалог и компромиси, иако базирана на превенција на спорови, оди рака под рака со нашата приврзаност кон активниот и ефективен мултилатерализам.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Уапсени возачи од Скопје и Куманово, возеле без возачка, одземени им се возилата
Полицијата уапси двајца возачи од Скопје и Куманово, возеле без положен возачки испит, одземени им се возилата.
Попладнево во 12:40 часот на патот Куманово-с. Липково, полициски службеници го лишија од слобода Ш.А.(31) од Куманово. При сообраќајна контрола, полициските службеници сопреле патничко возило „голф“ со кумановски регистарски ознаки, при што било констатирано дека возилото го управувал без положен возачки испит за управување на возило од Б категорија. Ш.А. е задржан во полициска станица, а возилото е одземено.
На 03.02.2026 во 13:00 часот на улица „Јустинијан први“ во Скопје, полициски службеници го лишија од слобода И.Џ.(20) од Скопје. При сообраќајна контрола, полициските службеници сопреле патничко возило „опел“ со скопски регистарски ознаки, при што било констатирано дека возилото го управувал без положен возачки испит за управување на возило од Б категорија. И.Џ. е задржан во полициска станица, а возилото е одземено.
По документирање на случаите, ќе бидат поднесени соодветни пријави по член 297-а од КЗ.
Македонија
Партиите со осуда за нападот врз новинарот Видиновски
Политичките партии го осудија нападот врз новинарот Александар Видиновски.
„Ги осудуваме нападите врз новинарот Александар Видиновски, кои се последица на бугарскиот национализам и шовинизам. Нападот врз новинарот Видиновски е напад врз слободата на говор и врз медиумите, од страна на структури кои разгоруваат омраза, а се мотивирани од бугарскиот национализам. Сите напади како овој врз новинарот Видиновски го разјадуваат општеството и ја подгреваат омразата, и мора веднаш да престанат“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Осуда стигна и од ЛДП.
„Либерално-демократската партија (ЛДП) најостро го осудува однесувањето на онлајн насилниците со коментари исполнети со говор на омраза кон новинарот на Канал 5, Александар Видиновски. Ваквиот начин на изразување и на воспоставување дијалог не е воопшто соодветен за било кое демократско општество. Ја изразуваме нашата поддршка за Видиновски, бараме независното новинарство да остане независно од секакви влијанија и бараме брза реакција на институциите за расчистување на случајот“, велат од ЛДП.
Македонија
Македонија и ОАЕ потпишаа Меморандум за размена на искуства во областа на развојот и модернизацијата на владата
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Дубаи оствари билатерална средба со вицепремиерот и министер за надворешни работи на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Абдула бин Зајед Ал Нахјан, во чии рамки беше потпишан Меморандум за разбирање меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Обединетите Арапски Емирати за размена на искуства во областа на развојот и модернизацијата на владата.

„Со Меморандумот се воспоставува институционална рамка за систематска соработка насочена кон унапредување на јавните политики, јакнење на административните капацитети, дигитална трансформација и примена на иновативни модели на управување“, соопштија од МНР.
Од таму додаваат дека потпишувањето на документот отвора нови можности за размена на знаења, експертиза и добри практики, како и за реализација на заеднички активности и проекти во области од заемен интерес, со цел зголемување на ефикасноста и квалитетот на владините услуги.
На средбата станало збор и за можноста за воспоставување директна авиолинија меѓу Скопје и Обединетите Арапски Емирати. Воедно бил направен сеопфатен преглед на билатералните односи, при што биле разгледани можностите за нивно натамошно продлабочување. Посебен акцент бил ставен на унапредувањето на политичката соработка, јакнењето на економските врски и интензивирањето на трговската размена меѓу двете земји.
Двете страни ја потврдиле заедничката определба за натамошно зајакнување на партнерските односи и развој на конкретни иницијативи кои ќе придонесат за одржлив економски раст, институционална ефикасност и продлабочена соработка меѓу Република Северна Македонија и Обединетите Арапски Емирати.

