Македонија
Николоски: Дали е вистина дека генералниот секретар на СДСМ ги договара јавните набавки за најголемите институции?
„Не можеме да го поддржиме овој предлог и ќе зборуваме и на пленарната седница затоа што Комисијата, чиј состав го разгледуваме денес, е еден на изворите на корупцијата во Македонија. Гледате дека и со последниот извештај на ЕК јасно се зборува дека нема напредок во борбата со криминалот и корупцијата во Македонија, напротив, расте. Во Македонија во изминатите години се зголеми праксата на објавување тендери за добро познат понудувач, каде што или критериумите се прават такви што недостига уште фотографија на тој што треба да го добие тендерот, од една страна. А, од друга, се ставаат карактеристики што може да ги исполни само таа компанија што треба да го добие тендерот. И најголем дел од набавките се со еден понудувач“, истакна пратеникот Александар Николоски на седницата на Комисија за прашања на изборите и именувањата говорејќи за утврдување на предлог-одлука за именување претседател и членови на Државната комисија за жалби по јавни набавки.
Николоски додаде дека многу често вредноста на набавките одговара на проценетата вредност на органот кој што ја спроведува јавната набавка. И воопшто не се користи системот на електронска негативна аукција од причина што тој еден понудувач кој што однапред знае дека ќе го добие тендерот понудува цена која што е еднаква на проценетата вредност од страна на соодветната институција, а некогаш понудува и цени над проценетата вредност, имајќи в предвид дека нема конкуренција, нема со кого да се натпреварува. И се случуваат селективни јавни набавки, јавни набавки кои што се со еден учесник и јавни набавки кои што ја суспендираат конкуренцијата, а ја стимулираат корупцијата.
„После тоа се слушаат приказни по градот, кои што мислам дека за многу брзо време по промената на власта ќе бидат дел од нив и докажани во судските институции за тоа колку проценти и од кој тендер кај кого одат. Најчесто шеф на целата операција се врвовите на политичките партии во власта кои што управуваат со овој систем на јавни набавки и што е јавна тајна во Македонија. Па, еве сакам да прашам од тука денес дали е вистина или не е дека генералниот секретар на СДСМ е тој кој што ги договара овие јавни набавки за најкрупните, особено за оние кои што се во најголемите институции во државава“, праша Николоски.
Тој посочи дека соодветно на тоа оваа второстепена комисија речиси и да не прави ништо за да го спречи овој начин на коруптивно однесување.
„Напротив, за конкретниот господин, кој е предлог, постојат исто така кредибилни сознанија и сакам да прашам дали е вистина или не дека одредени компании добро го наградуваат за одредени жалби да ги прифати или да не ги прифати. И дека тоа му било пракса во изминатите години на работа и дали планира да ја продолжи таа пракса. И да го информирам, сигурно ќе го гледа ова дека за тоа се носи кривична одговорност и дека за многу бргу ќе му ја испитаме работата, а верувајте дека постојат многубројни сведоци што тоа ќе го посведочат тоа пред соодветните органи. И ова е причината зашто ќе гласаме ‘против’“, нагласи пратеникот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Левица: Ќе поднесеме предлог – закон за департизација и искоренување на непотизмот во јавното здравство
Пратеничката група на Левица до Собранието на Република Македонија ќе поднесе Предлог-закон за укинување на дискреционото право на директорите во јавното здравство при вработување, со кој се воведува обврска за избор на најдобро рангираните кандидати на транспарентни конкурси со јасни, мерливи и проверливи критериуми, соопштија од партијата.
Од таму појаснуваат дека со Предлог-законот се прави неопходен и одлучен чекор кон дефинитивно укинување на децениските практики на непотизам, партизација и клиентелизам, преку елиминирање на дискреционите овластувања и воведување задолжително почитување на ранг – листите и објективните критериуми при вработување.
„Јавното здравство со децении е оптоварено со системски непотизам, партизација и клиентелизам, каде што роднинските врски и партиската подобност се вреднуваат повеќе од стручноста, знаењето и професионалниот интегритет. Дискреционото право на директорите се претвори во институционализиран механизам за репродукција на привилегии, со што јавното здравство функционира како затворен систем на наследни и партиски вработувања. Како директна последица на ваквите политики, најквалитетните и највисоко рангираните здравствени работници се системски оттурнати од јавното здравство и принудени својата професионална кариера да ја продолжат во приватните здравствени установи во државата, каде што нивното знаење станува пазарна стока или во здравствените системи во странство, каде што државата практично го извезува сопствениот образуван кадар од државните универзитети“, велат од партијата.
Овој двоен одлив, кон приватниот сектор и кон странство, додаваат од Левица, претставува тежок удар врз јавното здравство.
Според Левица, државата инвестира во образование и обука на здравствени работници, а придобивките од таа инвестиција ги собираат приватните профитни структури, други држави или промена на професијата. Истовремено, велат од Левица, Фондот за здравствено осигурување сноси дополнителни трошоци за лекување во приватни установи и во странство, додека пациентите продаваат дел од својот имот да се лекуваат во приватни клиники или други држави.
„Јавното здравство мора да биде систем на знаење, одговорност и еднакви шанси, а не поле за семејни и партиски привилегии. Левица ги повикува сите пратеници во Собранието да го поддржат овој Предлог-закон и да застанат на страната на јавниот интерес, здравствените работници и пациентите. Поддршката на овој закон е јасен показател дали се брани јавното здравство или се продолжува со заштита на непотизмот и клиентелизмот“, велат од Левица.
Македонија
Продлабочување на стратешкото партнерство со САД во фокусот на средбите на Гаши во Вашингтон
За време на работната посета на Вашингтон, претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари средба со Даниел Џ. Лотон, заменик-помошник секретар во Бирото за европски и евроазиски прашања на Стејт департментот на САД.
„На оваа средба беше потврдено непоколебливото партнерство меѓу двете земји, изградено врз заеднички демократски вредности, посветеноста на владеењето на правото, борбата против корупцијата и посветеноста на меѓународниот мир и стабилност. Соговорниците разменија мислења за актуелните геополитички настани, безбедносните предизвици и конструктивната улога на Република Северна Македонија како фактор на стабилност во Западен Балкан“, соопштија од Собранието.
Гаши информирал за континуираните напори за полноправна интеграција во Европската унија и изразил благодарност за континуираната поддршка на САД во процесот на реформите.

Гаши на средбата беше придружуван од потпретседателите на Собранието, Антонијо Милошоски и Јован Митрески, како и од владината делегација, составена од министерот Стефан Андоновски, Златко Пирински и генералниот секретар на Владата, Игор Јанушев.
По средбите во Вашингтон, Гаши се сретна и со Филип Рикер, поранешен амбасадор на САД во Република Северна Македонија и докажан пријател на земјата, со кого разговарале за неодамнешните политички настани и продлабочувањето на стратешкото партнерство со Соединетите Американски Држави.
На средбите биле потврдени одличните билатерални односи и заедничката посветеност за продлабочување на трансатлантската соработка.
Македонија
СДСМ ги осуди заканите и навредите кон новинарот Видиновски: Институциите да реагираат
„СДСМ најостро ги осудува заканите и личните навреди кон новинарот Александар Видиновски, кон граѓаните и директорот на Канал 5 Телевизија од бугарски државјани“, велат од СДСМ.
„Говорот на омраза, заканите и навредите се недозволиви, претставуваат атак врз целата новинарска професија, слободата на говорот и слободата на информирање кои се европски вредности.
Ги повикуваме институциите да реагираат и да ги преземат сите мерки за санкционирање“, соопшти СДСМ.

