Македонија
Асани: Меѓуинституционална соработка во Западен Балкан и целосна дигитална трансформација за олеснување на трговијата

Целосна дигитализација на царинското работење е од голема важност за олеснување и забрзување на легалната трговија и подобрување на конкурентноста на компаниите на меѓународниот пазар. За таа цел, потребно е унапредување на соработката меѓу граничните институции на ниво на Западен Балкан како чекор кон приближување и приклучување кон заедничкиот пазар на ЕУ.
Ова беа заклучоците од дводневната конференција „Унапредување на соработката во дигиталната ера“, на која учествуваше заменик-директорот Муарем Асани, а во организација на Царинската управа на Албанија, со поддршка на ГИЗ. Во рамките на конференцијата претставниците на царинските управи во Западен Балкан и Молдавија пред бизнис-заедницата го истакнаа значењето на дигитализацијата и соработката помеѓу владините агенции за побрзи и поефикасни процеси на царинење.
Асани на средбите остварени во рамките на конференцијата особено се осврна на проектот за имплементација на новиот национален едношалтерски систем, што, како што рече, целосно ќе го трансформира начинот на прекуграничната трговија овозможувајќи побрзи и поефикасни процеси на царинење под еден покрив. Тој ќе придонесе за намалување на времето за царинење, намалување на трошоците за компаниите и зголемена наплата на приходи.
На конференцијата воедно беше истакнато дека зголемувањето на соработката на институциите во рамките на Западен Балкан овозможува целосно искористување на поволностите за компаниите со статус на овластен економски оператор, односно побрзо и полесно поминување преку границите, како и намалени контроли.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Ајфонот е на братучед ми“ – Дудуш вели дека се сликал со телефонот за да го промовира бројот 17 за изборите

Градоначалникот на Шуто Оризари и кандидат за нов мандат, Курто Дудуш, објави дека фотографијата со „ајфон 17 про макс“ имала за цел да го промовира бројот 17 со кој ќе настапи со „Унија на Ромите“ на локалните избори.
За скапиот телефон, кој чини над 1.000 евра, Дудуш вели дека не е негов, туку на неговиот братучед, Алмир Дудуш – познат бизнисмен во Шуто Оризари.
Преку социјалните мрежи, Дудуш објаснува дека телефонот бил искористен како визуелен елемент за привлечност пред медиумите, при што, како што вели, медиумите веднаш загризале и се фокусирале на сликата, наместо на програмските идеи и проекти.
Дудуш наведува дека целта е остварена – бесплатна реклама на изборниот број.
Македонија
Филипче: СДСМ отсекогаш била повеќе од партија, била движење за слобода

Вечерва СДСМ и коалицијата по слоганот „Се бориме за нашиот дом“, ја претставуваат програмата од Пробиштип од каде лидерот на СДСМ Венко Филипче порача дека не смее да се доволи Македонија да стане приватна сопственост.
„Од овде, од Пробиштип, испраќаме јасна порака – да го одбраниме нашиот заеднички дом. Да ја одбраниме Македонија како дом за сите, не како приватна сопственост на неколкумина од власта. Македонија е наш заеднички дом – дом во кој секој граѓанин е еднаков, во кој има место за сите, а не само за привилегираните околу власта. Да изградиме општество каде што младите ќе остануваат, а не ќе заминуваат. Да создадеме Македонија во која чесниот труд ќе се вреднува, а не партиската книшка“, рече Филипче во Пробиштип.
Притоа тој истакна дека изборот на локалните избори не е само политичка, туку е битка за праведност, за достоинство и за иднината на следните генерации.
„СДСМ отсекогаш била повеќе од партија, била движење за слобода, за правда, за еднаквост. Нашите корени се во АСНОМ, во генерации што ја вградија темелната вредност државата да биде дом на секој човек. Вечерва таа вредност ја ставаме на прво место. Зашто без вас, без нашето јадро, без нашето членство, нема СДСМ. Без вас, нема иднина за правда, за еднаквост, за грижа“, рече тој.
Филипче исто така порача дека е време да се врати надежта и да се покажее дека СДСМ знае да ја исправи државата во секое маало и секоја зграда.
„Не ветувам лесен пат. Ветувам борба чесна, упорна, со главата горе. Ние сме наследници на идејата за слободна, праведна и солидарна Македонија. Време е да се собереме и да ја изградиме силата што ќе ја запре неправдата и ќе ја врати државата во рацете на народот“, рече Филипче.
Македонија
Лабудовиќ: Центар ќе го вратиме во рацете на граѓаните, време е за нова енергија и вистински промени

Кандидатот за градоначалник на Центар од редовите на Движењето ЗНАМ за Наша Македонија, Мирослав Лабудовиќ, заедно со министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска, остварија средба со граѓаните на Центар, на која во фокус беа проблемите кои ја засегаат општината – урбанистичкиот хаос, загадувањето, недостигот на паркинг и потребата од повеќе зелени површини и подобра инфраструктура.
„Центар не смее да остане заглавен во апатија и хаос. Време е да ја прекинеме праксата на импровизации.
Мојата визија е јасна – чист и зелен Центар, со современа инфраструктура, со правилен урбанизам и транспарентна локална власт што ќе биде сервис на граѓаните, а не на малкумина привилегирани.
Ќе ја вратиме општината во рацете на жителите и ќе изградиме средина во која младите ќе сакаат да останат и да создаваат своја иднина.“ – истакна Лабудовиќ.
Лабудовиќ посочи дека Центар заслужува раководство што работи како вистински сервис на граѓаните – со подобра комунална инфраструктура, решенија за сообраќајниот метеж, нови простори за спорт и рекреација и културен развој кој ќе ја врати душата на општината.
За да се постигнат вистински промени, потребно е обединето дејствување. Во тој контекст, соработката меѓу Движењето ЗНАМ и ВМРО-ДПМНЕ е клучна, како гаранција за стабилност, системски решенија и долгорочни резултати за Центар.
„Само заедно можеме да го изградиме Центар кој ќе му припаѓа на народот. Секоја средба со граѓаните е потврда дека силата е во заедништвото, во искрените разговори и конкретните решенија. Ви благодарам за довербата, таа е најголемата мотивација да донесеме вистински промени.“ – додаде Лабудовиќ.
Центарци изразија целосна поддршка за Лабудовиќ, нагласувајќи дека е време за нова енергија, визија и чесно водење – Центар да стане општина со која сите ќе се гордееме.