Култура
Костадиновска-Стојчевска од Париз: Мојата земја го има благословот Охридски Регион, препознаен и високо вреднуван од УНЕСКО

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска денеска се обрати на 42. генерална конференција на Организацијата на Обединетите нации за образование, наука и култура, која од 7 до 22 ноември се одржува во Париз.
На дебатата за генералните политики на Организацијата, Костадиновска-Стојчевска го изрази своето убедување дека оваа конференција, која се одржува во пресрет на 78-та година од раѓањето на УНЕСКО, чија мисија е и градење култура на мир и меѓукултурен дијалог, е вистинското место и време за разговор.
„Мојата земја го има благословот наречен Охридски Регион, кој пред 44 години УНЕСКО го впиша на престижната листа како едно од триесет и шесте светски културни и природни добра со универзална вредност“, рече Костадиновска-Стојчевска потенцирајќи ја континуираната и одлична соработка со Центарот за светско наследство и со советодавните тела во заштитата на природното и културното наследство на Охридскиот Регион.
„Комитетот за светско наследство ги препозна и ги уважи нашите напори, како и заедничките напори со Република Албанија, за зачувување на охридската убавина. Македонските и албанските експертски тимови заедно изготвија стратегиски план за рехабилитација на природното и културното наследство на Охридскиот Регион со акциски план. Овој наш потфат беше високо вреднуван од Комитетот и протолкуван како потврда за нашите искрени намери за зачувување на статусот и подготвеност за работа дома и за интензивна соработка со УНЕСКО“, рече Костадиновска-Стојчевска.
Таа потсети дека иако многумина улогата на УНЕСКО ја поврзуваат само со престижниот статус на Охридскиот Регион, на тентативната листа на УНЕСКО е впишана и монументалната црква од 12 век, „Свети Ѓорги“ од Курбиново, и додаде дека реставрацијата и конзервацијата на овој посебен бисер со монументална вредност се при крај.
Зборувајќи за актуелните случувања во светот, Костадиновска-Стојчевска рече:
„Како никогаш досега, потребно ни е единство на добрите луѓе и гласност на разумните.
И тука ги препознавам силата и големината на мисијата на УНЕСКО. Овој трезор на најубавото создадено од природата и од човекот има авторитет, има право и должност да нѐ мобилизира под закрила на својата благородна мисија“.
Во своето обраќање Костадиновска-Стојчевска рече дека по заразата од пандемиски размери, денеска светот во третата декада на 21 век се соочува и со две војни, климатски промени, лажни вести, дигитална трансформација на општеството, развој на вештачката интелигенција.
Во тој контекст министерката за култура Костадиновска-Стојчевска рече дека сега е вистинското време за вистински разговор „зашто на светот како никогаш досега му е неопходно генерално преиспитување (re)Thinking“.
Костадиновска-Стојчевска ги истакна важноста и континуитетот што нашата држава ги има преку соработката со светската организација како членка, која веќе 30 години активно придонесува во спроведувањето на мултилатерналните културни политики во светот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Денови на словенечки филм од 9 до 11 октомври во Кинотеката

Од 9 до 11 октомври 2025 година, македонската публика ќе има можност да ги погледне три понови словенечки филмови на Деновите на словенечки филм во Кинотека.
Фестивалот ќе биде отворен во четврток, на 9 октомври, со долгометражниот филм „Спасение за почетници“ (2024), во режија и сценарио на Соња Просенц. Филмот на хумористичен и трагикомичен начин ги истражува современите општествени прашања, во реимагинација на „Теорема“ од Пјер Паоло Пазолини: во привидно совршено словенечко „nouveau riche“ семејство влегува Жулиен, син од претходен брак, чија присутност го нарушува кревкиот семеен баланс и ги открива пукнатините под внимателно негуваната фасада.
„Филмот започнува како општествена сатира, преку која ги истражуваме современите проблеми, но како што се откриваат слоевите, приказната преминува во истражување на човечката состојба,“ вели Соња Просенц.
Во главните улоги настапуваат: Марко Мандиќ, Катарина Стегнар, Алиоша Шнајдер, Мила Безјак, Јудита Франковиќ Брдар и Јуре Хенигман.
Соња Просенц со својот дебитантски филм „Дрвото“ (2014) гостуваше на повеќе од 50 филмски фестивали низ светот. Нејзиниот втор долгометражен филм „Историја на љубовта“ (2018) доби специјално признание од жирито во Карлови Вари, со што таа стана првата словенечка режисерка наградена во главната програма на фестивал од А категорија. „Спасение за почетници“ имаше светска премиера на фестивалот во Трајбека.
Филмот е копродукција меѓу Словенија, Италија, Норвешка и Србија, а е поддржан од Словенечкиот филмски центар, Виба филм и РТВ Словенија. Продуцент е MonoO.
Во петок, 10 октомври, ќе биде прикажан младинскиот хит „Игралиштето не го даваме!“ (2024), во режија на Клемен Дворник.
Ова акциско-авантуристичко дело ја следи група млади скејтери кои се борат да го спасат своето маалско игралиште. Кога 12-годишната Алма дознава дека фирмата на нејзиниот татко ќе го урне игралиштето, таа мора да се здружи со својата најголема ривалка и нејзината екипа за да го одбранат просторот. Тие имаат само една недела.
„Со филмот сакам да им ја приближам на децата убавината на играта на отворено и дружбата со врсници, и да им пратам порака дека никогаш не треба да се откажуваат – заедно можеме да направиме промени и да градиме подобра иднина,“ вели режисерот.
Во филмот настапуваат млади актери: Каја Забрет, Каја Шуштар, Нико Лемарк, Јури Фридерих, Давид Тронтељ, Марк Џејкоб Каваца, и професионални актери како Марко Мандиќ, Грегор Зорц, Сања Павчек, Аленка Крајгер и други.
Филмот е создаден во продукција на A Atalanta, во копродукција меѓу Словенија, Србија, Хрватска и Чешка, со поддршка од РТВ Словенија.
Клемен Дворник е активен во аудиовизуелната индустрија и работел на реклами, видеа, настани, телевизиски серии и филмови. Тој е познат и по популарната словенечка серија „Језеро“ (2019), премиерно прикажана на фестивалот во Сараево. За своето дело е добитник на повеќе награди.
„Игралиштето не го даваме!“ имаше премиера на фестивалот во Локарно и освои 12 награди, вклучувајќи ја и Златната ролна во Словенија, бидејќи филмот го гледале над 25.000 гледачи.
Завршната вечер, сабота, 11 октомври, е резервирана за најновиот документарен филм „Планината не оди никаде“ (2025), во режија на Петра Селишкар. Филмот премиерно беше прикажан во август во Скопје, на фестивалот Македокс, токму во периодот коха и се прикажуваше и во словенечките кина. Досега има освоено две меѓународни награди.
Далеку во македонските планини, меѓу стадо од 600 овци чувани од големи кучиња, се наоѓа засолниште. Таму одекнува детски смеа. Тоа се браќа, на возраст од осум до дваесет години. Слободното време го минуваат во игра и разговори за животот. Каква иднина ги чека?
„Децата живеат во импровизирани колиби со овците и кучињата, во селото се враќаат можеби пет пати годишно. Тие се едноставни луѓе на земјата – не се водени од пари, туку живеат полнокрвно и во хармонија со сите. Тоа е затоа што отсекогаш го знаеле само тој начин на живот – го наследиле од генерации овчари пред нив. Толку чисти и искрени души се ретки,“ вели Селишкар.
Петра Селишкар е режисерка, сценаристка и продуцентка. Во 2003 година ја основа продукциската куќа Petra Pan Film, специјализирана за креативни документарци. Таа ги режираше и филмовите: „Бабите на револуцијата“ (2006), „Мама Европа“ (2013), „Мојот наопаку свет“ (2016) и „Телото“ (2023).
„Планината не оди никаде“ имаше светска премиера на фестивалот Visions du Réel во швајцарскиот град Нијон. Филмот е копродукција меѓу Словенија, Франција и Македонија.
Култура
Музичка драма што остава без здив – „Риголето“ од Џузепе Верди на сцената на Националната опера и балет

На 10 октомври со почеток во 20.00 часот на сцената на Националната опера и балет ќе се изведе една од најубавите музички драми во оперската литература „Риголето“ од Џузепе Верди. Диригент е Џанлука Мартиненги од Италија, режисер е Пјер Франческо Маестрини (Италија), сценографијата е на Гилермо Нова од Шпанија, костимографијата на Кристина Ачети (Италија), а кореограф е Саша Евтимова, концерт-мајстор е Климент Тодороски, хор-мајстор: Јасмина Ѓорѓеска и Ѓурѓица Дашиќ.
Насловната улога (Риголето) ќе ја толкува гостинот од Јужна Кореја, Леон Ким, во улогата на Џилда ќе настапи, Биљана Јосифов, во улогата на Војводата од Мантова, Чуан Ванг од Кина, во улогата на Спарафучил, Владимир Саздовски, во останатите улоги настапуваат: Николина Јаневска, Борко Биџовски, Драган Ампов, Јане Дунимаглоски, Александра Лазаровска Василевски, Диме Петров, Марика Поповиќ, Десанка Глигоријевиќ, заедно со хорот, оркестарот и балетскиот ансамбл на Националната опера и балет.
„Риголето“ е драма на човечкиот живот која јасно, силно и емотивно ги прикажува скриените негативни карактеристики кај луѓето кои ги потиснуваат љубовта, слободата, радоста…Трагична приказна за љубомора, одмазда и жртва. Напишана според драмата на Виктор Иго „Кралот се забавува“, „Риголето“ како опера е раскажана со возбудлив музички јазик и нејзиниот успех наназад низ историјата не се должи само на либретото, на трагичната судбина на насловниот лик, туку уште повеќе на прекрасните арии меѓу кои и „La Donna è mobile”, и на воопшто, убавата мелодиска структура.
Култура
„Кругови“ – Концерт на пијанистката Дуња Иванова

На 8 октомври (среда) во Културно-информативниот центар со почеток во 20 часот, пијанистката Дуња Иванова ќе одржи концерт со наслов „Кругови“. Централен дел од програмата на концертот се четирите пиеси со истоимен наслов, чиј автор е пијанистот и композиторот Дино Имери. Иванова премиерно ќе ги изведе неговите: „Ни ваму ни таму“, „Валцерот на Миро“, „Мајка“ и „Дрво“.
На програмата ќе бидат изведени и дела од македонскиот композитор и аранжер Давор Јордановски („Violet et noir“ и „Alma“), како и дела од современата полска композиторка Ханија Рани („Buka“, „Eden“ и „Silent Night“).
Дуња Иванова е пијанистка со богата концертна дејност, доктор по филозофија со специјализација во естетика на музиката. Зад себе има бројни настапи како солист и со камерни состави на реномирани сцени во Македонија, Европа и Америка каде што публиката ја препознава по чувствителниот музички израз и длабокото разбирање на делата што ги изведува. Соединувајќи ја уметничката и теоретската мисла, таа ја гради својата кариера како интерпретатор, истражувач на музичката убавина, наставник и автор.
Концертот „Кругови“ обединува музика на тројца исклучителни автори кои со својот уникатен музички израз чинат неверојатна приказна.
Ханиа Рани е полска пијанистка и композиторка чија музика ги спојува минимализмот, џезот и современата класика во интимен и искрен израз.
Дино Имери е еден од најистакнатите македонски пијанисти и композитори чија кариера ги опфаќа настапите со најреномираните оркестри и фестивали во Европа и пошироко. Добитник е на повеќе престижни награди и признанија, а неговите интерпретации се одликуваат со извонредна техника, суптилна музичка мисла и силна комуникација со публиката. Покрај класичниот репертоар, Имери е активен и како композитор со дела што се изведуваат на меѓународната сцена.
Неговото дело „Кругови“ е инспирирано од истоимениот роман на македонската современа авторка Тина Иванова – четиво кое низ интимен и искрен раскажувачки тон ги отвора прашањата за повторувањата и пресвртот во животот, за круговите што нè враќаат кон себеси, но и нè водат кон нови патеки на разбирање.
Давор Јордановски, македонско-канадски композитор и пијанист, е познат по својот креативен пристап кој спојува класични и современи музички јазици, создавајќи дела со моќна емоционална длабочина и универзална привлечност. Композициите „Violet et noir“ и „Alma“ претставуваат најава за наредниот целовечерен концерт на Дуња Иванова на кој ќе биде изведен циклусот „10 пурпурни ноктурна за пијано“ на Јордановски.
Влезот е слободен.