Регион
Пленковиќ го разреши министерот за одбрана по сообраќајката во која загина маж
Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ и се обрати на јавноста за сообраќајната несреќа предизвикана од министерот за одбрана Марио Баножиќ. Во несреќата загина 40-годишен возач на комбе, а Баножиќ е тешко повреден.
Пленковиќ најпрвин изрази сочувство за загинатиот возач на комбето, Горан Шариќ.
„Ги слушнавте околностите на несреќата и изразуваме жалење и загриженост за состојбата на министерот кој беше хоспитализиран со тешки физички повреди“, додаде тој.
„Го разрешив Баножиќ“, рече тој и додаде дека го овластил државниот секретар да ги извршува должностите на министерот за одбрана.
„Тој го управувал своето лично возило. Возел за приватни цели. Подобро е заштитените лица да ги возат професионалци. Ова беше ситуација кога викендов возел сам и дошло до тешка сообраќајна несреќа. Жал ни е и за господинот Шариќ кој почина, но ни е жал и за господинот Баножиќ. Ќе најдеме начин да му помогнеме на семејството на г-дин Шариќ“, додаде.
Министерот Баножиќ одел на лов кога се случила несреќата. Во несреќата загина 40-годишен маж – татко на две деца. Окружното државно правобранителство објави дека Баножиќ го престигнал камионот во магла и директно се судрил со комбето кое доаѓало од другата насока.
Несреќата се случила во 6 часот и 15 минути на излезот од Винковци во правец кон Жупања. Баножиќ бил примен во болницата во Винковац во 8 часот и 30 минути, а потоа бил префрлен во КБЦ Осиек. Од болницата во Осиек било пријавено дека Баножиќ е на интензивна нега, дека има повреди на мозокот, градниот кош и екстремитетите и дека неговиот живот не е во опасност. Не се сеќава на несреќата, вели докторот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Во Загреб падна замрзнат дожд
Поради најавените ниски температури и замрзнат дожд, за кои Државниот хидрометеоролошки завод издаде портокалово предупредување, постои ризик од формирање мраз на тротоарите и други површини во Загреб, објави Градот Загреб, пренесува Индекс.хр.
Градот известува дека возилата на Зимската служба на Загребските патишта превентивно ги посолуваат патиштата во областа на Загреб.
Градот Загреб апелира до сите учесници во сообраќајот, возачи и пешаци, да ги прилагодат своите движења на тешките и потенцијално опасни временски услови. На возачите им се препорачува да избегнуваат непотребно патување, да возат побавно со поголем растојание помеѓу возилата, да избегнуваат нагло сопирање и забрзување и да користат зимска опрема и соодветни гуми. Посебна претпазливост е потребна на мостовите, надвозниците и кривините.
Пешаците се повикуваат да бидат дополнително внимателни, да се движат побавно, да носат соодветни обувки и да избегнуваат замрзнати површини секогаш кога е можно.
фото/депозитфотос
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)
Регион
Обилните дождови ги затворија патиштата во Црна Гора, се заканува раст на Скадарското Езеро
Неколку патишта беа затворени низ Црна Гора денес поради обилни врнежи од дожд во изминатите 24 часа. Водата се заканува и на бројни домови, а се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми во текот на ноќта кон среда.
Црногорското Министерство за внатрешни работи објави дека последиците од обилните врнежи од дожд се регистрирани во општините Никшиќ, Даниловград, Мојковац, Бијело Поље, Улцињ, Плевља, Подгорица, Колашин и Беране.
„Поради лизгање на земјиштето и излевање на реките, сообраќајот е прекинат на неколку патни правци“, се вели во соопштението на црногорското Министерство за внатрешни работи.
Според најновите информации од 15 часот, нивото на водата на сите реки се намалува, освен на реката Зета и Скадарското Езеро, кое Црна Гора го дели со Албанија. Околу две третини од ова езеро, најголемо на Балканот, ѝ припаѓа на Црна Гора, а една третина на Албанија.
Во текот на ноќта се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми поради контролираното испуштање вода од хидроелектраните на реката Дрим, кое го спроведува албанската страна.
Албанскиот премиер Еди Рама претходно во вторник изјави дека, поради зголемениот проток на реката Дрим, започнале контролирани испуштања вода од хидроелектраните што би можело да доведе до ненадејно зголемување на нивото на Скадарското Езеро.

