Свет
Над 20.000 луѓе излегоа на пропалестинските протести во Брисел

Околу 21.000 луѓе денеска учествуваа на пропалестинските протести во Брисел, соопшти полицијата, а многумина извикуваа слогани како „Слободна Палестина“ и повикуваа на прекин на огнот во Појасот Газа, марширајќи мирно низ градот.
„Она што се случува во Газа сега е повеќе од застрашувачко“, рече еден демонстрант, носејќи транспарент на кој пишуваше „Веднаш прекин на огнот!“ на холандски.
Други демонстранти држеа транспаренти на кои пишуваше „Стоп за геноцидот“, „Човекови права за Палестина“ и бараа апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за воени злосторства.
„Важно е нашиот глас да се слушне, да не прифатиме да се бомбардираат и убиваат луѓе“, рече друг демонстрант.
Од нападот на Хамас на југот на Израел на 7 октомври, има силна поддршка и симпатии за Израел од западните влади и од многу граѓани, наведува Ројтерс. Но, воениот одговор на Израел, исто така, предизвика бес, при што демонстрантите ширум светот повикаа на прекин на огнот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Царините на Трамп ги урнаа берзите ширум светот: Волстрит и Азија се во неволја

Во согласност со одлуката на претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, денеска стапи на сила нов сет на царини кои погодуваат околу 60 земји, со посебен фокус на Кина. Овие мерки предизвикаа сериозни потреси на глобалните финансиски пазари, при што цените на акциите драстично паднаа низ Азија, а Волстрит падна на најниско ниво во една година.
На азиските берзи, индексот MSCI на азиско-пацифичките акции утрово беше во минус за речиси 2%. Јапонскиот Nikkei потона за повеќе од 4%, додека индексите во Хонг Конг, Јужна Кореја и Австралија паднаа меѓу 1,6% и 1,9%. Иако кинеските берзи во Шангај забележаа благ пораст, инвеститорите беа јасно потресени од воведувањето дополнителни царини.
Немирите на пазарот се проширија во Европа и САД. Фјучерс индексите во Европа и на Волстрит влегоа во црвената зона, при што фјучерсите на Eurostoxx 50 паднаа над 3,5%, додека Nasdaq и S&P 500 забележаа пад од над 1,5%.
На Волстрит сите главни индекси забележаа пад.
Трамп, и покрај надежите на инвеститорите дека мерките може да се олеснат, ги исполни своите закани – царините за кинеските производи се зголемени за дополнителни 50%, достигнувајќи вкупно 104%. Како одговор, Кина најави контрамерки во форма на царини од 54% за американските стоки и отфрли секаква можност да попушти под притисок на Вашингтон.
Економистите предупредуваат дека двете најголеми светски економии влегле во „кукавичка игра“ без јасен излез. Тинг Лу, економист од компанијата „Номура“, истакна дека ситуацијата е „исклучително флуидна“ и дека во моментов е невозможно да се процени како трговската војна ќе влијае на кинеската економија.
Покрај падот на акциите, пазарите ги потресоа и движењата на валутите. Доларот ослабе во однос на јапонскиот јен за 0,8% и во однос на швајцарскиот франк за 0,5% – валути кои инвеститорите традиционално ги гледаат како „безбедни засолништа“ во нестабилни времиња. Индексот на доларот падна од 102,95 на 102,20 поени, додека еврото зајакна на 1,1045 долари.
Во меѓувреме, кинеската централна банка дозволи јуанот да падне на најниско ниво од септември 2023 година, што Трамп го искористи за да го обвини Пекинг за валутна манипулација. И покрај тоа, тој изрази уверување дека Кина на крајот ќе побара договор.
Ситуацијата дополнително се комплицира со порастот на приносите на американските обврзници, што сугерира дека странските инвеститори – првенствено кинеските – би можеле да почнат да го повлекуваат капиталот од САД. Индексот на нестабилност на пазарот познат и како „индекс на страв“, скокна на највисоко ниво од пандемијата во 2020 година, што укажува на сериозна загриженост кај инвеститорите.
Негативно реагираа и нафтените пазари – цената на барел сурова нафта на лондонскиот пазар падна за 4,14%, на 60,25 долари, додека пад од 4,55% е забележан на американскиот пазар, на 56,90 долари.
И додека американските и азиските берзи се во пад, европските берзи вчера забележаа силен раст – инвеститорите се надеваат дека преговорите меѓу САД и Европската унија за царините може да донесат позитивен исход.
Свет
Утре нова рунда американско-руски преговори

Соединетите Држави и Русија утре во Истанбул ќе одржат нова рунда разговори, потврди портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, а пренесува Киев Индипендент.
Во преговорите ќе бидат вклучени и претставници на министерствата за надворешни работи на двете земји. Песков не прецизираше за кои теми ќе разговараат руската и американската делегација.
Разговорите доаѓаат откако американскиот претседател Доналд Трамп повторно ја покрена иницијативата за прекин на огнот во Украина, и покрај тоа што Русија продолжува да ги бомбардира украинските градови со беспилотни летала и проектили.
Претходните две јавни средби меѓу руски и американски претставници се одржаа во март во Саудиска Арабија. Претходно овој месец, рускиот преговарач Кирил Дмитриев пристигна во Вашингтон за да разговара со американски официјални претставници во име на рускиот претседател Владимир Путин и се состана со Стив Виткоф, специјалниот пратеник на претседателот Трамп за Блискиот Исток, во Белата куќа.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски на 3 април призна дека американските и руските официјални лица воделе приватни разговори за можноста за целосен прекин на огнот во Украина. Киев со недели изразува подготвеност за 30-дневен прекин на огнот како што е предложено од Вашингтон, под услов Русија да ги прифати истите услови.
Сепак, Русија досега го отфрли таквиот договор, согласувајќи се само на делумни прекини на огнот поврзани со енергетската инфраструктура и Црното Море – во замена за обновениот пристап до меѓународните пазари.
Свет
Германскиот министер за финансии: Трговските тензии водат до ризик од рецесија во Германија

Германскиот министер за финансии Јерг Кукис денеска предупреди дека Германија се соочува со ризик од нова рецесија поради трговските тензии што ескалираа по воведувањето на американските царини.
„Евентуален трговски конфликт го зголемува ризикот од рецесија, нема сомнеж во тоа“, изјави Кукис за радио станицата „Deutschlandfunk“.
Германија веќе две години е во рецесија, а трето последователно намалување на економската активност оваа година би било историско.
Извори за Ројтерс изјавија дека германските економски институти се подготвуваат да ја намалат својата прогноза за раст за оваа година на само 0,1 отсто, според проценките кои сè уште не ги вклучуваат најновите царини воведени од администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, пренесува Танјуг.