Свет
Германскиот канцелар е против итен прекин на огнот во Газа за Хамас да не се опорави

Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека е против итен прекин на огнот во Појасот Газа, додека за тоа има се’ повеќе повици во светот поради израелското бомбардирање на таа палестинска територија со два милиони цивили.
„Слободно признавам дека не мислам дека се праведни повиците за итен прекин на огнот или долга пауза – што би било речиси исто, бидејќи на крајот би значело дека Израел го остава Хамас со способност да се опорави и да набави нови ракети“, рече Шолц.
За време на дебатата организирана од регионалниот германски дневен весник Heilbronner Stimme, сепак, германскиот канцелар се залагаше за „хуманитарни паузи“ во војната што започна на 7 октомври.
Пет недели по почетокот на таа војна, сè повеќе има повици за прекин на огнот во Појасот Газа, кој Израел го напаѓа од земја, од воздух и од море.
Со противењето на прекинот на огнот, германскиот канцелар оди против многу арапски земји и претседателот на Турција, со кој треба да се сретне во Берлин следната недела.
Реџеп Таип Ердоган денес оцени дека од витално значење е да се постигне прекин на огнот и го повика Западот да изврши притисок врз Израел во оваа насока.
Олаф Шолц, исто така, се огради од францускиот претседател Емануел Макрон, кој во петокот го повика Израел да го прекине бомбардирањето за да ги поштеди цивилите во Газа и рече дека планира да работи за прекин на огнот за да ги заштити сите цивили кои немаат никаква врска со со терористите на палестинското движење Хамас.
Министерството за здравство на Хамас соопшти дека најмалку 11.078 луѓе, главно цивили, вклучително и 4.506 деца, биле убиени во израелското бомбардирање на Појасот Газа од почетокот на војната предизвикана од крвавиот напад на исламистичкото движење врз јужен Израел, во кој загинаа 1.200, повеќето цивили.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Драма на Халкидики: бранови го однеле чамецот во кое било седумгодишно дете, таткото пливал за да го спаси

Седумгодишно момче кое во неделата се нашло само во гумен чамец во близина на брегот на Неа Ираклија на Халкидики преживеало драма во морето, но сè завршило без трагични последици.
Таткото според медиумите во регионот, гледал дека морето го носи чамецот, отпливал во обид да го спаси својот син.
Како што соопшти крајбрежната стража, Првата дивизија на пристаништето Неа Миханион на Централната пристанишна управа на Солун околу пладне добила пријава дека чамец со дете на него се упатува кон отворено море поради неповолни временски услови. Според информациите, станува збор за седумгодишен грчки државјанин кој се нашол во опасност кога ветерот почнал да го носи гумениот чамец далеку од брегот.
Неговиот татко, без да чека помош, веднаш влегол во водата, обидувајќи се да отплива до својот син, но без успех. Крајбрежната стража брзо реагирала и испратила патролно возило на местото на настанот, но клучната улога во спасувањето ја одиграле вработените во блиската компанија за водна рекреација и локалните спасувачи.
Момчето и неговиот татко беа пронајдени на околу 200 метри од брегот. Со помош на џет-ски и приватен брод, двајцата беа успешно извлечени од морето и вратени на копно во добра здравствена состојба.
Овој настан, според надлежните, служи како предупредување за сите што престојуваат на море, особено за семејствата со деца, дека гумените чамци можат да бидат многу опасни ако не се користат со внимателен надзор и во поволни временски услови.
Свет
(Видео) Турција: Повеќе од 50.000 луѓе евакуирани поради шумски пожари

Повеќе од 50.000 луѓе се евакуирани поради шумски пожари што главно ги зафатија покраините Измир, Маниса на запад и Хатај на југоистокот од земјата, објави денес Турската агенција за вонредни ситуации.
„Повеќе од 50.000 граѓани од 41 град се привремено преместени во безбедни подрачја“, напиша агенцијата на платформата Икс.
Округот Сеферихисар во покраината Измир, на запад од Турција, беше најтешко погоден од пожарите што беснеат од неделата.
Вкупно 42.300 луѓе беа евакуирани од шест локалитети во Сеферихисар, додека 2.936 и 1.500 луѓе беа преместени од покраините Маниса и Хатај, соопшти агенцијата, додавајќи дека 79 лица беа накратко хоспитализирани.
Во покраината Измир, пожарот оштетил 132 куќи и една деловна зграда, додека во Билеџик биле погодени 64 куќи, три деловни згради и 20 амбари, наведува агенцијата.
Борбата со пожарот продолжи утрово во покраините Измир и Маниса, каде што куќите и индустриските зони се погодени од шумскиот пожар од неделата.
Шумски пожар избувна во понеделникот во близина на центарот на градот Хатај, каде што предизвика паника кај населението, според турските медиуми.
Пожарот во покраината Измир, кој избувна околу 13:00 часот во неделата, брзо се проширил поради ветровите што достигнале брзина помеѓу 70 и 117 километри на час, изјави во недела гувернерот на Измир, Сулејман Елбан.
Свет
Израелскиот министер: Сакаме дипломатски односи со Либан и Сирија

Израел е заинтересиран за воспоставување официјални дипломатски односи со Сирија и Либан, но нема да преговара за Голанската Висорамнина како дел од евентуален мировен договор, изјави денес на прес-конференција израелскиот министер за надворешни работи, Гидеон Саар.
Односите во регионот се полни со неизвесност поради повеќе од една година борби меѓу Израел и Либан од крајот на 2023 година, паралелно со војната во Појасот Газа и соборувањето на сирискиот претседател Башар ал-Асад во декември 2024 година. Израел ја анектира Голанската Висорамнина во 1981 година откога го зазеде поголемиот дел од неа во шестдневната војна во 1967 година.
„Ројтерс“ во мај објави дека Израел и новите исламистички владетели на Сирија се во директен контакт и дека одржале билатерални состаноци со цел ублажување на тензиите и спречување на конфликти во пограничната област.
Истиот месец американскиот претседател Доналд Трамп се сретна со сирискиот претседател во Саудиска Арабија и го повика да ги нормализира односите со Израел неочекувано објавувајќи дека САД ќе ги укинат сите санкции против исламистичката влада.
Набргу по падот на Асад, израелските трупи влегоа во демилитаризираната зона во Сирија вклучувајќи ја и планината Хермон, која се издига над Дамаск.