Македонија
Левицата: Македонија во должничко ропство, нов долг од 190 милиони евра со европско знаменце
Според Левицата, за „антимакедонската и недемократска гарнитура на власт ништо не значат критиките на ЕУ за злоупотребата на европското знаме“.
Од таму додаваат дека во собраниска процедура по скратена постапка, со шверц со европско знаме, влегоа два предлог-закона за задолжување на Македонија. Едниот заем, како што појаснуваат, кај Кредитна банка за обнова (КФВ) во износ од 90 милиони евра, за резерви или директна поддршка на буџетот. Вториот од Европската Унија, во износ од 100 милиони евра, за макрофинансиска поддршка. Заемите од овие закони треба да се отплатат за 15 години.
„Република Македонија ќе ѝ плати на Кредитната банка за обнова еднократна провизија во висина од 0,5 % од износот на заемот, односно 450.000 евра, а висината на каматната стапка ќе се утврдува за траншата од заемот при нејзиното повлекување. Финансиските услови за задолжувањето кај ЕУ (меѓу кои се износот на траншата, датумот на исплата, каматната стапка, датумот на достасување, банкарските провизии и другите трошоци) ќе бидат утврдени со повлекувањето на средствата.
Власта на СДС и ДУИ нè задолжува без претходно да бидат познати сите услови за задолжување, особено што не е утврдена каматната стапка. Македонија сè уште плаќа најскапа струја во регионот, a клучен енергетски капацитет, како „Чебрен“, му се дава под концесија на странски инвеститор“, велат од Левицата.
Според нив, вкупниот јавен долг има тенденција и понатаму да расте. 75 отсто од јавниот долг, како што посочуваат, се користи за финансирање на буџетскиот дефицит поради проектирани повисоки расходи од приходи. Во Македонија, како што оценува Левицата, стана пракса да се земаат кредити за да се покријат стари долгови и тоа оди постојано во циклуси.
„Додека банките за девет месеци остварија речиси 200 милиони евра профит, СДС и ДУИ го задолжуваат народот во следните 15 години со заеми во износ од 190 милиони евра, на кои ќе платиме милионски суми за провизии и камати. Хибридниот режим, наместо да го регулира дивеењето на крупниот капитал и да ја зајакне редистрибутивната политика, удира по грбот на идните генерации, кои ќе го враќаат долгот, и дозволија банките да бидат побогати од државата“, се истакнува во нивната реакција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Јанчев од Левица по сообраќајната несреќа: Веднаш пружив помош, но бев мета на политичка хајка
Пратеникот и лидер на Левица, Саше Јанчев, денеска се огласи по повод сообраќајната несреќа во која бил учесник, истакнувајќи дека во настанот се погодени најмалку три семејства и бројни блиски лица, поради што досега, како што вели, свесно молчел. Јанчев нагласува дека не сака да навлегува во детали од несреќата, но чувствувал потреба јавно да се произнесе поради, како што тврди, политичката злоупотреба на случајот.
Тој изрази жалење за сè што се случило таа вечер и посочи дека веднаш по несреќата пружил помош и повикал итни служби. Притоа, Јанчев укажа дека брзата помош, според неговите наводи, пристигнала по цели 50 минути.
Во изјавата потенцира дека бил единствениот легален учесник во сообраќајот во конкретната несреќа и отфрли тврдења дека управувал возило под дејство на алкохол или дрога, како и дека возел со непрописна брзина, оценувајќи ги ваквите информации како целосно неточни.
Јанчев реагира и на објавите во дел од медиумите дека управувал „бесен џип“, наведувајќи дека неговото возило е старо 20 години и дека станува збор за намерно креиран наратив. Според него, уште истиот ден по несреќата, владејачките партии започнале, како што рече, координирани политички напади против него.
Тој обвини дека бил јавно осуден преку партиски прес-конференции и медиумски настапи, без, како што посочи, да се постави прашањето за одговорноста на министерот за внатрешни работи и министерот за здравство. Јанчев наведе и дека од страна на власта му биле упатени закани поврзани со работата на Анкетната комисија за Кочани.
Во однос на прашањето за пратеничкиот имунитет, Јанчев истакна дека никогаш не се повикал на него и дека имунитетот, како што нагласи, не ја исклучува кривичната одговорност.
„Сето ова се прави без чувство дека во приказната не сум само јас, туку и луѓе кои се настрадани и длабоко потресени“, наведе Јанчев, повторувајќи дека искрено жали за сè што се случило и дека не знае зошто морало да дојде до таков трагичен настан.
Македонија
ТАВ Македонија: Меѓународниот Аеродром Скопје е отворен
Поради густата магла која ја зафати скопската котлина, а која предизвика намалена видливост, на Меѓународниот Аеродром Скопје, денеска од 00:00 часот до 18 часот, има 16 откажани и 11 пренасочени летови. Три авиони слетаа и три авиони полетаа после пладне, кога се подобрија временските услови. Слетаа авионите од Дортмунд, Истанбул и Париз, а полетаа за Истанбул, Осло и Баден-Баден, информираат од ТАВ Македонија.
Бидејќи временските услови се менуваат постојано, од ТАВ Македонија апелираат до сите патници да ги следат информациите и насоките за нивните летови кои ги добиваат од авиокомпанијата со која летаат
-Согласно временската прогноза која ни стигнува од Метео-службата на М-НАВ, намалена видливост се очекува и во текот на ноќта. За патниците и јавноста би сакале да појасниме дека Меѓународниот Аеродром Скопје не е затворен. Аеродромот е постојано отворен, без разлика на временските прилики, а нашиот персонал е подготвен да ги прифати, услужи и испрати и авионите и патниците, се вели во соопштението од ТАВ Македонија.
Сите промени во редовниот распоред на летање се ажурираат во реално време на веб-страницата на Меѓународниот Аеродром Скопје https://skp.airports.com.mk/, а патниците може да се информираат за статусот на нивните летови и на пултот за информации кој работи 24/7 со персонал кој е присутен на аеродромот и на телефонскиот број 02 3148 333.
Македонија
Сонце само над Водно – градот втор најзагаден во Европа
Скопје денеска осамна покриено со густа магла, која целосно го проголта градот и го сокри сонцето од погледот на скопјани. Додека во низините видливоста беше значително намалена, единственото место каде што сонцето се пробиваше низ облаците беше Водно, поточно околу Милениумскиот крст.
Од височините на Водно можеше јасно да се забележи контрастот меѓу сончевото небо и густата магла што се задржа над градот, создавајќи слика на Скопје „заробено“ под сив покрив.
Покрај неповолните временски услови, денес Скопје е рангирано како втор најзагаден град во Европа, што дополнително ја влошува состојбата со квалитетот на воздухот и претставува сериозен ризик за здравјето на граѓаните.
Граѓаните повторно апелираат за итни мерки и долгорочни решенија за справување со аерозагадувањето, кое со години останува еден од најголемите проблеми во главниот град.

