Македонија
Времето сончево и релативно топло со мала до умерена локална облачност

Времето ќе биде сончево и релативно топло со мала до умерена локална облачност. Во одделни котлини ќе има утринска магла. Ќе дува слаб до умерен ветер од југозападен до јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 7, а максималната ќе достигне од 15 до 21 степени.
Во Скопје наутро со слаба магла, а преку денот сончево со мала облачност. Ќе дува слаб ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 17 степени.
Во следните два дена ќе се задржи релативно топло време со појава на утринска магла во одделни котлини. Локални врнежи од дожд ќе има во попладневните и вечерните часови в среда и в петок и на почетокот на викендот кога ќе дува и засилен северен ветер, кој ќе предизвика значително опаѓање на температурата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
543 лица возеле побргу од дозволеното, 252 биле без возачка дозвола: вкупно 2.553 сообраќајни прекршоци изминатиот викенд

Во петокот и во деновите од минатиот викенд како резултат на активностите, односно сообраќајните контроли спроведени од полициски службеници на патиштата низ земјава, беа издадени вкупно 2.553 платни налози, повеќето по однос на прекршувања на одредби од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, извести МВР.
„Притоа, заради непрописно паркирање беа изречени 545 прекршочни платни налози, и речиси исто толку, односно 543 прекршоци по основ на неприлагодена брзина на движење согласно пропишаната. Исто така евидентирани се и 150 прекршоци поради користење мобилен телефон при возење, 340 платни налози за некористење сигурносен појас како и 20 прекршоци по основ на неносење заштитен кацига при возење мотоцикл. Во посочениот период дури 252 учесници во сообраќајот се затекнати без возачка дозвола, 104 лица управувале под дејство на алкохол, седум минале на црвено светло, а санкционирани се и 12 пешаци.
Инаку според Законот за возила од сообраќај вкупно биле отстранети 81 возило, од кои 28 заради техничка неисправност, а 58 затоа што не биле регистрирани“, соопшти МВР и додаде дека сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови.
Македонија
Oпштина Илинден и оваа година ќе доделува субвенции за инвертер клими или соларни панели

И оваа година општина Илинден објави Јавен повик за субвенции за купување на инвертер клими или соларни панели. Јавниот повик е според Програмата за финансиска поддршка на целни групи граѓани на Општина Илинден за 2025 година која предвидува еднократна парична помош за набавка на инвертер клими или соларни панели на лица со постојано место на живеење на територија на општина Илинден.
Износот кој го доделува општината како финансиска помош изнесува 50% од сумата за која е купена инвертер климата или соларниот панел односно до максимум 10.000,00 денари по производ. Целта на повикот, како што истакна градоначалникот Александар Георгиевски е да се стимулираат граѓаните односно домаќинствата за употреба на високоефикасни инвертер клима уреди за затоплување на своите домови, кои се поекономични, енергетски поефикасни и еколошки прифатливи за околината.
Барањата од Јавниот повик ќе бидат разгледувани по редослед според датумот и времето на пристигнување. Право на учество на Јавниот повик има секој граѓанин со постојано место на живеење во општина Илинден кој ќе купи инвертер клима или соларен панел од денот на објавување на јавниот повик од 07.04.2025 се до исцрпување на предвидените финансиски средства за таа намена.
За сите дополнителни информации заинтересираните граѓани можат да се информираат директно во просториите на Општина Илинден или на официјалната веб страница ilinden.gov.mk.
Македонија
Голема екоакција за собирање текстилен отпад во општина Аеродром

Компанијата „Тексомак“ во соработка со oпштина Аеродром организира екоакција за собирање текстилен отпад.
Првиот дел од оваа акција започнува утре, вторник, 8 април. Контејнери, каде што граѓаните ќе можат да го оставаат текстилниот отпад, ќе бидат поставени на следниве локации:
– ООУ „Лазо Ангеловски“
– ЈДГОА „Срничка“ (главен објект)
– ООУ „Љубен Лапе“
– ЈУДГ „Буба Мара“ (главен објект)
– ООУ „Браќа Миладиновци“
– Зад „Капитол мол“ (пред влезот на „Рамстор“)
Текстилниот отпад треба да биде добро спакуван во пластични ќеси со цел да се избегне негово оштетување.
Следниот чекор е едукација по училиштата и градинките што ќе се одвива во текот на наредниот период, а датумите ќе бидат дополнително објавени, извести општина Аеродром.