Македонија
Ковачевски вети помош за 800 вработени во „Еуроникел“ во Кавадарци, онолку колку што Владата е можно да помогне
Со Синдикатот на фабриката „Еуроникел индустри“, поранешно „Фени“ за спас на работните места на околу 800 вработени, откако минатиот месец сопре производството, ќе преговара вицепремиерот за економија Фатмир Битиќи. Тој вчера имаше средба со претставници од Синдикатот на фабриката, а премиерот Димитар Ковачевски попладнево одговарајќи на новинарско прашање дали Владата ќе им се обезбеди струја за неколку дена за да не ја изгаснат печката, рече дека Владата ќе помогне онолку колку што е во нејзина надлежност оти се работи за приватна компанија.
„Владата го определи вицепремиерот Битиќи да има состанок со Синдикатот. Тие исто така, колку што знам, имале состанок и со доверителите на компанијата која што е во приватна сопственост. Она што е законска надлежност на Владата, бидејќи се работи за приватна компанија, што е можно ќе биде направено. Ние даваме поддршка за преструктурирање на компанијата меѓутоа сепак клучниот збор го имаат приватните сопственици на фабриката и пред се доверителите. Тука пред се мислам на банките кои имаат побарувања, а компанијата има обврски во однос на нив. Се она што можеме ние да го направиме како Влада и како ресорни министерства ќе го направиме со цел да може да се обезбеди предвидлива иднина за вработените во оваа фабрика“, рече премиерот Ковачевски.
Сегашниот сопственик на фабриката, швајцарскиот фонд ГСОЛ, беше избран токму со поддршка на Владата и под водство на поранешниот вицепремиер за економија Кочо Анѓушев. Тој менувањето на сопственоста на поранешно „Фени“ го претстави како успешна приказна оти низ активен стечај, додека траеше судската постапка се бараше новиот сопственик, а вработените не останаа без работните места.
Вработените во „Еуроникел“ почнаа да стравуваат за работните места лани кога почна да поскапува струјата, а менаџментот прво го намали па целосно го сопре производството, ги намали платите, а од минатиот месец печката ја остави да работи на одржлив минимум.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Голем одрон кај село Ратево, магла на патниот правец Тетово – Гостивар
На патниот правец Р-1302 Берово – Струмица (кај село Ратево) поради поголем одрон сообраќајот се одвива по направена девијација во должина од 50 метри. Намалена видливост и појава на магла на патниот правец Тетово – Гостивар до 70 метри, извести АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно влажни коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Без вода денеска објектите на хотел Континентал и Ист Гејт
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради промена на затворач на булеварот Александар Македонски бб (кај Континентал), прекинато водоснабдување ќе имаат објектите на хотел Континентал и Ист Гејт.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.
Македонија
Продолжува периодот на променливо облачно време со повремен дожд, а на планините снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, на повисоките места од дожд и снег, а на планините од снег. Ќе дува слаб ветер од променлив превец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 8, а максималната ќе достигне од 8 до 13 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен слаб дожд. Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Времето во наредните денови
Продолжува периодот на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, а на планините од снег. Пообилни врнежи ќе има во недела кога ќе преминуваат во снег и во некои од пониските места. Од понеделник во текот на денот ќе настапи постепено стабилизирање на времето со опаѓање на утринските температури, а дневните ќе бидат во пораст.

