Скопје
Неколку скопски општини денеска без струја

Врз основа на добиеното известување од ЕВН, Регионалниот центар за управување со кризи – Град Скопје, известува дека, поради технички интервенции во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат дел од корисниците во општините Петровец, Гази Баба и Центар, како и корисници во Катланово.
Во периодот од 8.30 до 15 часот струја ќе немаат корисниците во Катланово: Тотинци, Бадар, Кожле, ЗИК Фазанерија, фирма Арадико, фирма Еуроленд Венгал, цело Катланово, Катлановска Бања, Летевци, с. Брезница, с. Градманци, бензинската пумпа „Макпеторл“, „Окта“, објектите околу автопат Скопје – Велес во близина на Катланово.
Дел од Петровец исто така ќе нема електрична енергија, како и дел од село ‘Ржаничино, „М-лаб“, „Транс логистик“ во општина Петровец.
Во периодот од 9 до 13 часот корисниците во село Страчинци во општина Гази Баба ќе немаат струја, а во периодот од 9 до 13 часот дел од корисниците од улицата Загребска и црквата „Св. Јован Крстител“ во општина Центар ќе останат без електрична енергија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Кисела Вода со субвенции за пелети и печки на пелети

Во насока на унапредување на енергетската ефикасност и поддршка на домаќинствата, Општина Кисела Вода објави два јавни повици – за субвенционирање на набавка на пелети и за печки на пелети. Средствата се обезбедени од Буџетот на општината за 2025 година, преку Програмата за локален економски развој, потпрограма за енергетска ефикасност, извести Општината.
Право на учество имаат сопственици на индивидуални станбени објекти на територија на општината, кои немаат приклучок на централно парно греење и кои претходно не искористиле ваков вид субвенција. При аплицирање, потребно е да се достави документација што го потврдува сопствеништвото, лична идентификација, доказ за извршена набавка (фискална сметка, фактура и извод од банка) од 01.01.2025 година до завршување на јавниот повик, нотарски заверена изјава и пополнет образец кој може да се преземе од веб-страницата или од архивата на Општина Кисела Вода.
Субвенцијата за набавка на пелети изнесува 50% од вредноста, но не повеќе од 10.000 денари, додека за набавка на печки на пелети се надоместуваат исто така 50% од вредноста, но не повеќе од 20.000 денари, и во двата случаи со вклучен персонален данок на доход.
– И оваа година, продолжуваме со имплементација на мерки кои директно ги поддржуваат нашите сограѓани. Субвенционирањето на набавката на пелети и печки на пелети е дел од нашата заложба да обезбедиме конкретна поддршка за домаќинствата, за полесно и поквалитетно затоплување на нивните домови, но и за заштита на животната средина. Ваквите мерки се дел од поширокиот пристап кој го применуваме како локална самоуправа – пристап кој значи грижа, континуитет и визија за одржлива иднина. Кисела Вода веќе го гради својот препознатлив печат на општина која работи темелно, одговорно и со видливи резултати. Ги повикувам сите граѓани кои ги исполнуваат условите да аплицираат и да ја искористат оваа поддршка. Ние, како локална власт, остануваме посветени на политиките кои носат конкретни придобивки – за секој жител, за секој дом во Кисела Вода, изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Барањата се поднесуваат во затворен плик преку Архивата на Општина Кисела Вода, по принципот „прв дојден, прв услужен“, сѐ до исцрпување на средствата или најдоцна до 31 октомври 2025 година.
Македонија
Делови од Аеродром, Карпош и Сарај денеска без струја

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– Во периодот од 08:30 до 13:30 часот, корисниците од село Крушопек, општина Сарај;
– Во периодот од 09:00 до 13:00 часот, Дел од корисниците на ул.1 во село Копаница, општина Сарај;
– Во периодот од 09:00 до 15:00 часот, корисниците на улиците Руди Чајавец, Милан Зечар, Коста Новаковиќ, општина Аеродром;
– Во периодот од 10:30 до 12:00 часот, корисниците на дел од село Бардовци, кај пругата, општина Карпош.
Македонија
Герасимовски: Услугата „Итно копче“ позитивно оценета од центарци, соработката со Црвениот крст сѐ повеќе се зајакнува

Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски, синоќа присуствуваше на Свечената Академија по повод 80 години од основањето на Црвениот крст на Северна Македонија.
Герасимовски, потенцира дека во изминатите години, во соработка со Црвениот крст се подобри квалитетот на живот на центарци.
„Проектите ‘Итно копче’, бесплатниот транспорт на лица со попречености, редовните крводарителни акции и едукациите за прва помош во училиштата и градинките се позитивно оценети од жителите на Центар. Горд сум што нашата соработка сѐ повеќе се зајакнува и продолжуваме заеднички да ја подобруваме заедницата и да помагаме на луѓето. Центар продолжува да биде општина на солидарноста и на хуманоста. Нека е честит 80 годишниот јубилеј од основањето на Црвениот крст!“, истакна Герасимовски.