Македонија
Мицкоски од Битола: Следните избори се референдумска одлука, да победиме со 61 пратеник за реформи, за проекти и трансформација и просперитетна Македонија
Денеска сме тука како резултат на теренската акција која ја спроведуваме низ Македонија, разговаравме со многу групи на битолчани, со здравствени работници, со луѓе од РЕК Битола со енергетичарите, разговаравме што не чини и што е важно во програмата на ВМРО-ДПМНЕ да се најде за дел од овие работи да бидат коригирани, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ на средба со граѓаните од Битола во рамки на кампањата „Важно е! Од тебе зависат промените!“.
Мицкоски истакна дека ВМРО-ДПМНЕ преку средби со граѓаните ги слуша нивните очекувања кои потоа ќе се најдат во идната програма на ВМРО-ДПМНЕ и како идна влада ќе ги реализира, но посочи дека нема да се ветуваат чуда, туку проекти кои навистина ќе се исполнат.
– Ние одбравме да чекориме тешко, но одбравме да чекориме пат кој нема да биде срамен. Сега целта се гледа јасно, светлото на крајот на тунелот се гледа. Кога ни велеа дека е невозможно тоа што го правиме, кога ни велеа дека некој друг одлучил поинаку, дека е попуста борбата, ние не се откажавме. Стоевме на нозе и се боревме заедно со народот кој беше нашиoт мотив. Како резултат на таа борба се случи оној историски резултат во 2021 кога постигнавме двојна историска победа, но тоа е само почеток, рече Мицкоски.
Тој потенцираше дека крајната цел е победа на следните двојни избори, претседателските и парламентарните избори.
– Веста која сакам да ја кажам е одлична, а тоа дека кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ ќе победи убедливо на претседателските избори, а ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата убедливо ќе победат на парламентарните избори. Нема веќе сила која тоа ќе го спречи. Народ никој не победил. Важно е таа победа да биде историска, да биде со 61 пратеник, таква победа ни е потребна за реформи, за проекти за трансформација на Македонија, изјави Мицкоски.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ посочи дека во периодот кој следи ќе приоѓаат секакви луѓе кои ќе ветуваат се и сешто, а тие се опозиција на опозицијата, платени се да бидат тоа, и оној момент кога заминат од средбата ги бројат жолтиците на оние кои ги плаќаат, а тоа владата на ДУИ и СДС.
– Следните избори не се избори во кои ќе се профилира треба опција, следните избори се избор помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата и Али Ахмети, Артан Груби, Бујар Османи, Миле Зечевиќ. Димитар Ковачевски, Бојан Маричиќ. Секој кој ќе кажува дека бирате трет пат, тој сака само да ги раздели антивладините гласови и да ја клекне Македонија. Заедно да не дозволиме, заедно 61 пратеник во македонскиот Парламент, нагласи Мицкоски.

Мицкоски додаде дека следните избори се помеѓу оние кои денеска ги натераа нашите дедовци и баби да протестираат затоа што не можат месецот да го поминат со своите пензии и оние кои во минатото ги покачуваа пензиите и ќе продолжат да ги покачуваат.
– Следните избори се избор помеѓу оние кои сакаат да му стават катанец на РЕК Битола и 4.000 семејства да ги остават на улица и оние кои имаат план за модернизација и РЕК Битола да продолжи да работи и да носи приход, модернизиран со сите еколошки стандарди. Следните избори се за оние кои денеска ги оставија земјоделците на питачки стап, оние кои денеска ниту исплаќаат субвенции ниту обезбедуваат откуп по достоинствени цени и оние кои воведоа сигурен откуп, субвенции и имаат план како да го развијат земјоделството, посочи тој.
Мицкоски изјави дека изборот е помеѓу оние кои ги оставија нашите деца без учебници и оние кои во минатото обезбедија бесплатно студирање и бесплатни учебници.
– Изборот е помеѓу оние кои распродадоа македонскиот идентитет, достоинство, оние кои прифатија бугарски диктат и ја клекнаа Македонија на колена и оние 44 јунаци дел од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата кои и покрај сите притисоци останаа достоинствени и ја бранат Македонија. Следните избори се референдумска одлука за Македонија, како сакаме да ја гледаме Македонија. Дали сакаме да ја гледаме осиромашена и засрамена или Македонија просперитетна, европска и држава која се грижи за сите свои граѓани. Ова е единствената можност да покажеме дека тогаш кога било најтешко Македонскиот народ се обединил и застанал заедно со ВМРО-ДПМНЕ кое е идентитетот на македонскиот народ, изјави Мицкоски пред битолчани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во израелски напади во Газа убиени 17 лица, меѓу нив шест деца
Во израелски напади на северот и југот на Појасот Газа убиени се најмалку 17 Палестинци, меѓу кои и шест деца, соопштија локалните болници, пренесе Би-Би-Си.
Израелската војска наведува дека нападите уследиле откако, според нив, „терористи отвориле оган и тешко раниле еден војник“ на северот на Појасот Газа, во близина на таканаречената Жолта линија, која според договорот за прекин на огнот со Хамас означува територија под контрола на Израел. Како одговор, биле изведени прецизни удари од копнени и воздушни сили, поради, како што наведуваат, „очигледно кршење“ на примирјето.
Болницата Ал-Шифа во Газа соопшти дека примила тела на 13 лица, меѓу кои пет деца, по напади врз шатори и домови во источните квартови Зеитун и Туфа. Во болницата Насер во Хан Јунис биле донесени тела на уште четири жртви, меѓу кои и едно дете.
Од стапувањето во сила на примирјето на 10 октомври, Израел и Хамас речиси секојдневно меѓусебно се обвинуваат за негово кршење. Министерството за здравство во Газа, под контрола на Хамас, наведува дека од тогаш во израелска ватра загинале најмалку 529 луѓе, додека Израел соопштува дека во палестински напади загинале четворица нивни војници.
Македонија
СДСМ му оддаде почит на македонскиот великан Гоце Делчев
Делегација на СДСМ предводена од генералниот секретар Александар Саша Димитријевиќ, заедно со членовите на Извршниот одбор, Наташа Поповиќ и Петар Огњеновиќ, денеска оддаде почит и се поклони пред ликот и делото на македонскиот великан Гоце Делчев.
„Идеалите на Гоце Делчев за слободна, праведна и напредна Македонија и денес се силен потсетник дека иднината се гради со храброст, знаење и единство. Наша должност е да ги чуваме и живееме тие вредности, секој ден.
Нека е вечен споменот на македонскиот великан Гоце Делчев“.
Македонија
Мицкоски: Очекувам раководството на ССМ да излезе од партиската прегратка и да се договори со Владата во интерес на административците
Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, изјави дека очекува неколкумина од раководството на Сојузот на синдикати да излезат од, како што рече, партиската прегратка и да постигнат договор со Владата во интерес на работниците, односно на административните службеници.
Одговарајќи на новинарско прашање во врска со утрешната средба со УПОЗ и очекувањата, Мицкоски нагласи дека дел од вработените во јавната администрација сè уште немаат договорен Колективен договор со Владата.
„Очекувам да излезат од партиската прегратка тие неколкумина во раководството на Сојузот на синдикати и да се договорат со Владата во интерес на работниците, односно во интерес на административните службеници, бидејќи уште тие, како што многу пати кажав во минатото, уште тие 7.700–7.800 наши колеги немаат со Владата договорен Колективен договор, сите останати имаат“, изјави премиерот.
Тој додаде дека со ваквиот договор Владата, како работодавач, ќе ги заокружи односите со сите вработени до истекот на мандатот.
„Со ова, Владата како работодавач ги заокружува односите до истекот на мандатот на оваа Влада, до 2028 година, со сите оние на чии работодавач директен или индиректен е Владата“, рече Мицкоски.

