Македонија
„На Онкологија се набавувале лекови од омилената веледрогерија на власта по цени повисоки од оние што ги дозволувал ФЗО“, вели ВМРО-ДПМНЕ
„Скандалот ‘Диво месо’ на Клиниката за онкологија покажува колку метастазирала канцер мафијата која во соработка со властите правела милиони на грбот на најтешките пациенти. Ваквата спрега не можела да функционира без знаење на највисоките функционери во Министерството за здравство, кои се директно одгворни за состојбите во здравството, но и јавните набавки“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

„Извештајот од вонредната контрола на клиниката покажал дека на нарачките на терапијата кон добавувачите е по цена која речиси по правило била повисока од цената која ја одобрувал Фондот за здравство. Со тоа во исто време се трупале долгови, а омилената веледрогерија на власта била полнета со народни пари. За некои лекови е искористена можноста да се набават дополнителни 20% и на тој начин се правеле залихи, а во исто време од други лекови постоел недостиг, па пациентите биле принудувани да ги набавуваат лековите како знаат и умеат, без да имаат можност да ги рефундираат средствата. Да потсетиме дека пациенти и нивни семсјства сведочеа дека биле принудени да купуваат лекови од црниот пазар, да чекаат со денови за терапија, а некои се сомневаат дали воопшто добивале терапија или само физиолошки раствор.
Јавното Обвинителство втор месец води само предистрага за скандалот на Онкологија. Нема ни официјална истрага, а камо ли пак обвиненија и онвинети. Тоа само покажува дека Јовевски, Абази и врвот во обвинителството спроведуваат нова операција со крајна цел да го обвинат кабелот на Онкологија. Не се ни свесни дека колку повеќе ја одолговлекуваат истрагата, или не дај Боже решат да ја забошотат, тогаш ќе остават црна дамка врз целокупниот здравствен систем. Потребни се имињата на одговорните, бидејќи колку се развлекува, толку ќе се валкаат сите бели мантили во Македонија. Ако мислат дека на тој начин ќе заштитат евентуално некого од одговорност затоа што е близок до власта или до било кој од канцер мафијата, тогаш се лажат. Многу скоро после промената на власта ќе следи детална истрага и одговорните ќе бидат изведени пред лицето на правдата“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Пазарот на недвижности пораснал за 15 отсто – Аеродром со најмногу продажби, Кисела Вода со најголем скок на цените
Пазарот на недвижности во земјава во првите шест месеци од оваа година бележи зголемена динамика, а гледано на територијата низ целата држава, најголемиот дел од активностите се концентрирани во неколку скопски општини.
Според податоците од Агенцијата за катастар на недвижности, Аеродром е општината со најмногу купопродажби – 562 трансакции, веднаш зад неа е Гази Баба со 555, а Карпош со 527 трансакции го заокружува водечкиот трио. Значително помал обем на продажби е регистриран во Бутел (176). Центар ја бележи највисоката вкупна остварена цена од реализирани купопродажби во првото полугодие: 65,8 милиони евра. Следуваат Карпош со 56,7 милиони евра и Аеродром со 47,9 милиони евра, додека најниска вредност има во Штип – 10 милиони евра.
Анализата на пазарот на станови покажува дека најмногу продадени станови во првото полугодие има во Аеродром (189), Чаир (182), Центар (181) и Карпош (179), што уште еднаш ги потврдува скопските општини како најактивни во овој сегмент од пазарот. Катастарот во анализата дополнително појаснува дека при утврдување на просечната цена на становите на државно ниво, не се земаат предвид атипични трансакции со екстремно ниски или високи вредности по метар квадратен. Во извештајот се наведуваат неколку такви случаи: продажба на стан од 58 м² во Свети Николе по цена од 862 денари за метар квадратен, продажба на стан од 13 м² во Центар по 804.231 денар за м², продажба на стан од 51 м² во Центар по 542.647 денари за м².
Податоците откриваат и интересни трендови во споредба со истиот период минатата година. Центар има најголем раст на обемот на купопродажби – 32 отсто, додека Гази Баба и Штип растат за 28.
Кај пазарната цена најголем пораст во однос на лани бележи Кисела Вода со дури 59 проценти, следена од Центар со 54 отсто. Висок раст се регистрира и во Чаир (44%), Тетово и Охрид (по 37%), Струга (38%) и Карпош (34%), додека Струмица бележи поскромно зголемување од 17 проценти.
Овие бројки доаѓаат во контекст на општ раст на пазарот. Катастарот регистрира вкупно 15.779 трансакции во првото полугодие, што претставува зголемување во однос на 2024 година. Најактивен месец е мај, со 2.918 продажби и закупи, додека најтивок е јуни со 2.173 трансакции. Во оваа структура доминира земјоделското земјиште (33%), веднаш потоа следуваат становите (32%), градежното земјиште (19%) и куќите (12%), а деловните простори и гаражите учествуваат со 4, односно 3 проценти.
Пазарот на недвижности во целина бележи раст од 15 проценти во споредба со истиот период лани, а умерениот пораст на цените во речиси сите категории укажува на стабилна побарувачка и зголемена активност кај купувачите и инвеститорите. Дополнително, податоците укажуваат на пораст на вкупната финансиска вредност кај речиси сите типови недвижности.
Македонија
Минчев: Рационална, професионална и европска администрација, со поддршка на СИГМА се усогласуваат клучните реформски приоритети
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, оствари работна средба со Баграт Тунјан, раководител на тимот за стратешко планирање и државен менаџер за Република Македонија во рамки на СИГМА – заедничката иницијатива на ОЕЦД и Европската унија.
Фокусот на средбата беше насочен кон рационализирање, координирање и унапредување на јавната администрација која ќе може да одговори на потребите на граѓаните и бизнис секторот, со посебен акцент на носењето на Законот за висока раководна служба, кој ќе воспостави јасни, транспарентни и мерливи критериуми за избор и управување со раководните кадри – модел што ќе ја спречи партизацијата и ќе го гарантира принципот „најдобрите на најодговорните позиции“.
Дополнително, се разгледуваа и измените на Законот за организација и работа на органите на државната управа (ЗОРОДУ), реформата на системот за плати и подобрувањето на регулативата која треба да ја направи администрацијата попрегледна, покохерентна и пофункционална, со јасни надлежности и подобра меѓуинституционална координација.
Преку овие реформи, заложбата на Министерството за јавна администрација е создавање административна машинерија која ќе работи поефикасно и поодговорно како темел на модерна и европска државна служба кон која се стремиме.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Родово одговорното буџетирање е клуч за подобри јавни политики
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова оцени дека родово одговорното буџетирање претставува системско решение за општествените потреби и трансформативен инструмент за креирање правични политики. Таа се обрати на отворањето на меѓународниот форум „Одиме Глокално 2.0: Одржлива родово одговорна иднина“, што денес и утре се одржува во Скопје.
„При секое планирање на државниот буџет мора да се има предвид родовата димензија, ако сакаме да бидеме просперитетни“, рече претседателката, нагласувајќи дека родово одговорното буџетирање не е техничка постапка, туку алатка за транспарентност, отчетност и поправедна распределба на јавните средства.
Сиљановска-Давкова истакна дека родовата еднаквост и климатската отпорност се темелни за идните политики, а граѓанските организации, локалните власти и руралните заедници имаат значајна улога во адаптацијата кон климатските промени.
Таа посочи дека Република Северна Македонија веќе направила чекори кон системско интегрирање на родовата перспектива во буџетскиот процес, но имплементацијата е во тек и бара понатамошна институционална поддршка.
На форумот се обратија и амбасадорот на Австрија Мартин Памер, заменик-амбасадорката на Шведска Елизабет Далберг Фриск, Андреј Лепавцов од Министерството за надворешни работи и Марија Ристеска од Мрежата за родово одговорно буџетирање.

