Европа
Вонредна состојба на Исланд, земјата се отвора, граѓаните се подготвуваат за ерупција: се стравува од повторување на пеколното сценарио од 2010 година
Една од вулкански најактивните земји во светот прогласи вонредна состојба поради најновата закана од ерупција.
Речиси 4.000 луѓе се евакуирани од своите домови во Гриндавик, кој е најзагрозен поради неговата непосредна близина до вулканот Фаградалсфјал на полуостровот Рејкјанес. Веќе една недела Исланд е сеизмички хиперактивна област, а жителите секојдневно чувствуваат по неколку стотици потреси. Популарната туристичка Сина лагуна е затворена од петокот.
Целиот остров е во тензично исчекување бидејќи експертите велат дека земјотресите, кои со денови татнеат под површината, се знак за голема вулканска ерупција, која може да се случи во секој момент.
Огромни пукнатини се појавија во близина на Гриндавик, а воздушните снимки објавени од крајбрежната стража покажуваат пукнатина што поминува низ центарот исфрлајќи чад додека магмата се приближува до површината. Набрзина се градат одбранбени ѕидови околу блиската геотермална централа за која се надеваат дека ќе ја заштитат од потоците лава, пренесува „Јутарњи лист“.
За многу локални жители, најновиот развој на настаните потсетува на катастрофалната експлозија на друг исландски вулкан, Ејафјалајокул, во 2010 година. Сеизмичката активност на тој вулкан почна во 2009 година и доведе до кулминација, односно до ерупција на 29 март 2010 година. Тоа беше првата ерупција на тој вулкан по речиси 200 години.
Втората ерупција почна на 14 април, а огромниот облак од пепел што го создаде доведе до најголемото нарушување на воздушниот сообраќај во европската историја предизвикано од природна катастрофа. Милиони патници беа заглавени на аеродромите од 15 април.
Научниците дале процени за „Дејли мејл“ за новата ерупција, а прашање е дали може да се спореди со онаа во 2010 година.
Д-р Дејв Мекгејв, вулканолог од Универзитетот „Ланкастер“, рече дека огромниот облак од пепел што го виделе пред 13 години, веројатно, нема да се повтори.
„Можната ерупција што ќе резултира од сегашните потреси на земјата нема да доведе до прекини како ерупцијата во 2010 година“, рече тој.
„Во ерупциите на полуостровот Рејкјанес доминира производството на лава со само мало производство на пепел, а во ерупцијата во 2010 година доминира производството на пепел“, додаде тој.
Тој оцени дека е многу мала веројатноста последната ерупција да предизвика нарушување во трансатлантскиот воздушен сообраќај.
Иако главниот град на Исланд, Рејкјавик, е далеку од опасната зона, аеродромот „Кефлавик“ на Исланд се наоѓа на 17-ина километри северозападно од активната област. Авиосообраќајот на „Кефлавик“ во моментот се одвива непречено.
Сепак, како мерка на претпазливост за домашните и за меѓународните летови, шифрата за боја за летовите до полуостровот Рејкјанес сега е портокалова, што значи зголемена активност.
Портокаловото предупредување претставува ограничена опасност за воздушниот сообраќај. Следната фаза е црвена и нивото се подига доколку дојде до вулканска ерупција, која може сериозно да влијае на воздушниот сообраќај.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Германците објавија план во случај на војна со Русија
Германија почна поинтензивно да работи на подготовките за можни кризни ситуации, вклучително и воени сценарија кои директно би влијаеле на земјата. Според весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ (ФАЗ), Бундесверот развил стратешки документ наречен „Операционен план Германија“, во кој се детализирани улогата на економијата и клучните инфраструктурни сектори во случај на вооружен конфликт.
Еден од клучните елементи на овој план е соработката со приватниот сектор за обезбедување снабдување и одржување на функционалноста на клучните сектори во случај на криза. Неодамна во Хамбург се одржа средба со претставници на логистички компании, на која воените власти презентираа насоки за подготовка во кризни ситуации. Беше истакнато дека логистиката ќе има клучна улога во овозможување мобилизација на силите и зачувување на стабилноста во земјата. Според ФАЗ, Бундесверот составил листа на приоритетни објекти и инфраструктура кои треба да бидат заштитени во случај на војна, вклучувајќи транспортни центри, магацини и енергетски системи.
Според сценариото кое предвидува одговор на НАТО на потенцијален конфликт со Русија, планирана е мобилизација на дури 800.000 војници и 200.000 возила преку германска територија. Јасно е дека за таква операција е потребно исклучително прецизно планирање и координација со цивилниот сектор, пишува ФАЗ.
Овие мерки доаѓаат во контекст на растечките геополитички тензии, особено по руската инвазија на Украина.
Освен Германија, други европски земји ги засилуваат подготовките за непредвидливи сценарија. Нордиските земји, како што се Шведска, Финска и Норвешка, исто така ги советуваат своите граѓани како да се подготват за потенцијални кризни ситуации, вклучително и обезбедување основни залихи со храна и вода.
Германското Министерство за одбрана редовно ги ажурира своите планови, приспособувајќи ги на промените во безбедносната средина.
Европа
Украинскиот парламент ја одложи седницата, на пратениците им е кажано да ги држат своите семејства подалеку од владиниот кварт на Киев
Украинскиот парламент ја одложи седницата што требаше да се одржи денеска поради безбедносни причини, јави јавната телевизија Суспилнe, повикувајќи се на извори.
„Беше планирано да се одржи седница на Врховната Рада на 22 ноември, на која пратениците требаше да поставуваат прашања до владата, но сè беше откажано поради безбедносни причини“, објави Суспилне. На пратениците им е кажано да ги држат своите семејства подалеку од владиниот кварт на Киев, а според некои од нив, следната седница на украинскиот парламент не е закажана до декември.
Одложувањето дојде откако рускиот претседател Владимир Путин во телевизиско обраќање објави дека Русија вчера истрела хиперсонична балистичка ракета со среден дострел врз украински воен објект, како одговор на употребата на американски и британски ракети од Киев за гаѓање цели на руска територија.
Путин посочи дека „во случај на ескалација на агресивни дејствија“ би можеле да следат уште такви потези. Предупредувањата за големи ракетни напади ги натераа американските и другите амбасади во Киев да ги затворат своите врати во средата.
Еден опозициски член на парламентот, Олексеј Хончаренко, изрази фрустрација поради откажувањето на седницата во објава на апликацијата за пораки Телеграм, велејќи дека тоа е изгубена можност да се поставуваат прашања на владата.
Европа
НАТО: Новата руска ракета нема да нè одврати да ја поддржиме Украина
Експерименталната ракета со среден дострел истрелана од Русија кон Украина нема да влијае на текот на војната или на поддршката на НАТО за Киев, изјави портпаролката на алијансата.
Портпаролката на НАТО, Фарах Даклала, изјави за АФП дека рускиот напад во четвртокот на Днепар е „уште еден пример за руски напади врз украинските градови“, додавајќи:
„Користењето на овој капацитет нема да го промени текот на конфликтот или да ги одврати сојузниците од НАТО да ја поддржат Украина“.