Скопје
Ѓорѓиевски: Последната населба во Кисела Вода без подземна инфраструктура добива фекална канализација и водовод
Почна реализацијата на капиталниот проект за изградба на подземна инфраструктура во населбата Стаклара (Каменик). Ова е последното населено место во општина Кисела Вода, каде што во 21 век сѐ уште се користат септички јами. И покрај тоа што тука живеат речиси 500 семејства и се лоцирани над 60 бизнис-ентитети, овој проект, поради сложеноста на зафатот и превисоката цена за негова реализација, не бил воопшто планиран од страна на ниедно претходно раководство на Општината, велат од Кисела Вода.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, кој денес присуствуваше на почетокот на градежните активности за изградба на фекална мрежа, го информира населението за планираниот тек на зафатот. Тој опфаќа најпрвин изградба на фекална канализација во должина од 4,5 км, потоа и водоводна мрежа или подземна мрежа во вкупна должина од 9,2 км по што ќе се изврши и асфалтирање на целиот потег.

„Денешниот настан е значаен од два аспекта. Првиот е што со овој градежен зафат го затвораме поглавјето во општина Кисела Вода одбележано со недостиг од фекална канализација во 21 век. Во општина Кисела Вода повеќе ќе нема цели населби со септички јами за што сите ќе се согласиме дека е голем срам што тоа не било приоритет на кое било претходно раководство.
Вториот аспект е што жителите на Стаклара, како и огромен број бизнис-ентитети, чија дејност се одвива токму тука, ќе добијат нешто што го бараа 50 години и секогаш добиваа одговор дека е невозможно. Се работи за 500 семејства и над 60 економски оператори, што значи дека овој капитален проект ќе има долгорочен позитивен ефект врз економскиот развој на општината. Трасата е долга 4,5 км. 3,5 км од нив се во Каменик 1 и Каменик 2 и уште 1 км од првиот влез во Пинтија до Усјанскиот Канал. Денес, почнуваме со изградба на фекалната мрежа, а напролет и со водоводната. Поголемиот дел од средствата е веќе обезбеден. Исто така, сакам да назначам дека по изградбата на фекалната и водоводната мрежа во Стаклара, целата траса ќе биде и асфалтирана, со што проектот ќе биде заокружен во целост“, истакна градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре посебен сообраќаен режим во Скопје поради протестниот марш „Стоп за Цементара“
Утре, со почеток во 12:00 часот ќе се одржи протестен марш „Стоп за Цементара“ со траса на движење од пред Влада на РСМ на булеварот „Илинден“, десно по булеварот „ВМРО“, во продолжение по улицата „Васил Главинов“, лево по улицата „Димитрие Чуповски“, во продолжение по улицата „11-ти Октомври“ до пред Собрание на РСМ и лево по улицата „Филип 2-ри Македонски“ до пред Министерство за животна средина во Скопје.
Од тие причини Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот во централното градско подрачје на град Скопје.
„Апелираме до сите граѓани учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите кои ќе ги даваат полициските службеници“, велат од МВР.
Македонија
Делови од Шуто Оризари и Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека денеска без електрична енегија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 15.00 часот, дел од корисниците од улицата Македонско Косовска Бригада лоцирани спрема подвозникот кај Визбегово, како и дел од корисниците од улицата Индира Ганди, лоцирани покрај пруга кај подвозникот, општина Шуто Оризари;
– во периодот од 09.00 до 15.30 часот, дел од корисниците од улицата Фјодор Достоевски, општина Карпош.
Македонија
Без вода денеска објектите на хотел Континентал и Ист Гејт
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради промена на затворач на булеварот Александар Македонски бб (кај Континентал), прекинато водоснабдување ќе имаат објектите на хотел Континентал и Ист Гејт.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.

