Македонија
„Мицкоски го почна тендерот за „Чебрен“ – СДС го заврши“, велат од Левицата
„Периодов се потврди дека енергетската визија на коалицијата СДС – ДПМНЕ во однос на приватниот капитал воопшто нема никаква разлика. Откако енергетската заедница силно се спротистави на скандалозната продажба на Чебрен, Мицкоски ретерираше од својот поранешен став како директор на АД ЕЛЕМ и изјави дека државата треба да го гради овој стратешки проект“, соопшти Левица.
„Овој став е дијаметрално спротивен од времето кога Мицкоски беше генерален директор на АД ЕЛЕМ, кога тој во неколку наврати распиша тендер за концесионер за изградба на хидроцентралите „Чебрен“ и „Галиште“. Доколку ставот на Мицкоски е државата да ги гради овие хидроцентрали, зошто ваквата реализација не ја спровел додека директорувал со ЕЛЕМ, туку распишувал тендер за истата?!
Деновиве сведочиме дека единствената разлика во ставовите на СДС и ДПМНЕ е дали ХЕЦ Тиквеш да се отстапи на грчката компанија веднаш по потпишувањето на договорот за јавно-приватно партнерство или три месеци по завршувањето на изградбата на ХЕЦ Чебрен“, соопштија од партијата Левица.
„Во неодамнешната реакција на СДС е наведено дека доколку ХЕЦ Тиквеш се отстапи на грчката компанија три месеци по изградбата на ХЕЦ Чебрен, тогаш Македонија за период од 6 години ќе заштеди 100 милиони евра. Со ова, СДС ја потврдува теоријата на Левица дека ХЕЦ Тиквеш во ЕСМ внесува 100 милиони евра за период од 6 години, а за 60 години само ХЕЦ Тиквеш ќе ја исплати изградбата на ХЕЦ Чебрен во вредност од една милијарда евра. Злосторничкиот договор за јавно-приватно партнерство на Грците ќе им овозможи гратис 67% од вредноста на ХЕЦ Чебрен за период од 60 години.
Левица, како единствена партија која не е во спрега со олигархијата, најостро се спротиставува на склучувањето на договор за јавно-приватно партнерство со грчката компанија за изградба на Чебрен и за отстапување на ХЕЦ Тиквеш во период од 60 години. Македонија може и мора сама, со сопствени средства, да ја изгради ХЕЦ Чебрен, со оглед на фактот дека изградбата на овој потенцијал ќе ја чини државата исто колку изградбата на корумпираниот проект „Коридор 8”. Еден од условите на Левица за влез во Влада е раскинување на штетниот договор со концесионерот и поведување постапка за утврдување на кривична одговорност против сите учесници во склучувањето на овој штетен договор“, се додава во соопштението на Левица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре сончево со мала до умерена облачност, викендот постудено со локални слаби врнежи од дожд и снег
Времето утре, ќе биде сончево со мала до умерена облачност. По одделни котлини во утринските часови ќе има услови за појава на магла. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -6 до 1, а максималната ќе достигне од 6 до 13 степени.
Во Скопје, ќе биде сончево и тивко со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до -4, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Во деновите од викендот ќе преовладува променливо облачно и постудено време со локални слаби врнежи од дожд и снег во пониските и снег на повисоките места и на планините.
Дневната температура ќе има тенденција на опаѓање. Потоа до средината на следната седмица времето ќе биде стабилно и суво.
Македонија
Утре без вода дел од општина Центар
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека утре ( петок ) поради изведувзње на водоводен уличен дефект Ф200мм. на улица Димитар Чуповски 27 (позади гимназијата Јосип Брос Тито), со прекинато водоснабдување ќе бидат дел од корисниците на улицата Димитрие Чуповски и Мито Хаџивасилев Јасмин.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување на работните активности.(општина Центар)
Македонија
Претреси на повеќе локации поради сомнежи за даночна измама од поголеми размери
Од попладнево, под раководство на јавен обвинител од Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), истражители од истото обвинителство, со асистенција на полициски службеници од МВР, вршат претреси на повеќе локации низ државата.
Како што наведува ОЈО ГОКК, се обезбедуваат лица осомничени за злосторничко здружување, перење пари, даночна измама и даночно затајување од поголеми размери. Oд она што досега е познато, вклучени се и вработени во Управата за јавни приходи.
Повеќе информации се најавени во текот на денот.

