Македонија
Петровска за министерскиот состанок на САД – Јадранската повелба: Земјите од А5 се амбициозни и посветени интензивно да соработуваат и заедно да ја зацврстат регионалната безбедност и стабилност
Министерката за одбрана, Славјанка Петровска, и шефовите на делегациите на земјите членки на САД – Јадранската повелба, денеска, по министерскиот состанок, потпишаа заедничка изјава во која се обврзаа на засилена соработка со цел зацврстување на регионалната безбедност и стабилност.
„Успешноста на А5-иницијативата се должи токму на тоа што четири од петте земји членки веќе станаа членки на НАТО и активно придонесуваат кон колективната безбедност и безбедноста на регионот. Токму затоа и денеска се обврзавме дека земјите од иницијативата А5 ќе продолжат да ги поддржуваат сите регионални аспиранти на својот пат кон целосна евро-атлантска интеграција зашто сите ние цврсто веруваме дека политиката на отворени врати лежи во основните принципи на НАТО и на А5-иницијативата“, истакна министерката за одбрана, Славјанка Петровска, на денешната прес-конференција по состанокот на министерскиот состанок на САД – Јадранската повелба во Скопје.
Петровска потенцира дека заеднички став на земјите од А5 е дека политиката на отворени врати останува зашто таа е многу важен инструмент за зацврстување на регионалната соработка и безбедност.
„Во заедничката изјава се согласивме дека продолжуваме да ги поддржуваме барањата на земјите набљудувачи за членство во оваа иницијатива, се разбира, доколку тие сакаат да бидат дел од овој форум и се подготвени да придонесат за мирот и безбедноста во согласност со принципите на А5-иницијативата“, рече Петровска.
Министерката го изнесе заедничкиот став дека досега преку оваа иницијатива регионот постигна многу, со уверување дека преку постојана заемна поддршка и соработка може да се постигнат заедничките цели за постабилен и безбеден регион.
Петровска се заблагодари за континуираната поддршка и лидерство од страна на Соединетите Американски Држави и сојузниците во заокружувањето на евро-атлантските аспирации на земјите од регионот и порача дека за зацврстување на безбедноста мора да се интензивира регионалната соработка.
„Размената на информации ќе ни овозможи заеднички да се одбраниме од влијанието на трети страни, кое може да ја поткопа нашата регионална стабилност“, истакна министерката и додаде дека земјите членки успешно ги реализираат заедничките активности, вклучително и поддршката на НАТО-мисијата во Ирак.
Министерката информира дека земјите од А5 едногласно ја осудуваат неиспровоцираната агресија врз Украина, која е закана за глобалниот, европскиот и за регионалниот мир и безбедност.
„Остануваме посветени на нашата поддршка на Украина, која има полно право да ја одбрани својата територијална независност и сувереност“, рече министерката.
Помошничката на секретарот за одбрана на САД, Селест Валандер, изрази благодарност до Северна Македонија за организацијата на овој министерски состанок и порача дека силата на А5-иницијативата не се мери во зборови, туку во дела. САД целосно ја поддржуваат политиката на отворени врати, рече Валандер, и додаде дека САД се гордеат на силната врска што ја имаат со земјите од САД – Јадранската повелба.
„Секој чекор што го правиме заедно е исчекор за свет во кој мирот не е само аспирација, туку реалност за целата глобална заедница“, рече Валандер.
Помошничката на секретарот за одбрана на САД се осврна и руската агресија врз Украина за што рече дека сите земји членки на А5 се едно во својата одлучност дека активности како оние што ги гледаме во Украина не може да ја обликуваат нашата иднина. Стоиме заедно со украинскиот народ потврдувајќи дека нивната борба не е само за територии, туку за вредности што сите ние ги цениме и чуваме.
На министерскиот состанок, покрај министерката Петровска и помошничката на секретарот за одбрана на САД, Селест Валандер, учествуваа и министерот за одбрана на Црна Гора – Драган Краповиќ, министерот за одбрана на Албанија – Нико Пелеши, заменик-министерот за одбрана на Босна и Херцеговина – Славен Галиќ и Игор Габриќ – раководител за меѓународна безбедносна и одбранбена соработка во Министерството за одбрана на Хрватска. Во својство на набљудувачи на состанокот учествуваа и Ејуп Маќедонци, министер за одбрана на Косово, Немања Старовиќ, државен секретар во Министерство за одбрана на Србија, и Алјоша Селан, заменик-генерален директор во Министерство за одбрана на Словенија.
Претседателствувањето со САД – Јадранската повелба во 2024 година го презема Албанија, каде што ќе се одржи и следниот министерски состанок.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Поради јазични бариери одложено продолжението на конститутивната седница на работната група за реформи во изборното законодавство, кажа Филков
Поради технички причини денешната конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство беше одложена за следната недела. Министерот за правда Игор Филков изјави дека членовите на работната група не се впуштиле во материјална расправа затоа што прво треба да се утврди дневниот ред.
,,Иако денес требаше да биде одржана првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборно законодавство на која требаше да се избере претседател, како и да се донесе предлог-деловник за утврдување на методологијата и динамиката на работење, сепак тоа не се случи поради одредени јазични бариери. Од дел од присутните претставници на политичките партии беше побарано материјалите да бидат преведени за полесно да можат да се разберат’’, рече Филков.
Филков се надева дека следната недела членовите ќе се усогласат за термин , ќе се избере претседател на работната група и ќе се отпочне со работа каде што сите ќе имаат можност да ги дадат своите предлози и сугестии за реформите во изборното законодавство.
Македонија
Сиљановска-Давкова-Грлиќ Радман: потврдена подготвеноста на Хрватска да придонесе кон забрзување на македонскиот евроинтеграциски процес
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими Гордан Грлиќ Радман, министер за надворешни и европски работи на Република Хрватска, кој престојува во официјална посета на земјава.
Обајцата го потврдија цврстото македонско-хрватско пријателство коешто двете земји го негуваат повеќе од 3 децении, втемелено на взаемна почит и разбирање и реализирано низ политички дијалог и конструктивна соработка.
Претседателката искажа искрена благодарност за хрватското отворено и континуирано разбирање и поддршка на македонската интеграција, како и на принципиелниот став на Хрватска дека проширувањето на Унијата со Западен Балкан треба да се темели на реални заслуги, без билатерализација и вето.
Министерот Радман ја потврди подготвеноста на неговата држава да придонесе кон забрзување на македонскиот евроинтеграциски процес во рамките на Копенхашките критериуми, потенцирајќи дека македонската држава доби статус на кандидат за членство во ЕУ во март 2005 година, односно неколку месеци пред Хрватска.
Соговорниците очекуваат дека партнерството дополнително ќе се зајакне со Договорот за стратешка соработка со Владата на Република Хрватска, како и со претстојната официјална посета на Претседателката Сиљановска-Давкова на пријателска Хрватска, кон крајот на март.
Македонија
Уапсен тетовец: осомничен за лажни дојави за поставени бомби во образовни институции
Утрово во 09:10 часот во с.Палатица, тетовско, полициски службеници од одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при Министерството за внатрешни работи во координација со полициски службеници од СВР Тетово го лишиле од слобода М.Р.(18) од село Палатица.
Тој се сомничи дека во повеќе наврати испраќал електронски пораки на повеќе образовни институции во Тетово дека во институциите има поставено експлозивни направи.
Полицијата соопшти дека по преземени мерки и извршени проверки е констатирано дека сите дојави за поставени бомби биле лажни.
Денеска, со сдуска наредба, бил извршен и претрес во неговиот дом во селото, при што биле одземени повеќе електронски уреди.
Лицето било приведено во полициска станица и по целосно расчистување и документирање на случаите, во координација со јавен обвинител против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

