Македонија
Меџити: Здравствениот дом во Куманово доби современи услови за работа, кои ќе го подобрат квалитетот на здравствената заштита

Министерот за здравство д-р Фатмир Меџити денеска го посети Здравствениот дом во Куманово, каде што заврши процесот на реновирање, со цел обезбедување современи услови за работа какви што пациентите и здравствените работници заслужуваат.
„Денеска сум во посета на Куманово, каде што се реализирани повеќе реновирања. Извршена е замена на прозорци, монтажа на централно греење, опремени се со нов мебел брзата помош и детскиот оддел, а стоматолошката амбуланта има нови работни столови. Заменети се покривите и на амбулантата ‘Тоде Мендол; која е дел од Здравствениот дом во Куманово“, соопшти Меџити.
Во текот на посетата Меџити информира дека Здравствениот дом доби и нови апарати за ЕКГ, аудиометар и апарат за офталмолошки скрининг, на кој ќе се вршат проверки за способност за гледање кандидати за возачки дозволи, вработувања, едукација и систематски прегледи.
Процесот на реновирање, кој значајно ќе го подобри квалитетот на здравствената заштита, која Здравствниот дом Куманово ја обезбедува, траеше една година, а инвестицијата е над 11,3 милиони денари, соопшти МЗ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Трајно одземање на возилата за пијани и дрогирани возачи кои дивеат низ улиците – нови ригорозни мерки

Со новите измени на Законот за безбедност во сообраќајот, Законот за прекршоци и Кривичниот законик, на најнеодговорните учесници во сообраќајот – како што се лицата кои возат без возачка дозвола, под дејство на алкохол или дроги, и оние што управуваат со екстремна брзина – ќе им биде одземано возилото трајно. Ова е првпат ваква мерка да се воведе во Македонија.
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, кој ја сподели информацијата, истакна дека нема да има зголемување на глобите, но новите санкции ќе бидат далеку поригорозни. Освен конфискација на возилото, со измените на Кривичниот законик, секое безобѕирно управување ќе резултира и со задолжителна затворска или условна казна, покрај паричната.
„На човек без возачка дозвола, под дејство на дроги и алкохол, не смее да му се дозволи да биде дел од сообраќајот“, рече Тошковски.
Додаде дека на таквите возачи, ќе им ги одземат возилата и ќе бидат донирани на институции, кои потоа ќе ги стават во функција на сите граѓани.
Македонија
За распишување на изборите Гаши ќе го чека последниот рок поради краткото време за избор на омбудсман и претседател на ДКСК

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, нема да брза да ги распише локалните избори, кои треба да се одржат оваа есен оти сѐ уште не се избрани нов народен правобранител и нов претседател на Државната комисија за спречување корупција откога досегашниот омбудсман се пензионира, а досегашната претседателка на ДКСК поднесе оставка.
„Најавивме дека сме во едно кратко време во врска со изборот на народниот правобранител и на претседателот на ДКСК. Ќе гледаме да ги распишеме изборите до крајниот датум, до кој законски сме обврзани. Ќе чекаме до крај за секој ден да го употребиме во насока на реализација на овие две цели“, рече претседателот на Собранието, Гаши.
Доколку договорен датум за изборите е 19 октомври, како што најави премиерот Христијан Мицкоски, Собранието треба да ги распише најдоцна до 10 август кога истекува законски најкусиот рок до изборите од 70 дена. Собранието може да ги распише изборите 70-90 дена пред договорениот датум.
За помалку од десет дена Собранието ќе се обиде да најде решение за испразнетите места на нардониот правобранител и на претседателот на ДКСК. Претседателот Гаши рече дека законските одредби не прецизираат докрај дали во период на распишани избори може да се врши изборот на народниот правобранител и на претседателот на ДКСК. Во овие неколку дена до распишувањето на изборите Гаши најави дека ќе се трудат да завршат што е можно повеќе од предвидените процедури за испразнетите места во институциите и рече дека е спремен да ги намали роковите колку што може за овие две институции да не останат обезглавени.
Македонија
Мицкоски: Eрес беше да се спомене македонски идентитет во време на претходната власт

На денешната седница во Собранието посветена на пратенички прашања премиерот Христијан Мицкоски со свој коментар за актуелните позиции во меѓународните односи.
Мицкоски при одговорот на пратеничкото прашање поставено од страна на пратеникот Трајчулевски од СДСМ потсети дека негаторските позиции за македонскиот идентитет и јазик не се новина во некои кругови во Бугарија и тие постојат уште од создавањето на бугарската држава до денес.
„Нема да ве вратам во времето на Батемберг, во времето на егзархот Јосиф, како се обидувале да го асимилираат овој дел. Дошле и до вашето Крушево. Но, не успеале. Потрошиле два буџета, но не успеале. Но, тоа што го правеле, а потоа го продолжил Тодор Живков, вие го прифативте. Вие ли сега најдовте да ми кажувате? Тоа што не му успеало на Батемберг преку Јосиф, преку оваа асимилаторска на Сталин, на комунистичкото раководство на Социјалистичка Бугарија, преку Тодор Живков, вие се прифативте. И, да, тешко е, преку ноќ не можеме за една година да го смениме, но ќе работиме да го менуваме. Бидете трпеливи. Во ваше време беше ерес да се спомене македонски идентитет и јазик во извештај. Вие прифативте доброволно потпишувајќи го, лажејќи тука во парламентот, да ги асимилирате Македонците. Ние тоа нема да го правиме. Ние тоа ќе го исправиме. Бидете трпеливи“, одговори Мицкоски.