Македонија
„Обвинителството и власта два месеца ја штитат канцер-мафијата, која правела милиони на грбот на пациентите на Онкологија“, велат од ВМРО-ДПМНЕ
„Два месеца поминуваат, а Обвинителството на Јовевски и Абази абер нема од предистрага да почне со истрага, а камоли да обвини некого за грозоморниот скандал ‘Диво месо’ на Клиниката за онкологија. Со одолжувањето на постапката, наместо да излезе со конкретни виновници, го валка белиот мантил на сите вработени на Онкологија, па дури и на сите здравствени работници“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
„Предупредувавме дека институциите работат на тоа и случајот на Онкологија да се затвори по принципот „кабелот е крив“ и според досегашните постапки се движат во таа насока.
Постојат основани сомнежи дека Обвинителството и власта работат на тоа да ја заштитат канцер мафијата која правела милиони на грбот на најтешко болните во Македонија. Никој не излегува со објаснување како е возможно да се натрупа толкав долг на клиниката со скапата терапија која ја набавувале од омилената веледрогерија на власта, а во исто време пациентите да имале недостатоци на терапија? Никој не ги поби тврдењата на семејства на пациенти кои велат дека на клиниката наместо лекови биле давани обични физиолошки раствори, а терапијата била препродавана на црниот пазар? Никој не објаснува зошто на клиниката нема протоколи, зошто не се водела евиденција, зошто бил исклучен КАТО системот, и зошто нема информација каде завршувале скапите лекови кои биле давани во кесичка да се аплицираат надвор од клиниката.
Сите овие прашања сега остануваат неодговорени затоа што некој пробува да ја спаси канцер мафијата. Но доаѓа време на промени и целиот овој случај ќе биде истражен и за истиот ќе има сериозна кривична одговорност“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Денес свечено примопредавање на претседателската функција
Во Кабинетот на претседателот денес ќе се одржи официјална церемонија на примопредавање на функцијата Претседател со највисоки државни и воени почести.
По свечената церемонија новоизбраната претседателка Гордана Силјановска Давкова и досегашниот претседател Стево Пендаровски чијшто мандат истекува денес, предвидено е да остварат тет-а-тет средба.
Државната изборна комисија вчера и’ го издаде уверението за избран претседател на Гордана Силјановска-Давкова. Во текот на денешниот ден таа пред пратениците во Собранието ќе даде свечена изјава.
Скопје
Посебен режим на сообраќај во Скопје
СВР Скопје ги известува граѓаните на Скопје дека од 08.30 часот до 10.30 часот, поради одржување на улична трка, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај и тоа по сообраќајниците по кои ќе се движат натпреварувачите, кои имаат стартна позиција на бул.„Илинден“–локација Фонтана, ќе се движат по бул.„Илинден“ до крстосница со ул.„Никола Парапунов“, потоа до крстосница со бул.„Партизански одреди“, десно (кон населба Ѓорче Петров) до мостот Влајко, каде што вртат полукружно и назад по истиот коловоз до крстосницата со ул.„Љубљанска“, каде вртат полукружно и по истиот коловоз се враќаат назад на ул.„Никола Парапунов“ и по бул.„Илинден“ до целта на локација Фонтана на бул.„Илинден“.
СВР Скопје апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците каде што ќе се одвива настанот.
Македонија
Сончево време, попладне со зголемена облачност и температура до 26 степени
Времето претпладне ќе биде сончево со умерена облачност. Попладне наместа ќе има зголемена облачност со краткотраен пороен дожд и услови за ретки грмежи. Ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 5 до 11, а максималната ќе достигне од 19 до 26 степени.
Во Скопје сончево со умерена, а попладне зголемена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 9, а максималната ќе достигне до 24 степени, јавува УХМР.
Во следните денови времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Во попладневните часови ќе има локална појава на нестабилна облачност со пороен дожд и грмежи, особено во вторник, кога дневните температури ќе опаднат за неколку степени.