Економија
АППТ: Oчекувањата до 2025 година се значителен раст на македонскиот туризам и зголемување од 50 отсто на ноќевања и гости од земјите на „Отворен Балкан“
Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот и оваа година има значајна улога во презентација на македонските туристички потенцијали на саемот „Винска визија на ‘Отворен Балкан’ – вино, храна и туризам“, кој се одржува од 16 до 19 ноември во Белград, Република Србија.
„Резултатите на ‘Отворен Балкан’ се видливи на полето на туризмот преку годинешните постигнувања во туристичкиот сектор, кој е во раст не само помеѓу трите земји, Северна Македонија, Србија и Албанија, туку и поединечно во споредба со другите земји во регионот и Европа. Македонскиот туристички сектор сѐ повеќе се фокусира на промоција и понуда на eно-гастро концептот создавајки уникатни искуства во винските региони, семејните винарници и традиционалната храна. Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот во стратешкото планирање за следните две години предвиде повеќе проекти на ова поле, со патно означување на винските патишта, изработка на винска туристичка мапа и дигитални алатки преку кои ќе мотивираме повеќе туристи да дознаат за традицијата, историјата и македонските вина“, потенцира директорот на Агенцијата за туризам, д-р Љупчо Јаневски.

Годинешната промоција на саемот ‘Винска визија на Отворен Балкан’ од страна на АППТ, покрај концептот базиран на новото туристичко лого Taste Life, е збогатена со резбарскиот, филигранскиот занает како дел од историското и културното наследство, а техниките се презентираат од врвните мајстори на широката публика на оваа саемска манифестација. Саемот ‘Винска визија на Отворен Балкан’ е одлична можност за дополнителна промоција пред потенцијалните туристи од регионот и задржување на позитивните резултати од 2023 година и во наредниот период. Македонскиот туристички сектор во првите девет месеци од 2023 година оствари 2.700.000 ноќевања, конкретно учеството на српските ноќевања од вкупниот број странски туристички ноќевања остварени во државава е 10 %, што е одличен показател за значењето на српскиот туристички пазар. Преостануваат уште три месеци од оваа година за постигнување на целта од 3,2 милиони ноќевања и повеќе од 530 милиони долари туристички промет.
Концептот на ‘Отворен Балкан’ е со реални можности за сите држави што ја споделуваат оваа економска визија, која ќе создаде конкурентна дестинација во многу аспекти од туристичката индустрија. Агенцијата за туризам продолжува со туристичка соработка, реализација на информативни патувања, обележување и создавање вински патишта, аплицирање на ИПА-проекти, со фокусирана медиумска кампања и промоција на ено-гастро концептот во рамките на регионот и очекува до 2025 година зголемување од 50 % на гостите и ноќевањата од земјите на ‘Отворен Балкан’“, се вели во соопштението на Агенцијата за туризам.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
За една година поскапеа и кафаните: угостителските услуги зголемени за 3,5 проценти
Цените на угостителските услуги во декември 2025 година се зголемени за 3,5 проценти во споредба со истиот месец лани, покажуваат податоците на Државен завод за статистика.
На годишно ниво, односно во периодот јануари – декември 2025 година во однос на истиот период од 2024 година, угостителските услуги се поскапени за 4,8 проценти.
Истовремено, статистиката покажува дека во декември нема промени во однос на претходниот месец. Цените на угостителските услуги останале на исто ниво како и во ноември 2025 година.

Фото: unsplash
Економија
МФ: Пласирани над 224 милиони евра за поддршка на инвестиции кон компаниите, исплатена нова транша од Буџетот кон Развојната банка
Министерството за финансии од Буџетот изврши исплата нова транша во вредност од 424,9 милиони денари или 6,9 милиони евра кон Развојната банка за поддршка на домашните компании.
Со исплатата на оваа транша вкупната поддршка на државата кон домашната економија изнесува 13,8 милјарди денари или 224,3 милиони евра од вкупно планираните 250 милиони евра за поддршка на домашните компании, велат од Министерството за финансии.
„Владата ги обезбеди овие средства преку кредитна линија од Унгарската експорт-импорт банка со цел поддршка на домашната економија. Поддршката се состои од пласман на средства по поволни услови за компаниите во насока на реализација на приватните инвестиции, со што тие ќе обезбедат сопствен развој и поттикнување на економскиот раст. Средствата се пласираат до крајните корисници преку деловните банки, каматната стапка е 1,95% годишно, рокот на отплата е до 15 години и грејс период до 3 години.
Вкупниот буџет за поддршка на домашните компании предвидени во Буџетот изнесува 250 милиони евра, а вредноста на инвестицискиот циклус се проценува на околу 300 милиони евра“, се додава во соопштението на Министерството за финансии.
Економија
Мицкоски најави построги казни за супермаркетите што го кршат законот: „Ако така продолжат, ќе мора да стават клуч на врата“
Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека годишната инфлација ќе се движи околу четири проценти, најавувајќи засилени инспекциски контроли и законски измени со значително повисоки казни за трговските ланци што ги прекршуваат правилата за нефер трговски практики.
Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски изјави дека ваквите проекции за инфлацијата се присутни веќе со месеци и дека Владата активно делува преку зачестени контроли на инспекциските служби.
„Ќе предложиме законски измени со многу поголеми казни за сите ланци на супермаркети коишто го изигруваат законот за нефер трговски практики. За некои од ланците веќе имаме докази и мислам дека ако така продолжат, ќе мора клуч да стават на врата“, изјави премиерот.

