Економија
Битиќи: Северна Македонија е единствена во регионот и Европа со пад на цените на храна од 4,36 отсто

Поради енергетската криза, како и војната во Украина, растат цените на храната на светските пазари, што се отсликува со зголемени цени на прехранбените производи и зголемена инфлација во регионот и Европа, вели вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи.
Според него, навремено преземените мерки на Владата, како замрзнување на трговски маржи во трговијата, намалување на стапката на ДДВ од 10 на 5 % кај основните прехранбени производи, субвенционирањето на електричната енергија на производителите на прехранбени производи, како и замрзнувањето на цените на основните производи во маркетите, кои се со гарантирана цена, даваат реални резултати.
„Поради сето ова, во октомври имавме пад на инфлацијата на 3,5 % од рекордните 19,8 отсто во октомври минатата година. А денеска угледната веб-страница www.tradingeconomics.com забележува дека Северна Македонија е единствена во регионот и Европа со пад на цените на храната од 4,36 %.
За споредба, во непосредното опкружување и регионот Србија бележи раст на цените на храната од 10,5 %, Албанија 7,8 %, Бугарија 7,6 %, Грција 9,93 %, Косово 3,9 %, Црна Гора 3,8 %, Хрватска 8,7 %, Романија 8,66 %, Босна и Херцеговина 6,24 %, Турција 71,99 %, Словенија 7,32 %“, нагласува тој.
Ова, како што додава, е уште една потврда дека оваа Влада се грижи за граѓаните и граѓанките на оваа земја и дека прави максимални напори во борбата со растечките цени на храната на светските пазари со цел да го заштити животниот стандард и во исто време да го унапреди преку константно зголемување на пензиите и на минималната плата, истовремено креирајќи поволна и предвидлива бизнис-клима, каде што растот на платите во приватниот сектор ќе продолжи и понатаму.
Дополнително, оценува дека со носење на новиот закон за нефер трговски практики, ќе се ограничат појавите на волунтаристички и неетички бизнис-практики, кои дополнително ќе ги заштитат граѓаните, објави Битиќи на социјалните мрежи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
„Поддршка за нови енергетски проекти и зајакнување на стратешкото планирање“: средба Божиновска со Клаус Милер од КфВ банка

Во рамките на ESG Adria Summit 2025, што се одржува во Тиват, Република Црна Гора, министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, заедно со директорот за финансии на АД ЕСМ Иван Стојановски, оствари работна средба со Клаус Милер, директор на КфВ банка за Југоисточна Европа и Турција.
Средбата беше фокусирана на напредокот и понатамошната реализација на неколку стратешки проекти: втората фаза од ветерниот парк Богданци, фотонапонската електрана „Битола 2“, како и третата фаза од ревитализацијата на големите хидроелектрани.
„Овие проекти не само што го зголемуваат домашното производство на електрична енергија, туку и го зајакнуваат целиот енергетски систем на државата. Партнерството со КфВ банката е значаен поттик за трансформацијата кон одржлива енергетика“, истакна министерката Божиновска.
Посебно внимание беше посветено на нови иницијативи за техничка помош насочена кон унапредување на интерните капацитети на АД ЕСМ, за среднорочно и стратешко планирање, со акцент на инвестициските проекти. КфВ банката потврди дека останува стратешки партнер и дека ќе продолжи со поддршка за нови проекти, меѓу кои се и фотонапонската електрана „Битола 3“ и други инвестиции во обновливи извори на енергија, соопшти Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.
Проектите што се реализираат со поддршка од КфВ директно придонесуваат за збогатување на портфолиото од обновливи извори на енергија во Република Македонија, како и за долгорочна енергетска стабилност и сигурност.
Економија
Трговијата меѓу САД и Кина може да падне за 466 милијарди долари, предупреди Светската трговска организација

Поради се позатегнатите односи меѓу двете најголеми светски економии, трговијата меѓу САД и Кина може да се намали за дури 80 отсто, предупредува Светската трговска организација (СТО). Според минатогодишните податоци, двете земји размениле стоки во вредност од 582,5 милијарди долари, што значи дека потенцијалниот пад на трговската размена би изнесувал околу 466 милијарди долари.
„Таквата постојана конкуренција и одмазднички мерки меѓу САД и Кина – кои заедно сочинуваат околу 3 проценти од светската трговија – имаат далекусежни последици што може сериозно да ги загрозат глобалните економски изгледи“, рече шефот на СТО, Нгози Оконџо-Ивеала. Таа особено посочи дека во конфликтот меѓу двете економски сили, најмногу може да настрадаат посиромашните земји, кои се поранливи на нарушувања во глобалната трговија.
„Ако дојде до поделба на светската економија на два спротивставени блока, долгорочно би можеле да бидеме сведоци на пад на глобалниот БДП од речиси 7 отсто“, предупреди Оконџо-Ивеала.
Во меѓувреме, повеќе од 166 членки на СТО ја повикуваат организацијата поодлучно да ги брани правилата на светската трговија. Во исто време, Кина поднесе нова жалба против американските царини во Женева оваа недела, што предизвика нова фаза од правниот спор во рамките на СТО.
Економија
Скок на берзите по објавата на Трамп за стопирање на царините

Берзите силно растат по објавата на претседателот на САД, Доналд Трамп, за стопирање на царините.
Брз поглед на тоа како некои клучни индекси на Волстрит пораснале:
Dow Jones порасна за 5,76 отсто
S&P 500 порасна за 6,46 отсто
Nasdaq порасна за 8,04 отсто
Од вчерашното затворање на пазарот, омпаниите од S&P 500 изгубија пазарна вредност од 5,8 трилиони долари од објавувањето на тарифите на Трамп минатата среда. Тоа е најдлабоката загуба од четири дена од основањето на индексот во 1950-тите, според податоците на „ЛСЕГ“.